Кибрит(и)

Пред пар години имав еден кибрит со ликот на Франц Кафка од музејот во Прага посветен нему. Можеби не е соодветен сувенир знаејќи дека омилениот ми писател починал од туберкулоза, но кибритот ептен ми значеше и постојано го полнев со нови чкорчиња, а кутијата издржа прилично долго пред да се изаби. Во тој период Марта (Владимир Мартиновски) кога ќе поминеше во ИЛИ-ИЛИ, редовно палевме цигари со кибритот, и раскажувавме приказни поврзани со ликот и делото на Кафка. Инаку, Марта е „спортски“ пушач, пали само во друштво. Имам другар што пали само на концерти, но тоа е друга приказна 😉

Минатата недела Марта ми пратил поздрав во една ќесичка. Се чудам што ли може да биде, бидејќи не ми најави ништо. Го отворам подарокот, и внатре пакување од девет кибрити со плакати од филмски сцени, на кои во повеќето доминира тангото. Лудило! Многу се убави!

Му пишувам на Марта и му велам да не е некоја грешка, да не ме помешал, да не требало да ги добие некој колекционер на кибрити меѓу пријателите!? Но тој ми вели дека се за мене, и тоа ги донел од Буенос Аирес. Едноставно, кога шетал низ Јужна Америка, во главниот аргентински град ги здогледал во некоја сувенирница и му текнало на мојот кибрит, па решил да ми ги купи. И еве, после одредено време, ги добив на подарок 🙂

Со Марта секогаш имате вакви мали, убави животни приказни, кои тој совршено ги пренесува и во неговите книги, кои најтопло им ги препорачувам на читателите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *