Во пресрет на финалето на Светското фудбалско првенство во Катар (честитки на Хрватска за бронзата!), а по текстот објавен претходно, насловен „Фудбал и политика“, ги негувам моите спортски афинитети со собрани занимливости поврзани со минатите светски фудбалски првенства, чисто онака, за викенд-опуштање и забава, бидејќи многу од нив се на работ на рубриката „верувале или не“. Уживкајте 😉
Уругвај, 1930
– Мечот меѓу Романија и Перу го гледале само 300 гледачи, и до ден-денес тоа е рекордот за најслаба посетеност на еден меч на светските првенства
– Првото финале меѓу Уругвај и Аргентина се играло со две топки, по една „уругвајска“ и „аргентинска“ во двете полувремиња, поради големата недоверба и ривалитет меѓу двете репрезентации
– Еден од стрелците во финалето, Уругваецот Ектор Кастро, целата кариера ја одиграл без десната рака, која си ја отсекол со моторна пила на 13-годишна возраст. За својата репрезентација одиграл 25 натпревари и постигнал 24 гола
Италија, 1934
– Прв пат еден меч е пренесуван преку радио бранови
– За разлика од првиот Мундијал, каде присуствувале претежно локални новинари, на овој имало 277 од 29 земји
– Швајцарскиот фудбалер Леополд Килхолц постигнал три гола за својата репрезентација носејќи очила со диоптер
– На домаќинот Италија на патот до светската титула и’ помогнале тројца аргентински фудбалери (Монти, Гвајт и Орси) бидејќи ФИФА немала остри критериуми и дозволувала играчите да настапуваат за други репрезентации
Франција, 1938
– Прв пат голманите користат капи/качкети и штитници за колена, т.н. „штуцни“
– На славниот Џузепе Меаца, пред да го изведе пеналот со Бразил, му паднал шорцот. Судијата се скршил од смеење, и наводно, за малку ќе го голтнел свирчето
– Четвртфиналето меѓу Бразил и Чехословачка се памети како најгруб меч во историјата. Имало три исклучувања и пет тешки повреди. На голманот Франтишек Планичка му ја скршиле раката, но тој не сакал да ги остави другарите на цедило и бранел до крајот, 120 минути
Бразил, 1950
– Стадионот Марио Фиљо, попознат како „Маракана“, специјално изграден за овој шампионат, и ден-денес е најголем стадион во светот со капацитет од 220.000 гледачи. За финалето официјално биле продадени 199.854 билети
– Бразилците биле толку уверени во освојувањето на титулата и давале вообразени изјави. Уругвајскиот капитен Варела земал исечоци од весниците, ги залепил во соблекувалната и ги мотивирал соиграчите да победат со 2-1. Започнува серијата самоубиства низ Бразил…
Швајцарија, 1954
– Прв телевизиски пренос од мундијалски натпревар
– За прв пат секој играч, дури и резервите, носат броеви на грбот
– Не сакајќи да се потсетуваат на претходната мундијалска трагедија, Бразилците за прв пат носат зелено-жолта опрема наместо дотогашната бела
Шведска, 1958
– Прв пат сите мундијалски натпревари се пренесувани на ТВ
– Ракавиците стануваат стандардна опрема на голманите. Прв ги промовирал славниот советски голман Лав Јашин
– По освојувањето на последното место во групата, Аргентинците наместо во Буенос Аирес, слетале во Кордоба, каде бесните навивачи ги гаѓале со ќеси со ѓубре
– Прв меч на СП без голови меѓу Бразил и Англија
Чиле, 1962
– Според многумина, најдобриот голман на сите времиња, гореспоменатиот Лав Јашин, примил гол од корнер од Колумбиецот Кољо
– За Шпанците играле четири играчи од друга националност (ди Стефано, Аргентина; Мартинез, Парагвај; Пушкаш, Унгарија; Сантамарија, Уругвај), но за бадијала, повторно не стигнале до титулата, иако Реал Мадрид царувал во Европа
– Бугарија ја продолжила низата од 17 натпревари без победа. Првата повбеда на Мундијалите ќе ја оствари дури на првенството во САД 1994
Англија, 1966
– Прва маскота на светските првенства – лавот Вили
– За прв пат деца ги собираат топките крај теренот
– Северна Кореја е првата азиска земја која ја поминала групната фаза на првенството
Мексико, 1970
– Прв пат се појавуваат албуми со сликички
– Адидас ја лансира славната „Телстар“ топка
– Судиите почнуваат да ги покажуваат жолтите и црвените картони на играчите, што пред тоа не било случај
– Направена е првата измена на мечот Белгија-СССР, дотогаш не биле дозволени
– Италија ја поминала групата како првопласирана со гол-разлика 1-0
Западна Германија, 1974
– Прв пат се гледале натпреварите на телевизори во боја
– Прв црвен картон на СП за Чилеанецот Касели
– Прв пат имало броеви и на шорцевите
– Жан Жозеф од Хаити е отстранет од првенството поради допинг
Аргентина, 1978
– Првата победа на африканска селекција на СП е онаа на Тунис против Мексико од 3-1
– Шкотланѓанецот Вили Џонстон паднал на допинг тестот
– Марио Кемпес (Валенсија) е единствениот од шампионскиот тим на Аргентина кој играл надвор од неговата држава
Шпанија, 1982
– Марадона настапува на својот прв Мундијал на 21 година
– По скандалот со напуштањето на сопругата на Платини за соиграчот Жан Франсоа Лариоса, овој веќе никогаш не бил повикан во репрезентацијата, а добил отказ и од матичниот клуб Сент Етјен
Мексико, 1986
