На почетокот од месецов, поточно, на 02 октомври, колегите од стрип книжарницата „Бункер“ ја продолжија својата неодамна започната издавачка дејност, и пред љубителите на деветтата уметност го претставија своето второ издание едноставно насловено „Легендите на Тур де Франс“. Автор е Холанѓанецот Јан Клејне, кој на супериорен начин ни го претставува историјатот на славниот велосипедистички круг околу Франција, почнувајќи од зародишот на идејата па се’ до модерниве времиња, кога овој спорт сериозно го потресоа допинг скандалите.
Графичката новела „Тур де Франс“ е поделена во 10 поглавја, и на некој начин рамномерно ги покрива турбулентните декади низ кои поминува трката, со сите премрежија, потешкотии и новини кои таа ги носи.
Во првото поглавје „Почетоци“ дознаваме за идејата на главниот и одговорен уредник на списанието „Л’Ауто“, Анри Дегранж, кој за да го зголеми тиражот на весникот добива идеја за велосипедска трка. И додека нашите предци овде макотрпно работат на ефикасноста на црешовото топче, Французите се занимаваат со монденски работи, организирајќи ја првата етапа од Париз до Лион во должина од 467 километри, која крај патот ја проследиле вкупно 100 гледачи. Но по три недели веќе 10 илјади гледачи го пречекуваат првиот победник Морис Гарен, пред се’ поради секојдневните репортажи за неверојатните етапи, на кои се случувале луди нешта – невремиња, падови, качување на воз за кратење на патот итн.
Првата светска војна го спречува континуитетот на трката бидејќи речиси сите велосипедсти биле на фронтот. Веќе во 1919 година се појавува новитетот, водечкиот велосипедист да носи жолта маичка, практика која оваа година прослави 100 години. Друг значаен момент е воведувањето на хронометарот во 50-те години, кога натпреварот прилично се видоизменил, бидејќи одеднаш во преден план избиваат тркачите со времето, кои најчесто на крајот и биле победници на трката.
Најинтересни поглавја во стрипот се оние за ривалствата помеѓу велосипедистите, кои ги имало отсекогаш. Во одреден период доминирал некој Италијан, исто така Белгијанците секогаш имале свои адути (за петкратниот првак Еди Меркс се вели дека е еден од најомилените велосипедисти на сите времиња), тука се и Шпанците преку маестро Мигуел Индураин кој во 90-те стана петкратен првак и навреме се повлече пред да се појават допинг скандалите, но секако, Тур де Франс низ историјата највеќе ја обележуваат домашните возачи и имињата како Жан Анкетил (петкратен првак во 50-те), Бернар Ино (петкратен првак во 70-те и 80-те) и останатите асово кои Французите потоа долго време ги слават како свои херои. Да не ги заборавиме и Американците, особено двократниот првак Грег Лемонд во 80-те, чиј успех го засени седумкратниот шампион Ленс Армстронг, кој на крајот ги призна сите валкани работи кои во последниве две-три декади се случуваат во овој спорт, па одличјата му беа одземени.
Стрип албумот оригинално издаден во 2013 година, низ многу куриозитети поврзани со трката околу Франција ни доловува една спортска традиција полна со пикантерии, пресврти, скандали, глорификувања и падови, токму онаков каков што е спортот, но и самиот живот. Авторот Јан Клејне (1977) е еден од истакнатите холандски стрип автори од поновата генерација. Ова е неговиот прв графички роман со кој постигна голем успех. Покрај оригиналната холандска верзија преведен е и на англиски, француски, германски, шпански, кинески(мандарински), дански јазик и објавен е во петнаесетина земји. Угледните „Гардијан“ и „Криејтив Блок“ го вброија меѓу најдобрите графички романи објавени во 2014. Македонското издание е прво во овој дел од Европа.
Графичката новела е испечатена и реализирана според сите стандарди, со одличен превод од холандски јазик на Ели Пујовска, и на самиот крај ни носи прекрасно задоволство, комплетен преглед на сите досегашни победници, но и поединечни табели со најдобрите искачувачи со точкести маици, најбрзите спринтери со зелените маици, и уште неколку табели со кои се прави комплетен преглед на историјатот на трката и низ бројки.
„Легендите на Тур де Франс“ претставува прекрасно надополнување на првото издание од минатата година на тематски (спортски) план, бидејќи во „Олимписки сон“ на германскиот автор Рајнхард Клајст ја следиме приказната за африканската атлетичарка Самија Јусуф Омар која го остварува својот сон да трча на Олимписките игри.
Со овие две изданија „Бункерци“ на најдобар можен начин покажуваат дека со стрпливост и упорност, на крајот резултатите можат да бидат и повеќе од задоволувачки. Во очекување на третото издание во едицијата со боувиевско секси име „Апсолутни почетници“, поддршка и само напред!