Сабота попладне, врело јунско лето, што да се прави, прашање е сега!? Хамлетовската дилема ја разбива подмладокот со прифатлива идеја – да бидам шофер и да ги однесам на „Д Фестивал“ во Штип. Па навистина, во овој период од годината летните фестивали се единственото прифатливо бегство од вжештениот градски асфалт. Набрзина ја погледнувам програмата и сфаќам дека токму таа саботна вечер „мириса“ на екс-ју носталгија. Неврмајнд. Но, меѓу имињата има и бенд кој го пропуштив во Скопје, и со драго срце би го гледал во живо. Одиме? Одиме!

Муабетот околу промената на фестивалскиот простор од Дојран во Штип нема да го коментираме, тоа е тема која на социјалните мрежи веќе на долго и нашироко беше разгледана со „за“ и „против“ аргументи. За мене еден друг факт беше многу поважен оваа вечер – по 33 години повторно ќе го гледам Јура Стублиќ, откако во 1993 година во МКЦ во едни бурни, воени времиња, тој настапи со неговиот „Филм“, а на тој настап во публиката беше и мојата маленкост со обврска – да напишам рецензија која ќе излезе во тогаш потентниот „Тротоар“. И се случи историја – кусиот осврт беше објавен во култното списание за музика и филм, како прва моја официјална објава во печатен медиум. The rest is history 😉
Фестивалскиот простор е распослан на и околу стадионот на „Брегалница“, чија истоимена река колку-толку дава некаква свежина во просторот под Исарот. Но не можеме да ги избегнеме здодевните комарци. Токму на „Москито“ сцената пичи првиот бенд за вечерта, металците „Conspiracy“, а по нив на главната сцена разбиваат „Destruction“. Во тој момент сфаќам дека присуствувам на уште еден куриозитет – после долго време, од 90-те години, кога „Санаториум“ настапуваа на групни свирки со тогаш актуелните македонски бендови, гледам и слушам метал музика во живо. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека германскиот бенд е формиран барабар со „Металика“ и дека имаат култен статус меѓу фановите, што се виде и од реакцијата на публиката, тогаш се’ си е на свое место.

Во меѓувреме се сретнувам со еден пријател и разврзуваме муабети, па ги пропуштаме следните изведувачи. Ми се допаѓа фактот што и тој, горе-долу, вечерва дошол за да го слуша Јура, бидејќи еден албум во младоста го врзува за убави спомени. Ете, не сум единствен, заклучувам во себе. И додека Миле Кекин од „Хладно пиво“ се обидува да ја одржи популарноста настапувајќи соло, а за мене непознатите „Gwass“ наидуваат на добар прием кај помладата публика, дојде време за Јура и екипата. Се приближуваме до сцената каде ни се придружува „домаќинот“, драгиот пријател Горан Јовановиќ, и шоуто може да почне.

Младите момци кои гордо стојат зад легендарните „Филм“, бендот-победник на култниот музички фестивал во Суботица со прекрасната песна „Neprilagodjen“, со кој беше најавен „Новиот бран“ на југословенската сцена, прават вовед со музиката од препознатливата тема „У тунелу усред мрака“, но, се разбира, со прилагодени стихови кои го навестуваа доаѓањето на ѕвездата. Јура не излегува веднаш со нив… не, не, не… тие треба да го најават, а момците тоа го прават добро, низ стихови како „Јура стиже из Чикага“ и слични зафрканции… важно, вибрациите од сцената се префрлаат врз публиката, составена од различни генерации, меѓу кои доминираат повозрасните, што е разбирливо, нели.

Темата-вовед завршува, и почнува препознатливиот такт од „Vi, prekrasni ljudi“. На сцената се појавува мистер Стублиќ во препознатливиот аутфит, во кој доминираат марамата на главата и очилата под неа. Неговите движења се на граница на сигурност, но стариот роќер добро се држеше до крајот од настапот. Човекот веќе има 73 години, и се радуваме што се’ уште е тука, меѓу нас, иако во онаа моја прва рецензија од 1993 година како да насетувам дека сето тоа нема уште долго да трае. But, never say never!

Песните се редат една по друга, по малку се насмевнуваме на одредени движења и гегови на Јура, особено кога не може да допее одредена песна, па го тера басистот да пее на неговиот микрофон, но и покрај тоа, во еден момент со пријателите констатираме дека човекот пред нас направил толку многу хитови во животот, што иако во меѓувреме не сме ги слушале којзнае од кога, ние се’ уште ги знаеме наизуст и ги пееме заедно со него. Па што може повеќе да посака еден уметник!? И сите имаат по некој свој фаворит што го очекуваат, за да продолжат добрите вибрации. Е таа е „мојата“ 😉
Јуре навистина оддава впечаток дека е од некое минато време. Сепак радува што одвреме-навреме знае да се појави на сцените во регионот, откако долго време настапуваше само во Загреб и тоа исклучиво на 8 март, во чест на понежниот пол. Тоа ме потсети на една анегдота поврзана со него. Имено, кога го посетив музејот посветен на екс-ју сцената во Загреб, видов дека одделот за групата „Филм“ ги содржи марамата и очилата на Јуре, истиот модел со кој настапува и вечерва. Кога го донирал тој препознатлив реквизит, им рекол дека му служел како заштита при работа. Зошто? Затоа што го штител од повреда од сите прслуци и гаќички кои го удирале по лицето додека настапувал на сцената. Цар! 🙂




Иако стиховите велат дека „со нас, прекрасните луѓе“ тој може да помине цела ноќ, сепак се работи за фестивал на кој сцената се дели со други бендови, и Јуре е свесен за тоа. Но се чини дека овој 40-45минутен настап како да е таман, сосема доволен за неговата кондиција во тие години, и тој на крај се простува од нас со антологиската „Srce na cesti“, автопат на кој ниту тој ниту ние не возиме со 120 на час, но овој негов вечерашен перформанс беше во границите на нормалата и на неговите и на нашите години, така што остана само да му се заблагодариме и да му посакаме добро здравје понатаму. А тој ни возвраќа со едно споро танго со френдовите од бендот, како да сака да каже дека рокенрол срцето никогаш не умира.
Веднаш потоа, за забрзување на фестивалската енергија се погрижи македонско-словенечката група „Lelee“, која растури на „Москито“ сцената. Одамна не сум видел таков самоуверен настап, особено на басистката, која потсети на двете Ким, Гордон и Дил, од нивните најдобри денови. Потоа Бајага со неговиот „lazy“ пристап не’ подготви за легнување.

Се’ на се’, бев задоволен што на некој начин заокружив една убава приказна: 33 Исусови години по првата објавена рецензија, повторно присуствував на концертот на кој Јура докажа дека некои работи се непроменливо вечни, иако тохгаш млад, „зелен“ и полн со себе, не сум штедел на зборови. Истовремено, ова беше убава летна штипска вечер на која младите ја потрошија својата енергија, градот ја наполни касата, а Македонија може да се пофали дека има летен фестивал кој се надеваме дека во следните години ќе донесе актуелни имиња од светската музичка сцена. Упс… следната вечер The Idles растуриле. Се извинувам, само сакав да бидам конструктивен 😉

