Вселенска ода за осаменоста

Кон „Месечина“ на Данкан Џонс

Стиховите „Ground control to Major Tom… take your protein pills and put your helmet on“ од легендарната тема „Space oddity“ на Дејвид Боуви веќе со децении се дел од колективната свест на човештвото, секогаш кога нашите мисли имаат тенденција да заминат таму некаде, горе, над облаците, иако за значењето на оваа песна има уште еден куп толкувања. Но не сум баш сигурен дали на повеќето музичко-филмски фанови им е познат фактот дека „Камелеонот“ има син со име и презиме Данкан Џонс, кој можеби инспириран токму од оваа песна годинава го сними еден од најдобрите СФ филмови во оваа декада. „Месечина“ е негов филмски првенец кој на престижниот филмски фестивал за научно-фантастични остварувања „Sitges“ во Барселона ги собра сите значајни награди за 2009 година. И со право!

Астронаутот Сем Бел (фантастично одигран од Сем Роквел) е на тригодишна мисија на Месечината, каде комуницира единствено со компјутерот Герти (реплика на Хал 9000), контролирајќи ја работата околу пронаоѓањето на новите ресурси со кои неговата компанија ја спасува планетата Земја од енергетска криза. Како се приближува времето за враќање меѓу своите најмили, така тензијата расте, при што тој почнува да гледа и да слуша нешта за кои не е сигурен дали се реални, а работата излегува од контрола кога ќе го открие својот мултиплициран лик во подземјето на базата, кое ги чува сите тајни на оваа, по се’ изгледа, однапред испланирана неправедна мисија.

Многумина филмот го опишаа како микс од култните жанровски класици „Одисеја 2001“, „Осмиот патник“ и „Соларис“, и не згрешија. Референците се видливи, но за среќа, тие се квалитетно надградени, креирајќи возбудлива драма за отуѓеноста и осаменоста на човекот, која наметнува многу (пот)прашања кои нема да ве остават мирни. Иако повеќеслојноста асоцира на тоа дека режисерот Џонс се загубил во својата естетика, сепак, тоа воопшто не е така бидејќи прекрасно компонираната и цврста приказна е реализирана умно, економично и со срце. И покрај малиот буџет на филмот, дизајнот на придукција е врвен, враќајќи го во игра месечевото пространство на големото платно, таа по малку подзаборавена приказна која повторно станува актуелна за обработка кај филмаџиите.

„Месечина“ иако, условно, е „мал филм“, тој е голем во својата душа, бидејќи покрај психолошката игра со секого од нас како активни соучесници во драмата на главниот лик, тој претставува и критика на новото време и сите неправди поврзани со компромисите и изборот кој го правиме како личности, и покрај свесноста за нашата експлоатација која ја чувствуваме како поединци, или, ако сакате, како колективитет, на секој чекор. Можеби последиците од тоа ќе не’ направат посвесни и поодговорни во иднина. Овој филм е еден чекор кон тој стадиум.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 10 ноември 2009 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *