500 години откако Земјата не е рамна

Еден од најзначајните јубилеи кои се прославија годинава е 500-годишнината од првата пловидба околу Земјината топка, по што и станал јасeн нејзиниот облик. Така морепловецот Фернандо Магелан беше запишан со златни букви во историјата на човештвото. Јас однапред им се извинувам на Рамноземјашите, но фактите си се факти 😉 Сепак, не поминало се’ така мазно, бидејќи ова патување го следеле многу контраверзи и несреќи. Од петте брода на почетокот, само еден ја завршил експедицијата, а Магелан загинал некаде на половина пат. Но, ништо чудно ако се знаат контекстот и околностите околу оваа голема водена авантура која требало да трае една, а се оддолжила на три години.

Во средниот век главни сили на отворениот океан со своите моќни флоти биле Шпанија и Португалија. Во трката за престиж и освојување на нови пространства (слично на САД и СССР со трката за освојување на вселената во минатиот век), младиот шпански крал Карло Први нарачал експедиција со цел да пронајде нов пат до пацифичките острови богати со зачини, а како главен фраер на истата го најмил прочуениот португалски морепловец Фернандо Магелан. Познат момент и 30 години претходно, кога Шпанците го најмуваат италијанскиот морепловец Кристофер Колумбо кој, трагајќи по Индија, случајно открива нов континент, кој  подоцна ќе биде наречен „Америка“ по Америго Веспучи. За тоа дека Земјата е округла веќе наголемо се зборувало, но теоријата не била докажана, а црквата ги анатемисувала слободните мислители.

Конечно, во август 1519 година од пристанишниот град Санлукар де Барамеда во јужна Шпанија испловуваат петте брода опремени да соберат 500 тони зачин, најмногу канранфилчиња и морски оревчиња, кои во Европа биле многу популарни. Експедицијата имала за цел да пронајде пат до Молучките острови (некаде кај денешна Индонезија) пловејќи во западен правец, и враќајќи се назад по истиот пат. Папата одиграл важна улога со тоа што наложил да се почитуваат договрените линии и подрачја на влијание меѓу двете пиринејски земји, со напомена при овие експедиции да се воздржат од понатамошни освојувања. Но…

„Сантијаго“, „Сан Антонио“, „Консепсион“, „Тринидад“ и „Викторија“ преку Атлантикот се упатиле кон Јужна Америка. Попат им се случува првата несреќа која го детерминирала понатамошниот тек на авантурата. Имено „Сантијаго“, по големото невреме на отворен океан, потонал, а дел од посадата била спасена и префрлена на останатие бродови. Потоа армадата престојувала во Рио де Жанеиро, па во Рио де ла Плата, а голем дел од напорното патување составено од 240 морнари тие мирувале токму во пристаништата поради поправки, склучувајќи трговски договори и чекајќи да поминат непријатните олујни времиња. Во пристаништето „Санта Круз“ се случила и неуспешна побуна, додека капетаните биле на лов на пингвини и морски лавови. Бунтовниците се вратени назад во Шпанија со бродот „Сан Антонио“.

Пловидбата продолжува преку непрегледниот Тихи океан. Храната се расипува, а залихите полека ги снемува. Во недостаток на свежо овошје и зеленчук, многумина од посадата умира  од скорбут. По повеќе од тримесечна пловидба без застанување, и поминати две години од почетокот на експедицијата, бродската армада ги пронаоѓа Молучките острови. Зачините се секаде наоколу, но Магелан ги крши правилата и се меша во животот на локалното население напаѓајќи ги домородците на еден филипински остров, и го губи животот во плиткото. За нов капетан е назначен баскискиот навигатор Хуан Себастијан Елкано, кој поради недостаток од посада, наредува „Консепсион“ да се запали.

Откако ги закрпуваат сите дупки на преостанатите два брода, тие тргнуваат назад, но не по патот по кој дошле до островите, туку повторно на (југо)запад, преземајќи ризик да навлезат во португалските води. Во Индискиот океан бродот „Тринидад“ е заробен. Поради силната олуја, единствениот преостанат брод „Викторија“ ја успорува пловидбата, при што неговиот јарбол се крши. За среќа, остатокот од пловидбата, поминувајќи под ‘ртот „Добра надеж“ и продолжувајќи крај бреговите на западна Африка, бродот им одолева на предизвиците. Но не и посадата. Гладните морнари инсистираат да се застане крај Зеленортските острови кои се под португалска јурисдикција, и 13-те мажи кои веслаат до брегот со надеж дека ќе земат свежи намирници, се уапсени поради кршење на договорените линии за пловење меѓу двете пиринејски земји.

По 1123 дена на пат и пројдени 37.800 наутички милји, експедицијата составена само од „Викторија“, вториот најмал од петте брода,  се вратила дома. Бродот се вратил со дел од планираниот товар, но 381 вреќа со каранфилчиња ја направиле целата експедиција исплатлива (на страна бројниот губиток на човечки животи).

Сепак, она што е најважно, по ова патување посадата се вратила со непланирано откритие и достигнување – доказ дека Земјата е тркалезна. За таа цел, морнарите цело време ја цртале рутата по која пловат на основа на положбата на Сонцето и ѕвездите. Ова е уште еден аргумент плус дека до најважните откритија најчесто се доаѓа по случаен пат. Ова прво заобиколување на светот, според многумина, засекогаш ќе ја промени историјата на човечката цивилизација, навестувајќи ја глобализацијата, ширењето на Христијанството и немилосрдната колонизација која ќе следи.

извори: Национална географија, Википедија, пребарувачот на чичко Гугл…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *