Кон „2012“ на Роланд Емерих

Во светот на режисерот Роланд Емерих речиси се’ се врти околу крајот на светот: „Денот на независноста“, “Годзила“, „Ден по утрешнината“, и актуелниот „2012“ се вистински доказ, иако тој за тоа си има свое оправдување. Имено, Емерих вели дека кога го пишувал сценариото со Харалд Клозер, времињата биле мирни, но како да претчувствувал дека нешто ќе се случи. И да, се случи светската економска криза!

За успешен „филм на катастрофа“ мора да имате и „месија“ за режисер. По разулавените вулкани, земјотреси и цунами, Емерих овој пат посака да ја уништи целата планета. Во прилог му одеше се’ попопуларната будалаштина – пророштвото на Маите, кое вели дека на 21 декември во дотичната година ќе се случи очекуваната Апокалипса. Вообичаено ваква тема се врзува за крајот од векот (fin de siecle), но и ова е сосема доволно за блокбастер, нели. Резултатот е визуелниот спектакл „2012“, кој изобилува со надреална деструкција и кој истовремено претставува микс од сите досегха напишани и снимени сценарија за вакви остварувања.

Главен проблем кај сите нив е здодевното повторување на многу нешта во текот на дејствието, потоа, неможноста да се изгради цврста приказна се покрива со безброј специјални ефекти. Небулозата продолжува со фактот дека многуте влади кои реално не се мирисаат меѓу себе овој пат на големот соработуваат (им гори „под газето“), и на крајот, како капак на се’, карактерите во вакви филмови се крајно, безобразно типизирани. Во случајот со „2012“ тоа го препознаваме во ликот на генијалниот научник (Чиветел Ејиофор), херојот на обичниот човек (Џон Кјузак), кој, нормално, е разведен, и Претседателот Афро-Американец (Дени Гловер), кој по изборот на Барак Обама, веројатно ќе стане зачестена опција на режисерите, се’ во духот на политичката коректност.

Доколку сте одлучиле да го гледате „2012“, сигурно однапред сте биле свесни дека нема да гледате реална хумана драма, бидејќи тоа во вакви филмови е невозможно. Токму затоа жалам по старите добри времиња на Студената војна и филмовите како „Ден потоа“ на Николас Мејер, кога се бараше билет повеќе пред киното „Култура“. Тогаш опасноста од активирање на атомска бомба беше многу пореална со оглед на тоа што нејзината разорна моќ Американците ја имаа тестирано кон крајот на Втората светска војна, и можеби затгоа и самите филмови беа поубедливи. Од друга страна, пак, никогаш нема да ја прежалам залудно потрошената пролет во 1986 година, кога поради експлозијата во Чернобил, не можев со другарите да кркам од зрелите цреши на соседот. Едноставно, се’ си има своја причина и последица. А последица по гледањето на „2012“ е залудниот страв кој и’ се наметнува на публиката, иако режисерот е убеден дека филмот провоцира многу интелигентни прашања кои ја засегаат човековата цивилизација. Хм!

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 24 ноември 2009 година, како составен дел од поголем текст посветен на „филмовите на апокалипса“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *