Деновиве во Музејот на Македонија во тек е изложбата насловена како „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“, која е организирана во соработка со Музејот на африканската уметност од Белград и Скопскиот џез фестивал. Оваа изложба првпат во Македонија претставува африкански експонати, што претходно можеа да се видат само во светските музеи или во документарните филмови. Музејот од Белград во својата обемна колекција има предмети од повеќе народи од Африка.
За да ја посетиме изложбата за која сите зборуваат, по подолго време се упатиме во магичниот простор на Старата скопска чаршија, кој секогаш е пријатен за прошетка низ малите улички полни со дуќанчиња кои кријат прекрасни занаетчиски приказни. Патот до музејот е доволно долг за да доживееме пријатни моменти со насмеаните сограѓани пред и зад излозите.
Конечно, стигнуваме во предворјето на Куршумли Ан и Музејот на Македонија, каде за потребите на „африканската“ изложба се селектираа повеќе од 70 скулптури, маски и ткаенини што се поврзани со култовите на плодноста и предците, како и со обредите за иницијација и погребувањата. Предметите потекнуваат од Мали, Буркина Фасо, Гана, Гвинеја, Брегот на слонова коска…
„Ова е прва можност македонските граѓани да се запознаат со африканските култури и да ги видат мноштвото скулптури и маски што ќе бидат изложени како светско културно наследство“, велат од Музеј на Македонија.
За време на траењето на изложбата има пет предавања, од кое првото се одржа на 18 октомври со кустосот од Белград, Александра Продановиќ Бојовиќ, која зборуваше за збирката на Музејот во Белград и настанувањето на колекцијата, а предавања деновиве одржаа или ќе одржат и Гоце Наумов, Илина Јакимовска, Тони Китановски и Никос Чаусидис. Како дел од придружната програма на оваа изложба ќе бидат прикажани четири играни и три документарни филмови, а ќе се одржат и неколку работилници со студенти по ликовна уметност.
По посетата, секако дека неизбежно беше да се седне на порција ќебапи. Овој пат изборот падна на „Турист“, кај кого пред три години необична случајна средба имаа Георги Господинов (со кого вечерта правевме промоција на „Физика на тагата“ во Менада) и Горан Стефановски во друштво на Том Стопард, со што чаршијата докажа дека отсекогаш била крстопат на брилијантни умови 😉