„Бесачи“ од Мекдона во МНТ

Со поставувањето на текстот „Бесачи“ на современиот британско-ирски драматург и режисер Мартин Мекдона, нашиот театар може да се пофали дека одвреме-навреме знае да се прилагоди на современите светски текови. Едноставно, Мекдона е еден од најценетите современи драматурзи во светот, и да се има негов текст на домашната театарска сцена е потег за почит. И уште кога на ова ќе се додаде дека претставата е бомба, тогаш имате вистински погодок во целта.

Мартин Мекдона (1970) е познат по својот апсурден и мрачен хумор кој често ја предизвикува модерната театарска естетика. Добитник е на бројни признанија, вклучувајќи „Оскар“, шест награди „БАФТА“, две награди „Златен глобус“, три награди „Оливие“, како и пет номинации за престижните награди „Тони“. Повеќето од неговите драми се продуцирани на Вест Енд и на Бродвеј: „The Beauty Queen of Leenane“ и „The Cripple of Inishmaan“ (и обете во 1996), „The Lonesome West“ (1997), „The Lieutenant of Inishmore“ (2001), „The Pillowman“ (2003), „A Behanding in Spokane“ (2010) и „Hangmen“ (2015). Последнава драма, благодарение на МНТ, имаме можност да ја гледаме на редовниот репертоар во сиот свој сјај.

„Главната тема во текстот „Бесачи“ е смртната казна, која во речиси сите европски земји е исфрлена од казнениот систем. Дејството се случува во 1960-ите во Англија. Смртната казна во Англија во тоа време се извршувала со бесење и во принцип, бесачите првично биле затвореници, а занаетот се пренесувал од колено на колено“.

За поефикасно доловување на кругот на животот и смртта, сцената во претставата е кружна, во која на смртоносното бесилиште му парира/опонира секојдневието во кафеаната, каде се донесуваат големите животни одлуки. Тоа е тој митски простор каде се осудува и озборува животот, кој пак за возврат ги нагрдува и оцрнува неговите протагонисти. Кафеанските мудреци се оние кои судат и пресудуваат кој смее, а кој не смее да гризне од јаболкото на тоа што се нарекува живот, каков и да е тој.

Режисерот од Бугарија Јавор Грдев, потпомогнат од асистентката Звездана Ангеловска, тандемски знаеле дека моќта на оваа драма лежи во моќта на изговорениот збор, и затоа го бираат најдоброто од театарскиот ансамбл. Комбинацијата на младоста и искуството е доволна да ја изнесе на плеќи оваа тмурна приказна во која се зборува за 233 обесени луѓе, меѓу кои имало и невини, некаде на северот од Англија, и тоа, замислете, во 60-те години на 20 век. Од оваа перспектива – незамисливо! Но, сепак, реално.

Ваквата егзистенцијалистичка вратоломија на Мекдона сепак диши со здрав хумор низ речениците „Гилотината е ефикасна, но прави лом наоколу, кој ќе чисти потоа“, или „Електричните столици се американско срање, човечкото месо на нив чрчори како стек на скара“. Драматургот на претставата Дејан Дуковски, пак, во соработка со преведувачот Благоја Бошковски, успеваат да го „омекнат“ овој циничен хумор кој не е баш за сечиј стомак, и да и’ дадат локален шмек на претставата преку играта со зборовите како „Стушти, забезекна, кљафти, курле едно…“, што е прилично симпатично и предизвикува смеа дури и во самото сериозно крешендо на дејствието.

Во оваа претстава особено би сакал да ја истакнам актерската игра на Дарја Ризова, која сосема успешно го игра ликот на Ширли, ќерката на бесачот Хари (Никола Ристановски) и неговата сопруга Алис (Камка Тоциновски). Сета нејзина комплексност доаѓа до израз особено во дуо-сцените, кога сцената е празна, а таа треба да ги изрази своите вистински емоции пред симпатијата, гостите во кафеаната, или пак пред своите бескрупулозни родители. Лирично и луцидно!

„Или тој и тој, или ниеден – така стојат работите со правдата во нашата земја“, вели еден од ликовите во претставата. „И кај нас бе брат“, си мислам, и уживам до последниот момент од оваа претстава која морате да ја погледнете. Ако ништо друго, ќе се соочите со многу прашања на кои можеби и нема да пронајдете одговори, но фино е да поминат низ вашата глава, особено после децении во кои судството ни е 100% партизирано, молејќи Бога да не паднете во нивните канџи. Е дури тогаш ќе бидете навистина обесени. Можеби не на глава, но и висењето на нозе не е баш пријатно 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *