Краткиот филм на Небојша Слијепчевиќ, кој зад себе веќе ги има ценетите награди „Златна палма“ во Кан и „Најдобар европски краток филм“, пред неколку часа влезе во финалето на оскаровската трка, меѓу петте номинирани. Одлична вест!
Филмот што имавме можност да го гледаме на големото платно на деветтото издание на филмскиот фестивал „КинеНова“ во Скопје, ја раскажува приказната според вистинит настан за еден подзаборавен херој, кој не можејќи да ја премолчи неправдата што се одигрува пред неговите очи, реагира на човечки начин, за што ќе биде сурово казнет.
Во ситуација во која се пркоси на насилството, филмот на хрватскиот режисер во само 13 минути ја испитува деликатната рамнотежа помеѓу емпатијата, стравот и моралната одговорност, принудувајќи нè да се соочиме со тоа што навистина значи да се биде човек во време на криза.
И најважно од се’, краткиот филм, како и секоја добра уметност, го поставува прашањето на кое можеби и не сме подготвени да одговориме: „Што прават повеќето од нас кога се соочуваат со неправда кон другите? Го креваме гласот за да ги заштитиме, или стоиме отстрана молчејќи и штитејќи се себеси?“
Се надеваме дека ова кратко остварување ќе ја одбрани честа на балканската (регионалната) кинематографија и со добивањето на престижниот Оскар на 2 март.