ФИПРЕСКИ награди во Кан 2025

На годинашното 78. издание на филмскиот фестивал во Кан, престижната „Златна палма“ ја освои филмот „Едноставна несреќа“ на режисерот Џафар Панахи. Ова воопшто не е изненадување бидејќи секогаш кога феноменалната иранска кинемтографија има нешто да понуди, тоа вообичаено на крајот станува лауреат. Меѓутоа, во овој текст се осврнуваме на одлуките на колегите од ФИПРЕСКИ, кои речиси секогаш се разликуваат од оние на официјалното жири, откривајќи нови таленти и нови пристапи во филмската уметност. Во продолжение ги претставуваме трите ФИПРЕСКИ лауреати на годинашниот Кан.

Годинашното интернационално жири во состав C.J. Johnson (Австралија, Претседател), и членовите Mariana Hristova (Бугарија), Laurent Delmas (Франција), Eva Novrup Redvall (Данска), Michael Ghennam (Франција), Hosam Fahmy (Египет), Ioannis Rouzaios (Грција), Olga Ruin (Шведска), Freddy Wong (Хонг Конг), ги донесоа следниве одлуки:

За најдобар филм во официјалната селекција беше прогласен O AGENTE SECRETO/THE SECRET AGENT на Kleber Mendonça Filho, копродукција на Бразил, Франција, Германија и Холандија.

„Избравме филм кој има романескна, епска великодушност; кој дозволува дигресија, диверзија, хумор и ликови за да евоцира време и место, но и богата, чудна и длабоко вознемирувачка приказна за корупцијата и угнетувањето. Филм кој ги создава своите правила на игра, личен, но и универзален, кој си создава сопствено време и делува како сад за сеќавање на еден свет, кој евоено управуван Бразил во 1977 година, свет на добри луѓе во лоши времиња“.

Следат за мене особено важните награди за дебитантски остварувања во две кански селекции. Во онаа која по квалитет е еднаква со официјалната, „Извесен поглед“, колегите од ФИПРЕСКИ наградата за најдобар прв или втор филм му ја доделија на URCHIN на британскиот режисер Harris Dickinson.

Образложението вели: „Моќен прв филм кој функционира како комплексен лик. Ова е бескопмромисна студија за бездомништвото и зависноста. Длабоко се нурнуваме во циклусот на самоуништување изразен со искреност, автентичност и вистинска емпатија кон главниот карактер“.

ФИПРЕСКИ лауреат во паралелните секции „Directors’ Fortnight“ или „Critic’s Week“ е филмот PLANÈTES /DANDELION’S ODYSSEY на Momoko Seto, копродукција на Франција и Белгија.

„Веруваме дека во овие чудни и опасни времиња кон кои се движиме, најважно е да си дозволиме да чувствуваме длабоко, а нашите избори да бидат значајни во однос на филмот кој му ја враќа на киното неговата емоционална суштина. Го избравме овој филм поради одличната монтажа и употребата на посебни техники на слика кои комбинираат класични и модерни анимациски форми. И поради силата на неговата порака, која не е ништо друго освен љубов, спасение и другарство во најтешките околности. Победата на животот над силите на смртта“.

@ fipresci.org