Кон документарецот „1959: годината која го промени џезот“ на Пол Бернајс

Вечерва со возбуда изгледав еден прекрасен шеесетминутен документарец насловен „1959: годината која го промени Џезот“, телевизиски проект од 2009 година на режисерот Пол Бернајс кој, благодарение на актуелниот „Фестивал на музички документарци“, заедно со педесетина љубители на филмот и музиката имавме можност да го погледнеме на големото платно во Кинотеката на Македонија. И додека на ланското издание им оддадов почест на документарците на БиБиСи за моите херои од младоста, Џој дивижн и Пинк флојд, овој пат овој наслов, уште кога забележав дека е дел од фестивалската програма, знаев дека морам да најдам време да одам да го видам. Со завршување на неговата проекција како да го заокружив последниов полугодишен период од мојот живот како ново четиво, како новоотворена врата кон некои предели за кои досега само насетував дека постојат и дека кај и да е, ќе дојдат, или кои како минато искуство ги препознавав при раскажувањето на другите. Понекогаш работите се одвиваат на најнеочекуван начин, иако веројатно и самите имаме удел во нивното придвижување, во нивното повикување кон нашето опкружување, делување и меѓучовечка интеракција.

Во моето детство, кога постоеја само два телевизиски канала, Прва и Втора, секогаш кога на кајронот ќе се појавеше натписот „Џез на екранот“, домашните неволно изговараа пар зборови и веднаш ја менуваа програмата. Да бидам искрен, џез музиката дури ни подоцна не предизвика некој особен интерес кај мене, затоа што бев опфатен од гранџ-еуфоријата од почетокот на 90-те, и сè што следеше подоцна при откривањето на цел еден сокриен музички универзум кој требаше да се демистифицира и на кој требаше да му се прилагоди младешкото однесување. И одеднаш, година по година, тивко, ненаметливо и нежно, под кожата почна да навлегува џезот, кој сè уште претставува вистински мистификат за мене, особено бидејќи му пристапувам единствено како слушател (не сум школуван музичар), но музиката ја чувствувам многу силно, како во шега да сака да им се одмазди на моите најблиски за нивниот игнорантски однос кон неа, кога на времето уживаа во толку многу шлагерски фестивали во како и речиси целата екс-југословенска популација.

„1959: годината која го промени Џезот“ е класичен пример за тоа како треба да изгледа еден документарец, кој уште во самиот наслов има поставено своја рамка, или подобро, фокус на делување. Едноставно, авторот ја разработува историската 1959 година за која тој, а и интервјуираните музичари, критичари, продуценти, сметаат дека е клучна за правецот кон кој потоа се разгранува џез музиката. Како репери се земени албумите „Kind of blue“ на Мајлс Дејвис како Ист коуст бисер, „Time out“ на Дејв Брубек како претставник на Вест коуст придонесот кон разбивањето на класичниот 4/4 со 5/4 такт, потоа, „Ah Um“ на непредвидливиот Чарлс Мингус, кој релативно бргу ги менувал посtавите и музичарите, но и бргу се премислувал и ги враќал назад, и секако, албумот со храбар и пророчки наслов „The Shape of jazz to come“ на Орнет Коулмен, за кого Лу Рид во документарецот вели дека извршил најголемо влијание врз него како музичар. Освен пикантериите за тоа како биле снимени овие албуми во сличен период и каков успех постигнале кај публиката (на пример, „“Kind of blue“ бил снимен само за 7 часа, и сите, освен една тема, се снимени од прва, бидејќи музичарите сметале дека она што ќе го отсвириш со првата мисла и емоција, тоа е она вистинското, и така тој и до ден-денес е најпродаван џез-албум во музичката историја), документарецот загребува по површината и на други важни општествено-политички прашања од тој период, пред се’ на расната сегрегација (повеќето од џез музичарите се Афро-Американци, на кои неретко им било забранувано да настапуваат во клубовите), потоа, стравот од Студената војна и секако, можниот нуклеарен напад, за на крај (полу)шеговитиот заклучок да биде тој дека претседателствувањето со САД на Барак Обама е всушност заслуга токму на влијанието на џез музиката во сите изминати децении наназад.

Сепак, има една подлабока врска во однос на мојата поврзаност со темава. Имено, во период кога мојот татко почна сериозно да се разболува, како насушна потреба за одржување на духот и телото во новонастанатата ситуација ми беше потребно да слушам џез импровизации, музика навидум без смисла, но, всушност, со полн емоционален набој во неа. Врска немам зошто. Стариот и Џезот беа два комплетно паралелни универзуми, без никакви допирни точки. Но, едноставно, така се случи. Можеби поради блискиот мирис на смртта, која од ден на ден стануваше сè поизвесна. Можеби и поради одредената зрелост која почна да ме надвјасува. Можеби поради бојата на звукот на трубата на Дејвис, која истовремено ги предизвикува и животот и смртта на двобој. И токму тогаш на мојата некогаш драга „Телма“ сосема случајно го начекав и го гледав филмот „Miles ahead“ (2015), еден од ретките случаи кога имаме можност на една од домашните телевизии премиерно да гледаме релативно нов филм. Приказната за Мајлс Дејвис, маестрално режирана и одиграна од феноменалниот Дон Чидл, за мене беше вистинско откровение. И повторно се враќаме на фокусот како основен елемент и двигател. Авторот на филмот го земал периодот по петгодишната пауза на маестрото, во која се навлекува на кокаин (или што и да е во мода во средината на 70-те на њујоршките улици), и упорно се обидува да сними добар материјал, додека пред него животот се распаѓа, заминува неговата најомилена сопруга дотогаш, а издавачката куќа максимално заработува на неговите претходни изданија, додека на неговата сметка капнуваат само трошки. Токму оваа сосредоточеност од овој филм создава несекојдневен музичка драма, во која го гледаме генијалецот на труба во вистинско светло, разголен пред светот кој и понатаму му се воодушевува. Токму по гледањето на овој филм и сфатив дека клучната година за Џез музиката е токму 1959 година, кога и излегува легендарниот албум „Kind of blue“, и после кој светот не е истиот оној од претходно, исто како што и за мене не е истиот откако Стариот мој замина на некое подобро место од ова пред десетина дена. Неговото болно исуство низ државниот здравствен систем, како и искуствата на музичарите искажани во обата наслова во овој текст, би можеле да се сублимираат во омилената реченица на Мајлс Дејвис која му ја потенцира на младиот новинар кој доаѓа да го интервјуира: „This is not a jazz music, this is a social music“… додека ја слушаат (парафразирам!), луѓето сакаат да играат, да се забавуваат, да се вљубат… Исто како и самиот живот, Стари, додека го туркаше, го живееше со полна плуќа, а кога почна да губиш сила, и самиот знаеше дека смислата на сето тоа единствено е бесмислата. Џезот е бесмислен кога мислите дека е само музика и ништо повеќе, а животот е бесмислен само доколку минувате попатно крај него.

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kritika.mk)