„Филм.мкд“, press release

Почитувани,

Ве информираме дека денеска од печат излезе книгата „ФИЛМ.МКД” на Игор Анѓелков, како јубилејна, десетта книга во есеистичката едиција на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Се работи за преглед на македонскиот филм во новиот милениум низ интервјуа со режисерите на филмовите кои авторот на книгата ги направи од 2003 до 2014 година, период кога во етерот се емитуваше неговата авторска емисија, филмскиот магазин “Филмополис”. Книгата е надополнета и со осврти и рецензии кон македонските филмови, објавувани во дневни весници и неделници со кои Анѓелков соработувал во споменатиот период.

Книгата „ФИЛМ.МКД” на Игор Анѓелков е едно од оние изданија кое недостасува во домашната издавачка дејност, особено доколку зборуваме за литературата поврзана со филмската уметност. Неговиот медиумски ангажман во изминатите 17 години е од непроценливо значење, и токму неговата работа во телевизијата, радиото, печатот, му овозможи на врвен професионален начин да ги проследи сите случувања во домашната кинематографија, низ безброј интервјуа и рецензии кои благовремено беа изведени пред судот на јавноста. Токму таа негова работа на полето на Седмата уметност тој успеал да ја сублимира и во неговата книга „ФИЛМ.МКД”, која ќе остане како тестамент за следните генерации при нивното интересирање и истражување во однос на случувањата во македонската кинематографија на почетокот од 21 век.

„ФИЛМ.МКД” хронолошки ги проследува снимањата и премиерите на речиси сите македонските целовечерни македонски остварувања во овој милениум, низ луцидни интервјуа со авторите на истите, но и со пошироката филмска екипа која учествува во реализација на филмските проекти. За целосно заокружување на впечатокот, авторот на крајот од секое поглавје посветено на одреден македонски филм ја приложува и својата рецензија за филмското дело, така збогатувајќи го впечатокот и создавајќи слика за приликите во кои се снимал и создал филмот, кој потоа станал дел од македонската филмска историја.

Да потсетиме дека  во изминатите 15 години во Македонија, со поддршка на Филмскиот фонд, сегашната Агенција за филм, се снимија остварувања како никогаш досега, сите од различна жанровска провиниенција, создавајќи сосема нова димензија во домашната кинематографија. Како сведок на истите настани, проследувајќи го низ својата емисија Филмополис и низ рецензиите објавени во домашните дневни и неделни весници, Анѓелков е еден вид хроничар на филмските настани, и токму преку неговата книга “ФИЛМ.МКД” тој успева на читателите да им ја пренесе оваа филмска атмосфера и во вид на печатено дело, кое понатаму ќе остане како момент за истражување и потсетување на идните генерации вљубеници во Седмата уметност.

Книгата на Анѓелков веќе е во продажба во книжарницата ИЛИ-ИЛИ, а од следната недела ќе може да се најде и во останатите скопски книжарници.

За авторот

Игор Анѓелков (1974) магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година. Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“… „Филм.мкд“ е негова прва теориска книга, по збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).

За книгата

Конципирајќи ја книгата со мешавина од интервјуа и рецензии низ кои прави пресек токму на филмот во Македонија во новиот милениум, Анѓелков успева да проникне во филмската приказна на овие простори, создавајќи дело кое од една страна фактографски го проследува филмот во Македонија во 21. век низ сведоштва на директните протагонисти во приказната, а од друга страна истото претставува документ-тестамент за едно време во кое филмската уметност кај нас создаде дела кои од различен агол зборуваат за тешката транзиција, но и нè навраќаат во некои минати времиња, препрочитувајќи ја историјата на автентичен, авторски начин. Имајќи го предвид горенаведеното, сметам дека вакви филмолошки изданија се еден од клучните сегменти за развој на филмската култура, а воедно се потребни и за генерациите кои во иднина ќе го проучуваат македонскиот филм и историјата на македонската кинематографија.

м-р Мими Ѓоргоска Илиевска

Срдечно,

издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *