Музејот на кралското семејство Чарториски, или скратено Музеј „Чарториски“ – е историски музеј во Краков. Тој е еден од најстарите музеи во Полска. Првичната колекција била формирана во 1796 година во Пулави од принцезата Изабела Чарториска. Музејот официјално е отворен во 1878 година. Најпозната слика во колекцијата е едно од најпознатите дела на Леонардо да Винчи, „Дамата со хермелин“. Друг важен момент за посетителите е делото „Пејзаж на добриот Самариќанин“ на холандскиот мајстор Рембрант ван Ријн. Но, и генерално, неколкучасовната прошетка низ музејот вреди за сите пари.
Збирката била делумно уништена по Ноемвриското востание од 1830 година и конфискацијата на имотот на семејството Чарториски. Сепак, повеќето од делата во музејот биле спасени и преместени во Париз, каде што биле изложени во хотелот „Ламберт“. Во 1870 година, принцот Владислав Чарториски одлучил да ја врати збирката со уметнички дела во Краков, каде што пристигнале во 1876 година. Во поново време, главниот објект на музејот беше затворен поради реставрација во 2010 година и повторно отворен во декември 2019 година. За тоа време, дел од колекцијата беше изложена на други места.
Приказната вели дека принцезата Изабела Чарториска го основала музејот во Пулави за да го зачува полското наследство во склад со нејзиното мото „Минатото во иднината“. Првите предмети во нејзиниот „Храм на меморијата“ од 1796 година биле трофеи во спомен на победата против Турците во битката кај Виена во 1683 година.
Збирките на музејот содржат историски артефакти од пронајдените богатства во катедралата Вавел, Кралскиот замок и други предмети донирани од полски благороднички семејства. Изабела, исто така, ги купила богатствата на војводата од Брабант, вклучувајќи ги и неговите книги кои се сметале за посебен белег на колекцијата.
Под влијание на Романтизмот, таа добила уметнички предмети од сентиментално значење кои ја претставуваат славата и бедата на човечкиот живот. Меѓу нив и столот на Шекспир, фрагменти од наводните гробови на Ромео и Јулија во Верона, пепелта на Ел Сид и Ксимена од катедралата во Бургос, како и моштите на Абелар и Хелоаза, но и оние на Петрарка со неговата Лаура. Збирката на книги во библиотеката подоцна била надградена со колекцијата на Тадеуш Чацки, која ја вклучувала и архивата на Станислав Август Понијатовски, последниот крал на Полска.
Во 1798 година, синот на Изабела, принцот Адам Јержи Чарториски, отпатувал во Италија за да ја купи фамозната „Девојката со хермелин“ од да Винчи, „Портретот на млад човек“ на Рафаел и многу римски антиквитети. Сепак, принцот Адам Јержи отсекогаш бил повеќе политичар отколку колекционер на уметнички дела. По неговата смрт, неговиот помлад син, принцот Владислав, го презел музејот. Роден колекционер, тој и неговата сестра, принцезата Изабела Џијалинска, ја прошириле колекцијата со многу вредни работи: тепихот „Полонеза“, етрурски и грчки вазни, римски и египетски антиквитети и други видови оружје и оклопи, како и емајли од Лимож. На изложбата за украсни уметности од 1865 година во Париз, Владислав создал „полска соба“ за да го изложи познатиот тепих и другите предмети од неговата колекција.
Најбурни денови музејот доживеал за време на Втората светска војна. Шеснаесет ковчези спакувани со најскапоцените предмети биле транспортирани и складирани во Сиениава, додека остатокот од колекцијата бил складиран во визбите на музејот, каде за жал, Германците ги пронашле ковчезите. За среќа, сликата на Леонардо и останатите вредни дела на крајот не биле оштетени.
На 22 септември 1939 година, принцот Агустин го земал она што останало од богатствата и ги однел на имотот на неговиот братучед во Пелкиние. Меѓутоа, набргу Гестапо ги пронашол делата и ги вратил во Краков, но не во музејот. На 25 јануари 1940 година, изборот од 85-те најважни дела од музејот биле испратени во Дрезден, каде што д-р Посе, ополномоштениот претставник на Хитлер, одлучил сите тие да станат дел од колекцијата на Фирерот во Линц. Од тој момент музејот, чиј кустос умрел во нацистички концентрационен логор, бил затворен за јавноста.
Во 1945 година, д-р Ханс Франк, германски гувернер на Полска и личен пријател на Хитлер, ги донел сликите од Берлин за своја потреба во замокот Вавел. Но, кога Германците се евакуирале од Краков во јануари 1945 година, тој ги однел сликите со себе во Шлезија, а потоа и во својата вила во Нојхаус. Американците го уапсиле д-р Франк на 4 мај, а полскиот претставник во Сојузничката комисија за пронаоѓање уметнички дела потврдил дека се работи за украдените слики од музејот Чарториски. Сепак, делото на Рафаел и 843 други артефакти недостасувале во колекцијата. Каде се наоѓаат овие дела, останува непознаница и ден-денес.
По Втората светска војна, музејот бил повторно отворен и управуван од полската комунистичка влада. Во услови на очајна економска ситуација во земјата, музејот преживеал главно благодарение на работата на професорот Марек Роствороски, кој го посветил својот живот на збирките. Во 1991 година, Високиот суд на полската нација му го вратил Музејот на неговиот вистински сопственик, принцот Адам Карол Чарториски, заедно со библиотеката сместена во близина.
Од 1991 до 2016 година со музејот управува фондацијата „Чарториски“, кога и официјално е дониран на полската нација. Музејот годишно го посетуваат илјадници туристи, а неговата колекција е проценета на сума од неколку стотини милиони евра. Доколку патот ве води во Краков, посетете го „Чарториски“ музејот, нема да зажалите 😉
И на самиот крај, црешата на врвот од тортата: фокус врз двете највредни дела во краковскиот музеј.
„Пејзаж со добриот Самарјанин“ е слика од 1638 година на Рембрант, насликана со масло врз дабово дрво. Таа е една од само шесте пејзажи со масло на уметникот, а исто така и една од трите слики на Рембрант во полските колекции; другите две се „Девојката во рамка за слика“ и „Ученикот на говорницата“.
Сликата која ја илустрира параболата за добриот Самарјанин од Евангелието по Лука била купена на аукција во Париз од Жан-Пјер Норблин де Ла Гурдејн, по што преминала во колекцијата на полската благородничка Изабела Чарториска.
„Дамата со хермелин“, пак, за мене е многу поубава од извиканата „Мона Лиза“ во Лувр. Портретот насликан од италијанскиот ренесансен уметник Леонардо да Винчи, кој датира од 1489–1491 година, е масло на панел од ореово дрво. На сликата е Сесилија Галерани, љубовницата на Лудовико Сфорца, војводата од Милано.
Се работи за вториот од само четирите „преживеани“ портрети на жени насликани од да Винчи, заедно со „Жиневра де Бенси“, „Ла Бел Ферониер“ и славната „Мона Лиза“. Беше чест да се биде во друштво на оваа дама барем половина час од мојот живот на обичен смртник, вљубеник во уметноста. До следниот пат 😉