Кон „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи

Во време кога сите ја прекршуваат една од десетте божји заповеди, изговарајќи го напразно името Господово во било која животна ситуација, додека истовремено во негово име продолжува и многувековната војна која никогаш не престанала да ги истребува луѓето, повикувањето на славната фреска од  14 век во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, позната уште и како „Исус пред Пилат и ругањето“, е романтичен обид за враќање кон „нормалноста“. Фигурирајќи како наслов на дебитантскиот филм на Јани Бојаџи, се разбира дека тој јасно ја согледува ситуацијата оти такво нешто не е возможно, особено доколку си од проклетиот Балкан, но со помош на моќта на седмата уметност, можеби ќе успееш да отплеткаш некои Гордиеви чворови, макар сето тоа да заврши само како обид, со што остануваш чист пред себе.

„Кога секој е против секого, Бог е против нас“ е „фолк адаџото“ од почетниот телоп, кое се провлекува низ целото дејствие. Овој 153-минутен филм има мноштво испреплетени причинско-последични приказни, кои сценаристот и режисер низ 15-минутен воведен хајлајт ни ги претставува низ куси вињети, за запознавање со ликовите и материјалот кој не’ очекува понатаму. Грчката фотографка Андреа (Јоана Пилиху) е жестока и гласна, егејскиот пензионер Лазар (Мето Јовановски) е изгубен меѓу земјата и небото, а угледниот новинар Александар (Љупчо Тодоровски Упа) меѓу јаболкниците го бара детето во себе. Но за да се дојде до овие ситуации, треба да се изоди долг пат.

Бојаџи не поштедува никого и на едно место ги сопоставува конфликтот од 2001-та, насобраниот гнев кон Егејците, надоаѓачкиот Путин на постерот на кој пишува „Liberte“, анархистите кои ја палат француската банка небаре се гемиџиите од 1903-тата кои ја напаѓаат османлиската банка, сето тоа зачинето со економската криза во Грција, во која пропаѓаат бизнисите на „малите“ луѓе. „Иднината е наша! Тука утре е вчера. Тука живите не ги оставаат мртвите да умрат, а мртвите не ги оставаат живите да живеат“. Балканскиот котел секогаш вриел, и во една таква сложена геополитичка ситуација, како освестување доаѓа забелешката дека „во светот ништо и не се сменило, бидејќи Медеја и понатаму ќе продолжи да ги убива своите деца поради маж“. Затоа на крајот се’ влече кон неизбежната грчка трагедија како основа на сите човечки судбини, дури и оние кои претендираат да имаат среќен крај.

„Нема ништо на небото, се’ е тука на земјата, и рај и пекол“ е една од констатациите со кои изобилува филмот од сцена во сцена. А во меѓувреме, во внатрешноста на филмското дејствие, во филмското месо се нижат приказни кои со леснотија ги прескокнуваат временските столетни дистанци, некогаш без, некогаш со причина. Како и во многу претходни остварувања во македонската кинематографија, Бојаџи како да сакал се’ да смести во своето прво целовечерно остварување, обидувајќи се да најде врзивно ткиво меѓу сите споменати приказни, од реалните историски, преку теориите на заговор, до езотеричните размисли на тема „што-би-било-кога-би-било“. Тоа е еден комплексен наратив кој треба храбро да се износи, се’ до крајниот заклучок дека „секој ја носи својата приказна со себе, и дека тоа не се расчистува толку лесно бидејќи се собирало со векови“ како веќе опсервирана и очекувана катарза. Истата се крунисува со раѓањето на новото дете, кое безгрижно се смее меѓу јаболкниците, се’ додека не загриза една од нив. Потоа веќе нема враќање назад.

Она во што сценаристот и режисер во својот првенец комплетно успеал е на едно место да ги соочи фантастичните актери од различни генерации, кои остваруваат добра хемија меѓу себе на платното. Мето Јовановски е стандардно брилијантен како двојниот Лазар. „Дали Лазар умрениот и Лазар воскреснатиот се познавале? Дали тоа е истата личност?“ се релевантно поставени прашања, кои по интерпретацијата на Јовановски добиваат сосема нова димензија. Јоана Поповска како Султана е поствеста на оваа приказна, која докажува дека сеќавањата се структурата на човековото постоење, бидејќи оној што се сеќава, и живее. Младен Крстевски како Вани исто така успешно го доловува миксот на мудроста и големината на срцето на еден селанин посветен на работата и семејството.

Актерскиот врв во ова остварување го достигнува Љупчо Тодоровски, кој го игра човекот кој по долги децении се враќа дома како Одисеј, за да го освежи сеќавањето за своите корени. И како што обично бива, на крајот ќе биде распнат ни помалку ни повеќе, туку на билборд (во духот на современието во кое живееме – се’ е реклама!). Но ако го оставиме настрана галиматијасот со “големите” историски наративи, каде Исус е син на Александар, ликот на Алеко цврсто стои на земјата со обете нозе, живеејќи го современието со полни гради, и токму во тој дел од таа “градска” приказна Упа игра маестрално достоинствено, на нивото на еден Пачино во зрелите актерски години.

Во една од последните сцени, Султана и’ раскажува приказна на Андреа на македонски јазик, кој Гркинката го нема научено. Но по нивната експресија на лицата, изгледаат како тие совршено да се разбираат. Раскажувањето приказни е посебна дарба, особено ако си филмаџија. При тој тест се гледа умешноста со владеењето на филмскиот јазик и способноста да се задржи вниманието на гледачот до самиот крај. Чинам дека доколку филмот би бил пократок за 3-40 минути, би го постигнал посакуваниот ефект и би бил далеку покохерентен. Затоа што, колку што е важно да се раскажува, толку е важно и да се има добар слушател. Во случајов, и гледач.