Скопје – Европска престолнина на културата 2028!

Последниве години будно следам кои градови ќе ја понесат титулата „Европска престолнина на културата“. Замислата ми беше доколку се доволно близу, да одвоиме недела-две од годишниот одмор и семејно да ги посетиме, уживајќи во секојдневната програма која ја нудат. Често пати се покажало дека одморот во урбана средина полна со богата културна понуда знае да биде многу поубав од бесцелното дремење на плажа.

Се израдував кога во 2020 година Риека беше домаќин. Ене каде е, си реков, една фина посета на Истра ќе ни ги наполни батериите. Направија спектакуларно отворање на пристаништето, но за жал, се случи пандемијата, и работата не се одвиваше така како што беше предвидено. Лани Нови Сад ги пречека европските артисти од различна провиниенција, и на многубројни пунктови низ прекрасниот град понуди одлична програма.

За жал, и во обата случаја, и покрај желбата, не ги посетив овие нам блиски градови, секако, од оправдани причини, бидејќи се преклопуваа со други желби и ангажмани, а не беше занемарлив ниту финансискиот момент. Но, си велам, доколку вака размислуваат само мал дел од Европјаните, тогаш во 2028 година можеме да очекуваме многу гости во нашиот град во текот на целата година, а знаеме што значи тоа за македонската кревка економија. На тој начин ќе имаме можност да се претставиме со најквалитетното што го имаме на домашен терен, кога веќе Другиот само инцидентно не’ повикува на негов терен за претставување на своите размислувања за културата и уметноста, и преку нив, за самиот живот.

Затоа многу ме израдува информацијата што токму нашето Скопје е избрано за европска престолнина на културата за пет години отсега. Тоа е голема привилегија и чест. Честитки до екипата која го истурка овој проект, за кој замолувам да биде третиран со висок приоритет, без разлика кој ќе го преземе во понатамошното менување на политичкиот пејзаж. Би било фино сите да поработиме на подобрување на себеси, а потоа и на подобрување на сликата за нашиот град, чинам дека пет години се доволно време за тоа.

Најпрво мора да се почне од некаде, а тоа е дефинитивно она основното – нечистотијата! АЈДЕ ДА ПОЧНЕМЕ ОД/СО ЃУБРЕТО! Тоа е добар слоган и во фигуративна смисла. Минатата седмица една писателка, која тука го промовираше преводот на нејзината книга, рече дека не може да поверува колку е валкан градот, а не било така пред само една година, кога последен пат била во Скопје. Со неа била и ќерката на пријателите, која прв пат го посетува градот, и колку и да и’ раскажувале приказни за Скопје, таа сепак единствено што гледала околу неа е ѓубре, и секако, детски и најискрено реагирала на тоа.

Само за илустрација: на фотографијата долу е влезот кон книжарницата, која е храм на културата; истиот простор не е исчистен со „векови“, сами се трудиме колку-толку да го одржиме, а уредно плаќаме комуналии за тоа! Има ли градоначалник оваа општина, овој град? Центарот на градот е лицето на градот! Но, со добра организација и засукување на ракавите може да се успее.

И замолувам, најискрено ЗАМОЛУВАМ!!!, да не се злоупотребува оваа шанса за лукративни потреби, затоа што веќе преку глава ни е од тоа, и оттаму сомничавоста, досега потхранета со безброј илустративни случаи. Одредени граѓани си ги обезбедија своите поколенија за неколку генерации однапред, додека останатите, чесно работејќи, особено во областа од културата каде и самиот припаѓам, со години се обидуваат да го сочуваат својот углед, и на крајот од краиштата, сопствената егзистенција.

СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА ВО 2028!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *