Кога една книжевна класика од осмиот век п.н.е. како Хомеровата „Одисеја“, едно од делата што ги поставија темелите на Западната цивилизација, треба да се екранизира на големото платно, тогаш тоа претставува голем настан за филмската, и воопшто, за уметноста во целост. Не секој се нафаќа на таков голем залак, бидејќи шансите да тропнеш се поголеми отколку да успееш. Низ филмската историја сме биле сведоци на безброј такви примери. Веројатно единственото име кое во моментов беше способно да го стори тоа, без сомнение, е Кристофер Нолан. Момчето кое започна со нискобуџетни зачудни филмови кон крајот на 90-те и почетокот на 2000-те, а продолжи да ја гради својата кариера со еден куп незаборавни остварувања, со „Одисеја“ веројатно стигна до ѕвездените моменти, до својот креативен врв, две години по добивањето на Оскарот. Затоа, пред да се посветиме на актуелниот филм, добро е да се потсетиме на неговиот развоен пат, за да ја доловиме поголемата слика.

Кога во 1998 година стартуваше Скопскиот филмски фестивал, првиот филм на Кристофер Нолан насловен „Следејќи“ (Following) се протна некако срамежливо меѓу нас, филмофилите, бидејќи фестивалската понуда беше неверојатна. Во деведесеттите се снимаа луди филмови и ми се чини дека ниту една декада потоа не ја надмина креативноста на овој период. По дебитантскиот филм забележавме дека на повидок е ново име со свој печат, кој продолжи да го развива авторството веќе по две години со следниот филм, незаборавниот „Запомни“ (Memento). Во 2002 година ни го „подари“ фантастичниот трилер „Несоница“ (Insomnia), мојот омилен во неговата филмографија, и „ѕвездата беше родена“. Неформалната трилогија му обезбеди простор и пред се’, поголеми буџети за да почне да си ги остварува соништата, а првиот меѓу нив беше да седне на режисерското столче за филмот „Бетмен започнува“ (Batman begins) за да го врати популарниот серијал, по паузата, онаму каде што припаѓа, меѓу фановите. По три години го реализираше и „Будењето на темниот витез“ (The Dark knight rises).

Познат како филмаџија кој љуби да раскажува нелинеарни приказни, по претходните успеси тој почна да навлегува и во зоната на научната фантастика. „Почеток“ (Inception) и „Меѓуѕвездено“ (Interstellar) се интелигентни остварувања кои се меѓу најдобрите во жанрот во новиот милениум. Потоа повторно се приземји и во неколку години ги реализираше големиот експеримент „Данкирк“ (Dunkirk), жестоката битка од Првата светска војна снимена во еден кадар, шпионскиот трилер „Тенет“ (Tenet), како и биографскиот филм за изумувачот на атомската бомба „Опенхајмер“ (Openheimer), кој конечно му донесе Оскар за најдобар филм и најдобар режисер. И токму тука се враќаме на почетокот од текстот и на констатацијата дека единствено Кристофер Нолан, во овој момент, беше способен да ја екранизира легендарната „Одисеја“ по свое, и тоа го направи на фантастичен начин и со моќна порака во поттекстот, кој кореспондира со времето во кое живееме.

Пред да се посветиме на новата „Одисеја“, да се потсетиме на главните ликови во неа низ кратки црти: Одисеј (Мет Дејмон) е митскиот крал на Итака, војсководец и творец на коњот со кој завршува војната. Тој не е класичен јунак, туку човек со интелект и снаодливост. Неговото патување дома претставува длабока психолопшка драма за цената на победата, загубата и судирот на луѓето со волјата на Боговите. Пенелопа (Ен Хетавеј) е неговата сопруга која две децении ја одржува кревката Итака во живот. Таа успева да ги одбие додворувачите и претставува вистински симбол за верност. Нивниот син Телемах (Том Холанд) минува низ процесот на растење и созревање, од момче до маж, од пасивен набљудувач до иден владар. Антиној (Роберт Патинсон) е најупорниот додворувач, политички интригант кој ја користи ситуацијата за да ја приграби власта. Елена, според митологијата, е најубавата жена на светот. Интересен е изборот на Нолан со Кенијката Лупита Нионго, на што нашите јужни соседи бурно реагираа. Калипсо (Шарлиз Терон), пак, е морска нимфа и ќерка на титанот Атлас. Таа го спасила Одисеј по бродоломот и го чувала седум години на нејзиниот остров, нудејќи му бесмртност доколку остане со неа.

