1959: Најважните албуми во џез историјата

Со вдомувањето на последната алка која недостасуваше, албумот „The Shape of Jazz to Come“ на Орнет Колмен, конечно ја комплетирав ЛП колекцијата со најважните албуми во историјата на џез музиката, кои се издадени, според многумина, во клучната 1959 година.

Во 2009 година, по повод јубилејот – 50 години од клучната година во историјата на џезот, БиБиСи реши да сними документарен филм во режија на Пол Бернајс, во кој го овековечува значењето на таа година која означила пресврт во музичкиот правец кој секогаш е склон кон експерименти. Ова шеесетминутно ремек-дело полно со архивски снимки, интервјуа и референци, имавме можност да го гледаме на големото платно во Кинотеката пред три години, а во меѓувреме може да се најде и на Јутјуб. Еве прекрасна можност да го изгледате во целост:

Импресиите и освртот кон филмот датираат токму од таа 2017 година, пар денови по проекцијата на филмот, во кој се надоврзувам и на филмот „Miles ahead“ на Дон Чидл, во кој тој маестрално „ги кине“ 5-те кризни години на Мајлс Дејвис. Еве линк од рецензијата:

Кон документарецот „1959: годината која го промени џезот“ на Пол Бернајс

По овие содржини, конечно, еве и мал осврт кон четирите значајни ЛП-ја во мојата колекција, надополнети со уште едно, кое иако е издадено на на почетокот од следната година, сепак, материјалот е снимен во 1959 година, и со духот и сензибилитетот и’ припаѓа на „годината која го промени џезот“.

1. The Shape of Jazz to Come – Ornette Coleman (released november 1959)

Иако овој краток преглед би требало да стартува со најзначајната плоча во историјата на џезот, сепак приоритет му давам на Орнет Колмен, кој е најтазе во мојата колекција, и со кој ја заокружив неколкугодишната желба овие албуми да ги имам и на ЛП. Башка, насловот на албумот е најсоодветен за значењето на таа 1959 година, навестувајќи дека иднината носи возбудливи времиња за љубителите на џезот. Третиот албум на Колмен, прв за „Atlantic records“, е снимен во неколку сесии почнувајќи од 22 мај. Квартетот, освен Колмен, го сочинуваат и трубачот Дон Чери, басистот Чарли Хајден и тапанарот Били Хигинс. Музичките критичари го сметаат за еден од 20-те најзначајни free jazz албуми на сите времиња.

2. Kind of Blue – Miles Davis (released 17 august 1959)

Албумот кој на повеќето листи фигурира на самиот врв како најдобар џез албум на сите времиња е снимен во две сесии, на 2 март и 22 април во студиото „Колумбија“ во Њујорк. Покрај Мајлс Дејвис, секстетот кој го реализираше ова ремек дело, и тоа повеќето од темите се отсвирени „од прва“, без наснимувања, го сочинуваат саксофонистите Џон Колтрејн и Џулијан „Кенонбол“ Алдерли, пијанистот Бил Еванс, басистот Пол Чејмберс и тапанарот Били Коб. Иако Мајлс во подоцнежните интервјуа изјавувал дека „Kind of Blue“ е снимен во вистинско време и со вистински музичари, но дека тоа за него е одамна завршена приказна, сепак останува фактот дека овој мастерпис не влијаел само врз џез музиката во следните години и декади, туку и врз класиката и рок музиката.

3. Time out – The Dave Brubeck Quartet (released 14 december 1959)

Иако снимен во истото студио како и „Kind of blue“, албумот на Дејв Брубек и пријателите сепак е многу различен од него, и на најдобар можен начин ја претставува џез музиката која доаѓа од Западниот брег на САД. Играјќи си со музичките форми и кокетирајќи со 9/8, 6/4 и 5/4 тактови, „Time out“ е исклучително cool издание кое може да се слуша во секоја прилика. Главни „виновници“ за тоа, покрај Брубек, се и Пол Дезмонд на алт саксофон, Јуџин Рајт на бас и Џое Морело на тапани.

4. Mingus Ah Um – Charles Mingus (released october 1959)

За жал, при нарачката на овој албум, не забележав дека неговиот омот не е оној оригиналниот, легендарниот, зад кој стои потписот на почитуваниот графички дизајнер Нил Фуџита, чија работа ја краси насловната и на „Time out“.  Јбг, морав да се помирам со тоа. Како и да е, музиката на крајот е најважна, нели, а за неа на ова ремек-дело, освен басистот Чарли Мингус, кој на пар теми свири и на пијано, се задолжени и Џон Хенди на сакс и кларинет, Букер Ервин и Шафи Хеди на тенор и алт сакс, Вили Денис и Џими Нипер на тромбон, Хорас Парлан на пијано и Дени Ричмонд на тапани.

5. Giant steps – John Coltrane (released february 1960)

Календарскиот исклучок во оваа приказна е албумот на Џон Колтрејн, кој иако издаден на почетокот на 1960 година, сепак е снимен претходната година (4-5 мај и 2 декември), и сосема и’ припаѓа на фамозната 1959 година. Менаџерот на Мајлс Дејвис, по снимањето на „Kind of Blue“, му средува договор на Колтрејн за самостоен проект, и овој тоа го користи до максимум. Резултатот е вонвременско музичко парче со теми кои се база за вежбање на секој добар џез саксофонист. А не го поднесувале баш во секстетот на Мајлс, но овој насетил дека во Колтрејн има нешто што не го видел и чул кај другите музичари со кои соработувал. Така настануваат „Џиновските чекори“ не само за Колтрејн, туку и за џез музиката воопшто. Останатото е историја.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *