Првата македонска премиера во 2012 година се случи пролетта, симболично најавувајќи младешки филмски ветришта и во македонскиот филм. Имено, „Скопје ремикс“ (почетно „Д Скопје“) е филм што на едно место собра сè што е квалитетно и просперитетно во домашната филмска уметност, давајќи им можност на многу имиња кои, ако веќе немаат свој прв целовечерен филм, тогаш барем со еден свој краток проект да бидат дел од едно македонско целовечерно остварување. Филмот се снимаше долго, и околу него кружеа многу приказни, кои одеа дотаму дека поради идејно разидување, многумина од авторите, во моменти на нетолеранција, посегнувале по не баш популарни мерки за смирување на страстите (дипломатски кажано). Но, на крајот излезе еден симпатичен продукт што „Филмополис“ сесрдно го поддржа, бидејќи сметавме дека ваквите проекти се реткост, се случуваат генерациски еднаш и којзнае кога потоа, и затоа, и покрај сите слабости за кои се свесни и самите автори, безрезервно треба да се поддржат. На премиерата во киното „Милениум“ имав среќа (и време) паралелно да интервјуирам седум од десетте автори, во следната емисија гостин во студиото ми беше Вардан Тозија по повод неговиот филм „Свиркачот“ што најмногу ми се допадна, а со Ѓорче Ставревски и Синиша Евтимов едноставно се разминавме. Но, Евтимов и онака многу повеќе е театарски отколку филмски режисер, додека во „Филмополис“ број 277 бевме на снимањето на делот што Ставревски го снимаше кај Градска болница, со Ангелов како скитник кој бара отпушок повеќе пред зградата. На крајот, ми се чини дека со прилогот ја доловивме целосната слика за овој проект-манифест на филмаџиите што (ќе) ја сочинуваат иднината на македонската кинематографија.
Интервју со екипата на омнибусот „СКОПЈЕ РЕМИКС“
Напишете коментар