– Најбрзиот црвен картон во историјата на Мундијалите му бил покажан на Уругваецот Батиста, во 56 секунда, по стартот над Шкотланѓанецот Гордон Страхан
– Топката е изработена од синтетички материјали
– Прв пат на првенството се квалификувала репрезентацијата на Канада
– Мароко е првата африканска држава со настап во нокаут фазата. Селекторот ги терал секоја вечер да одат на спиење со фудбалска топка
Италија, 1990
– Најнизок просек по голови на натпревар – 2.21. Највисок е оној во Швајцарија од 1954 година – 5.38
– Мотивирана од бавната и неефикасна игра, ФИФА по Мундијалот го воведува правилото голманот да не ја фаќа топката со раце по враќањето од соиграчот
– Роберт Просинечки беше прогласен за најдобар млад играч. Тој се’ уште е единствениот играч со постигнати голови за две репрезентации: даде гол за Југославија против ОАЕ, а осум години подоцна и гол за Хрватска на првенството во Франција
САД, 1994
– Дајана Рос се избрука на отворањето на првенството бидејќи при почетниот симболичен удар го промаши голот од три метри
– Прв пат финалето завршува 0-0 и победникот го одлучуваат пеналите
– САД и Швајцарија за прв пат играат натпревар на затворен стадиот во Детроит, а природната трева е донесена од Калифорнија
Франција, 1998
– Прв пат учествуваат 32 селекции
– Репрезентацијата на Хрватска прв пат учествува како самостојна држава
– Додека, во полуфиналниот меч, фудбалерите на Холандија и Бразил се подготвувале за пеналите, во поголемите холандски градови дошло до колапс на водоводната мрежа поради тоа што повеќето граѓани морале да се олеснат, и во еден момент многу казанчиња синхронизирано биле во погон
Јапонија и Јужна Кореја, 2002
– За прв пат имало три маскоти, вонземјаните Ато, Ник и Каз
– На Италијаните им биле поништени пет чисти голови на четири натпревари
– Легендарниот Хакан Шукур го постигна најбрзиот гол на Мундијалите, во 11 секунда, на натпреварот Турција-Јужна Кореја
– Двете најуспешни селекции, Бразил и Германија, за прв пат се сретнаа во финале дури на ова првенство
– Гологлавиот Пјерлуиџи Колина го судеше финалето и со својата популарност им парираше на фудбалските ѕвезди
Германија, 2006
– Швеѓанецот Маркус Албак го постигна 2000 гол на Мундијалите (Шведска-Англија 2-2)
– Швајцарија испадна од Украина во осминафиналето по изведувањето на пенали, регуларно беше 0-0, и интересно, си замина дома без примен гол, откако и во групата нивната мрежа остана недопрена
– Зидан по инцидентот во финалето со Матераци, во биографската книга раскажа дека Италијанот ја опцул мајка му, и затоа го удрил. Претходно, откако го влечел за дрес во многу дуели, Зизу му рекол дека ако толку многу го сака неговиот дрес, ќе му го даде по натпреварот
Јужна Африка, 2010
– Прв пат домаќинот не ја поминува групната фаза
– Прв пат идниот шампион, Шпанија, го губи воведниот меч, а потоа го освојува првенството (0-1 со Швајцарија)
– На Френк Лампард му поништуваат регуларен гол со Германија во осминафиналето (судиите не забележуваат дека топката паѓа зад гол-линијата), и ФИФА ја воведува видео технологијата на првенствата
Бразил, 2014
– Следниот првак, Германија, изгради своја база во гратчето Санто Андреа, и ја нарече „Камп Баија“
– Фоторепортерите до своите редакции испратиле вкупно 48.500.000 фотографии
– На италијанските фудбалери не им беше дозволено да ги користат социјалните мрежи за време на турнирот
– Билетите за финалето на црниот пазар скокнаа за 500%
Русија, 2018
– За прв пат на ова првенство се употребува ВАР технологијата
– Дизајнот на службената топка „Телстар 18“ е направен врз основа на првата службена ФИФА топка која се користеше на светското првенство во 1970 год.
– Според магазинот GQ, најдобри дресови имале Нигеријците, а второто место го зазема Хрватите со нивниот коцкест дизајн на дресовите
– Ова беше второ светско првенство, по она во 2006 година, каде во полуфиналето играа четири европски репрезентации
– Ова беше трето светско првенство по ред (2010, 2014) на кое актуелниот светски првак не ја поминува групната фаза (Германија беше последна во групата)
Катар 2022
– За прв пат се играше на климатизирани стадиони, кои не беа целосно затворени. Организаторот на сите стадиони имаше вградено огромни цевки кои носеа ладен воздух на стадионот, иако истиот не е целосно затворен, односно голем дел од нив се со отворена покривна конструкција. На овој начин, со помош на технологијата, температурата од 38 до 40 Целзиусови степени беше снижена на 27, односно на 30 степени на теренот, сé со цел за подобри услови за фудбалерите кои настапија на терените во Катар
– Само за репрезентациите на САД и Канада фудбалот е „сокер“. Тие оваа година за прв пат имаа заеднички настап на еден светски куп, а и како поинаку, кога Канада за втор пат беше дел од светскиот крем, по 1986 во Мексико, кога САД не се квалификуваше
– На светските првенства досега вкупно се имаат одиграно 22 финалиња, а европските репрезентации настапиле дури во 20, вклучувајќи го и ова во Катар