16. Меѓународен фестивал на документарен филм „ЗагребДокс“

По минатогодишното деби во септември како член на ФИПРЕСЦИ жирито на Интернационалниот фестивал на кратки филмови во Драма, Грција, набргу стигна и втората селекција, овој пат како член на жирито на угледниот Меѓународниот фестивал на документарен филм „ЗагребДокс“, кој беше закажан од 15 до 22 март. Меѓутоа, знаеме што се случи токму на средината на месец март, кој во овој момент се чини толку далеку од нас. Вредните организатори мудро ја чекаа есента и го поместија одржувањето на фестивалот од 04 до 11 октомври. На мејлот дали останувам член на жирито секако дека одговорив позитивно, иако желбата да го истражам Загреб во несудените седум фестивалски денови, освен што ќе гледав добри филмови, ќе остане за во иднина. Како и да е, 16. издание на „ЗагребДокс“ ќе се одржи на две локации со редуцирана публика, и веројатно со малку гости, кои претежно ќе се обраќаат од онлајн платформите. Впрочем, како и ФИПРЕСЦИ жирито, во кое заедно со колешките Мирјана Јаковљевиќ од Хрватска и Зане Балчус од Летонија ќе одлучиме кој од 14-те документарни филмови од регионалната конкуренција ја заслужува наградата на најстарото здружение на филмски критичари во светот.  

Програмата на „ЗагребДокс“ нуди еден куп документарни остварувања од сите меридијани. Всушност, организаторите на чело со директорот Ненад Пуховски, на едно место го собрале шлагот на документаристиката од изминатиот период. Меѓународната конкуренција содржи 16 филмови, селекцијата насловена „The Best of the Rest“ содржи еден филм повеќе, дури седумнаесет, а регионалната конкуренција составена од филмови од нашиот „проклет“ Балкан имаше исто толку наслови во трка за наградата, но во меѓувреме отпаднаа два (не знам од кои причини) и ни останаа петнаесет за уживање и проценување. Откако ги изгледав сите (за жал, во домашни услови, а не на сребрениот екран), издвоив шест од нив за кои ќе се борам на онлајн средбите со моите колеги. Во продолжение ви ги претставувам токму тие наслови, со надеж дека ќе имате можност да ги погледнете, бидејќи се работи за исклучителни остварувања кои раскажуваат неверојатни приказни, а за победникот на крајот од фестивалот ќе одвојам поголем, засебен простор. Можеби ќе биде токму еден од овие документарни филмови!?

Нашиот дом во дивината (Acasa, My Home), Radu Ciorniciuc (Романија)

Семејството Еначе, составено од девет деца и нивните родители, осумнаесет години живее во колиба во дивината на „Букурешката делта“ – напуштено поплавено подрачје и едно од најголемите урбани резервати на природата во светот, во чии езерца се кријат стотина животниски видови и ретки растенија. Кога властите ќе одлучат да го уредат тој единствен урбан еко-состав, семејството останува без кров над главата, добивајќи можност да се преселат во куќа во предградието на главниот романски град, кој им е потполно туѓ. Децата, кои до неодамна деновите ги поминувале во природа, мораат да се прилагодат на градскиот живот, и наместо да пливаат, тие одат во училиште, а своите стапови ќе ги заменат со мобители. Нивниот идентитет е ставен на испит, чувството на слобода кое го имале исчезнува, а се менува и односот со родителите. Овој дебитантски филм е одмерена студија на гентрификацијата, набљудувана од перспектива на семејството кое мора да се навикне на новиот живот кој не го барал. Дали е подобро да се вратат во оној „загубен рај“, каде се живее потешко но слободно, или треба да се вклопат во општеството во кое животот е полагоден, но со себе носи притисоци и разделби?


