Септемврискиот филмски термин вообичаено со години наназад ме носеше во Битола на „Браќа Манаки“, но годинава ќе го скокнам неговото јубилејно, 40 издание поради поклопувањето на терминот со филмскиот фестивал во Драма, Грција, каде за прв пат ми беше укажана честа да бидам член на ФИПРЕСЦИ жирито. Интернационалното здружение на филмски критичари знае да ги препознае квалитетните фестивали и во соработка со нив да има свои претставници кои доделуваат една од наградите. Филмскиот фестивал на кратки филмови во Драма со својата богата програма и традиција е токму тоа.
Веќе со децении наназад на едно место по 42 пат ги собира сите квалитетни филмаџии од Грција, претежно млади синеасти, кои со своите кратки остварувања го трасираат својот пат под сонцето, но овој фестивал по 25 пат го собира кремот и во интернационалната конкуренција, во чии рамки се пријавуваат безброј имиња од Европа и светот, затоа што селекцијата во Драма е навистина на врвно ниво. Токму од филмовите од меѓународната селекција заедно со колегите Јанис Фрагулис од Грција и Луис Дима од Франција треба да доделиме ФИПРЕСЦИ награда на, според нас, најдобриот, кој потоа, секако, во своето портфолио ќе ја имаа оваа значајна награда која понатаму на авторот може да му отвори многу дотогаш подзатворени врати.
„Иако возрасен, со веќе 42 години зад себе, но секогаш млад во срцето, фестивалот на кратки филмови во Драма и овој септември ги пречекува филмаџиите на најдобрите кратки остварувања од грчката и светската кинематографија“, велат организаторите на фестивалот, кои синоќа во општинската сала го приредија отворањето на новото издание, на кое вообичаено продефилираа градските функционери со долги говори/тиради, но доказ дека овој фестивал има значење на културната карта на Грција беше присуството на Министерката за култура Лина Мендони, која најави можност за отворање на филмски студии во овој симпатичен град, иако оваа идеја, според другите говорници, датира со години, ако не и со децении наназад.
Од 15 до 21 септември ќе бидат прикажани 199 филмови од 64 земји во светот, или поединечно, во националната селекција ќе бидат прикажани 60 филмови кои ќе се борат за наградите за кои ќе одлучува петчлено жири, меѓу кои има 6 документарни, 3 анимирани и 10 студенстки филмови. Во интернационалната селекција , пак, ќе се прикажат 67 филмови од 60 земји, меѓу кои и два од македонски автори, „Џоб“ на Александар Андоноски и „Фикус“ на Андреј Волкашин, за чии награди исто така ќе одлучува петчлено интернационално жири, со тоа што еден од овие филмови ќе ја добие и нашата, ФИПРЕСЦИ награда. Интересно, во оваа селекција е поместен и грчкиот „Оддалеченоста меѓу нас и небото“ на Василис Кекатос, кој во мај го доби „Златниот Феникс“ во Кан за најдобар краток филм, што се случува за прв пат во историјата на грчката кинематографија, што значи дека на Кекатос и тоа како треба да се внимава во иднина.
Придружната фестивалска програма исто така е прилично богата: петтата балканска панорама носи преглед на студентски филмови и програма со фокус на Словенија, потоа, тука е селекцијата „Short matters“ во чии рамки ќе се прикажуваат кандидатите за европските награди за кратки остварувања, Европската унија претставува седум кратки филмови тематски поврзани со Стариот континент, а за најмладите од училиштата, секое утро – кино утро од 11 до 13 часот со селектирани наслови со едукативна содржина. Секако, да не заборавиме дека секое утро се прес конференциите на кои ќе се претстават авторите на филмовите од претходниот ден, тука се и разните пичинзи и воркшопови зад кои стојат познати филмски имиња, а попладневните матинеа во филмскиот центар целиот обоен со графити се резервирани за промоции на книги со филмска содржина.
Фестивалот на краток филм во Драма со својата концепција покажува како една национална кинематографија треба да се грижи за своите млади таленти собирајќи ги под ист кров барем во овие седум септемвриски денови, иако ќе има и повторна можност за дружба од 10 до 16 октомври, кога традиционално караванот со најдобрите остварувања се сели на проекции во Атина. Зачинувајќи го настанот и со интернационални гости за размена на искуства помеѓу присутните автори гладни за филм, фестивалот во Драма е добитна формула која треба да се преслика и на наше тло… доколку се има стратегија и умни глави кои цврсто би застанале зад истата.