Светско фудбалско првенство 2026

Синоќа на легендарниот „Aцтека“ стадион во Мексико сити започна 23. Светско првенство во фудбал, со победа на домаќинот над Јужна Африка со 2-0, во меч со три црвени картони.

Куриозитетот вели дека првенството за прв пат се одржува во три земји: Мексико, САД и Канада. И ако Канада е дебитант во ова друштво, се сеќаваме на првенството во САД во 1994 година, кога генерацијата на Тафарел, Дунга, Бебето, Ромарио… го крена победничкиот пехар, по пенал-серијата со Италија.

Мексико, пак, по трет пат ги пречекува најдобрите светски репрезентации, откако во 1970 година Пеле го кренал третиот пехар (по 1958 и 1962) за последен пат, а 16 години подоцна бевме сведоци на незаборавното првенство на кое беше крунисан новиот владетел Марадона, подарувајќи ни ја и ден-денес непојмливата „Божја рака“.

Од колекционерски аспект, ова е прво првенство кое веќе стартуваше, а ние се’ уште ги немаме собрано сликичките во албумот. Причината е едноставна: со зголемувањето на бројот на земјите-учеснички на турнирот (од 32 на 48) се зголеми и бројот на сликичките, и собирај-собирај, никако да стигнеме до фамозните 980 🙂 Но при крај сме (уште 6 сликички), а среќни сме што од приредувачот „Дипрес“ си ќаривме две „Панини“ маици од наградната игра.

Следат 40 дена фудбалско лудило, и со оглед на тоа дека натпреварите се претежнo во ситните ноќни часови, кој преживее – ќе раскажува 😉

Во прилог е колекционерскиот текст за албумите на „Панини“ од пред неколку години, во чие друштво деновиве влегоа и албумите од светското во 2002 и европското од 2000-тата. На тој начин ги комплетиравме албумите од сите големи првенства во новиот милениум!