„Сосем обична љубовна приказна“ на Лусија Ечебарија

Од печат излезе нов превод од шпански на македонски јазик на преведувачката Катерина Јосифоска. Се работи за книгата „Сосем обична љубовна приказна“ на Лусија Ечебарија, со поднаслов „интригантна збирка со феминистички раскази“. Ова е 217 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ.

Книгата содржи дваесетина раскази во кои главни ликови се жени на различна возраст и сите приказни се инспирирани од вистински настани. Авторката ги преработува реалните случки и ги пренесува во фикција, создавајќи интересен и успешен хибрид на „документарна фикција“. Книгата завршува со поговор од авторката во кој е изложена документарната заднина за расказите и мотивите за нивното пишување.

Лусија Ечебарија (1966) е шпанска писателка и активистка. Студирала книжевност и новинарство во Мадрид. Досега објавила неколку романи: Љубов, љубопитност, прозак и сомнежи (1997), Беатрис и небесните тела за кој во 1998 година ја добила наградата „Надал“, Ние што не сме како другите (1999) итн. Освен романи, објавува есеи и песни, а учествувала и во пишувањето на сценарија за неколку филмови. Добитничка е на највисоката шпанска книжевна награда „Планета“ во 2004 година. Нејзините книги се преведени на петнаесет јазици, а шпанската јавност ја смета за една од најконтроверзните современи писателки. Обожава животни, вегетаријанка е и живее во Мадрид.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *