Одејќи преку Камениот мост од плоштадот кон чаршијата, од неговата десна страна долу, крај кејот на Вардар, се наоѓа еден не толку забележлив, но всушност многу значаен и впечатлив споменик. Иако графитот во подножјето од мостот е 16 ноември, сепак, споменикот е посветен на значајниот датум 13 ноември, денот кога беа поставени темелите на слободно Скопје.
На споменикот има една фигура со рацете вкрстени долу и со погледот свртен кон реката, а на белиот мермер се изгравирани имињата на неколкумина Скопјани како последни жртви на германскиот окупатор пред ослободувањето на градот. Токму на денешен ден пред 75 години Скопје почнува слободно да дише и да се развива во модерна метропола отворена за сите.
Историјата вели дека „партизанските единици кои биле вклучени во ослободувањето на Скопје речиси цел ден марширале кон градот, одејќи пеш триесетина километри. Една од бригадите со околу 2000 лица ја покривала цела Скопска Црна Гора. Кога пристигнале во Скопје, веќе се воделе жестоки битки. Дванаесеттата бригада се борела за ослободување на десниот брег на Вардар, како и за сите поголеми објекти – Народна банка, училиштето „Гоце Делчев“, хотелот „Македонија“, Офицерскиот дом, радиото Скопје…
Една од поголемите битки што се воделе тогаш била онаа кај Старата железничка станица, а Германците биле присилени да се предадат. Големи битки се воделе и на Водно и Матка, а можеби една од најпогубните била онаа каде што сега се наоѓа кафеаната „Идадија“ во Дебар Маало. Завршната битка била за Учителската школа, кога биле заробени 70 Германци. Во еуфорија на ослободено Скопје, жените излегувале на улиците и ги пресретнувале борците со цвеќиња и по стариот обичај, со леб и сол, а потоа следувала и општа веселба на плоштадот, по кој парадирале партизаните. Дури 400 борци учествувале во ослободувањето на градот, а голем дел од нив биле и жени“.
Ваков или онаков, денешниот ден треба да се празнува во знак на почит кон Скопје, кој треба да го чуваме, негуваме и да им го предадеме на следните генерации да го градат и надградуваат по нивен, современ терк.
Среќен празник, граду наш!