Сидарта (Siddhartha), Damiano Giacomelli, Lorenzo Raponi (Италија)

На работ од лозарскиот крај Купрамонтана, кон крајот на 80-те Фабрицио основал племе со име „Noci sonanti“. Одлучил да живее во контакт со природата и се вселил во старата селска куќа без струја и други цивилизациски благодети, и во која ги прима сите оние кои одлучиле да живеат таков начин на живот. Го запознаваме триесет години подоцна, како 65-годишник, додека го поминува летото со својот деветгодишен син Сидарта. Мајката на детето едно време живеела во комуната, но потоа се преселила во Лигурија каде синот и’ доаѓа во посета на секои два месеци. Летото на детето поминува во подготовки за новата школска година и во игра со другите членови на племето, но и со Софија, деветгодишно девојче кое летува кај дедо и’ кој живее во близина. Со неа Сидарта вкусува еден сосема поинаков начин на живот, и почнува да го става на кантар татковиот начин на живот.

И тогаш се спушта ноќта (Then Comes the Evening), Maja Novaković (Србија)

Овој филм е приказ на горко-слаткиот начин на живот на две бабички кои живеат далеку од градот, на падините на планините во источна Босна. Тие разговараат со природата, ја наслушнуваат и ја почитуваат. Централниот мотив на филмот е секојдневието во допир со природата и топлината во односот меѓу двете баби. Поетичните кадри како да се излезени од релистичното сликарство, а филмот го нагласува и културното наследство на тој крај низ песните и ритуалите за скротување на лошото време, олуите и градот, прикажувајќи го едноставниот и нерасипан секојдневен живот на тие две жени, но и нивната макотрпна работа за да преживеат.


Еуфорија на постоењето (The Euphoria of Being), Réka Szabó (Унгарија)

Унгарката Ева Фахиди како 18-годишна девојка, заедно со семејството, била депортирана во Аушвиц во 1944 година. Таму ги раздвоиле, а по војната дознала дека сите 49 роднини се убиени, вклучувајќи ги и родителите и помладата сестра. Фасцинирана од таа сторија, забележана во мемоарите „The Soul of Things“, режисерката и танчерка Река Сабо ја контактирала Фахида, сега во поодминато доба, и и’ предложила да игра во претставата базирана врз нејзиниот живот, во соработка со популарната млада танчерка Емеса Цухорку. Режисерката го снимила целиот процес, од првата средба на двете протагонистки, преку развојот на танчерската претстава на напорните проби, до премиерната изведба на претставата „Sea lavender od The Euphoria of Being“, а филмот исто така го следи и пријателството кое се развива меѓу трите жени. Во текот на целиот процес сеќавањата на Ева полека оживуваат, и таа, конечно, сега веќе проживувајќи долг живот, прифаќа дека својата траума засекогаш ќе ја носи во себе.


Колектив (Colectiv), Alexander Nanau (Романија)

На 30 октомври 2015 година во ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт изби сериозен пожар. Тоа беше една од најлошите несреќи во поновата романска историја, со страшна бројка од 27 загинати и 180 повредени луѓе. Во следните неколку денови избија жестоки протести кои на крајот ја срушија тогашната Социјалдемократска влада. Режисерот следи неколку клучни фигури во времето по катастрофата, односно од моментот кога дознаваме дека по пожарот починале уште 37 луѓе од бактериска инфекција во болниците. Новинарите открија дека болниците користат разредени дезинфекциски средства. Ги следиме нивните и изјавите на министерот за здравство во привремената технократска влада, како и оние на жртвите на корумпираното здравство во државата која не функционира. Режисерот не му подлегнува на сензационализмот, туку оваа со емоции набиена приказна ја гледа од дистанца, разоткривајќи го мрачното лице на корупцијата кое се’ повеќе ја нагризува неговата земја.


Ќерката на Камора (Daughter of Camorra), Siniša Gačić (Словенија, Италија)

Кристина Пинто, жената која некогаш работела како платен убиец за криминалниот синдикат Камора, по излегувањето од италијанскиот затвор после 24 години во него, се соочува со предизвиците на секојдневниот живот. Недолго по нејзиното пуштање на слобода, на нејзиниот 20 години постар партнер му е дијагностициран рак на плуќата. Кристина наоѓа утеха кај 28-годишната ќерка Кристина, трудејќи се да ги надомести долгите години отсуство од нејзиниот живот. На возраст од 46 години, таа се обидува да го пронајде своето место во улогите на партнерка, мајка и баба.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *