Многу ми е драго што од 23 до 30 септември сум дел од ФИПРЕСЦИ жирито на 28-то издание на филмскиот фестивал во Кемниц, Германија. Другите двајца членови се колегите филмски критичари Холгер Твеле (Германија) и Хозе Солис (Хондурас/Шпанија). Голем предизвик е да се погледнат филмовите кои третираат теми што ги засегаат децата и младинците, оние во чии раце е иднината на оваа планета, бирајќи го најдобриот меѓу нив.
Кемниц, по Лајпциг и Дрезден, e трет град по големина во југоисточната германска покраина Саксонија, со околу четврт милион жители. Во 2025 година ќе биде Европска престолнина на културата, исто како и нашето Скопје три години подоцна. Градот во центарот изобилува со неколку молови (познато звучи, нели!?) измиксани со старите сочувани згради од минатите векови, а шмек му даваат трамваите кои фреквентно врват на пар минути.
Еве каква е атмосферата во центарот на овој симпатичен германски град во пазарен ден, со сите тие мали тезгички наоколу, со звукот кој доаѓа од катедралата и со продавачите на улична храна наредени наоколу. Вурст, вурст… Данке. Бите.
Од 1953-та, по повод 135-годишнината од раѓањето и 70 години од неговата смрт, градот го носеше името Карл-Маркс-Штад, како благодарност за индустриското наследство и развојот на овој дел од државата, се’ до 1990 година. И ден-денес главна атракција во центарот е огромната скулптура – главата на Маркс, околу која се фотографираат туристите. Марксисти од сите земји – обединете се!!! 😉
Сепак, вистинската убавица на градот е зградата на операта, која во 2017 година беше прогласена за најдобра национална институција во Германија. Во неа, вообичаено, се случува отворањето на филмскиот фестивал.
Со симпатична програма на која доминираше детскиот хор со изведба на неколку композиции, водителот кој очигледно е многу популарен кај децата ги претстави гостите од општествено-политичка провиниенција, всушност, главните финансиски покровители на фестивалот кои, според протоколот, прочитаа неколкуминутни говори.
Следеше претставувањето на жиријата, кои ги има многу на овој фестивал. Се работи за различни групи за различни филмови за деца и млади, а меѓу нив и неколкуте меѓународни жирија составени од возрасни членови, меѓу кои и нашето.
Откако му беше доделена наградата за животно достигнување на белгискиот автор Мишел Оселот, се пресече црвената лента, и фестивалот и свечено беше отворен.
Она што следуваше како изненадување се случуваше надвор од салата на операта. Имено, група уметници со лајт шоу успеаја на зградата, која е дел од културното наследство на градот, на секои десет минути да и’ дадат сосема нови наличја и димензии. Кемничани уживаа во спектаклот.
Веќе утредента стартуваше и редовната фестивалска програма, која се одвива на неколку кино-локации, но сепак главната е онаа во центарот, во галеријата „Roter turm“, од која се пружа пристојна панорама на строгиот центар на градот. Сепак, да не заборавиме дека ова некогаш било ДДР 😉
Вториот кат е комплетно прилагоден на новото издание на детскиот фестивал, кој е најзначајниот од овој жанр во регионот, веќе со своја фина традиција. Знаејќи за германската организација и прецизност, се’ си е на свое место, од медија центарот, преку просторот за дискусии на децата, па се’ до прекрасните кино-сали во кои се одвиваат проекциите.
А таму, таму детските срца чукаат забрзано, со што по којзнае кој пат се потврдува моќта на седмата уметност. Германците работат на едукацијата на своите деца и младинци, и тоа во иднина ќе им се врати повеќекратно на многу начини. Со едуцирана младина, секоја држава има добра иднина.
Деновиве сите заедно во Кемниц ги славиме подвижните слики!