„Ова е време на очигледна магија“, пишува на воведниот телоп, и започнува речиси тричасовниот танц на платното, кој се одвива со доволен интензитет да не ви се смачи, внимателно очекувајќи ја секоја наредна сцена. Нолан на свој начин ги разработил повеќето возбудливи епизоди од Хомеровиот еп, и знаејќи дека не ги милува специјалните ефекти, повеќето од нив ги снима на реалистичен начин. На пример, киклопот во пештерата е сцена снимана во вистинска пештера во Грција, а чудовиштето е создадено од рацете на неговите вешти помошници. Исто така, онаа легендарна сцена кога бродот на Одисеј минува крај Сцила и Харибда, која Хомер ја опишува како една од најголемите опасности за неговиот екипаж, опасниот вртлог е доведен на ниво на нормалност, не гледаме никакви спектакуларни ефекти од кои може да не’ заболи главата. Бродот минува низ еден пристоен теснец небаре контраверзниот Ормутски, кој изминативе месеци ни ја крои судбината, носејќи не’ до спектаклот – сцената со нимфите и нивниот благопријатен пој, во која Мет Дејмон низ животински крик едноставно брилјира. Хомер е точен како никој пред и по него: „Песната на сирените е олицетворение на се’ што некогаш си посакал, а не си можел да го имаш. Затоа што си го имал, а си го загубил“.
Во филмот и градот Троја не е претставен којзнае како спектакуларно, туку со влезната врата и борбата низ неговите улици. И бројноста на војските е сведена на минимум, за разлика од спектаклот „Троја“ (Troy) на Волфганг Петерсен од 2004 година, каде се’ е епски. А што да се очекува од човек кој не поседува ниту „паметен телефон“!? Нолан во едно интервју вели дека не му треба, затоа што залудно би го потрошил времето кое го користи да размислува за креативните решенија за филмот на кој работи. А едно од нив е легендарниот тројански коњ, во кој војниците се дават во сопствениот измет чекајќи да влезат во Троја, после десет години чекање на проклетата плажа. Прекрасниот рачно изработен коњ е закопан во песокта и чека да ја одигра својата улога. Оваа сцена ме потсети на паднатата Статуа на слободата од филмот „Планетата на мајмуните“ (Planet of the Apes) со Чарлтон Хестон, за која подоцна испадна дека му била голема желба на Нолан да ја цитира, како влијание од раните години, кога филмот на Френклин Џеј Шефнер му го разнел умот. Исто како и мојот, кога за прв пат го гледав филмот во детството на Телевизија Скопје. Оттаму перцепцијата и асоцијацијата „на прва топка“.

Цитатноста очигледно не е непозната категорија за британско-американскиот филмаџија. Одисеј, обидувајќи се да се сети што се случило со неговиот брод, оди по водата како Исус, на тој начин изедначувајќи го со Боговите. И додека доживува просветлување на скалилата на Троја небаре е дел од филмот „Потемкин“ на Сергеј Ејзенштајн, мистериозниот Агамемнон со шлемот на главата гордо чекори напред, како антички Дарт Вејдер, а дел од неговата војска наликува на смотаните Сајлонци од „Галактика“. Смешки! Да, да, смешно, иако филмот е прилично сериозен, реализиран низ една темна визура која не е за секого, но ете, постојат тие мали процепи светлина кои нудат ведрина, како моментот по триесетина минути, кога за прв пат го гледаме Киклопот, сфаќајќи дека и покрај сериозниот драмски влез во филмското дело, сепак присуствуваме на приказна од митологијата, во која Одисеј и неговите војници бегаат по планината надолу како од ѓавол.

Многу митолошки ликови провејуваат низ сцените, а една од највпечатливите и најдобро одиграните е онаа на Саманта Мортон. Нејзината Кирка исто така е приземјена до непрепознатливост, меѓутоа сцената изобилува со фантастични елементи кои на моменти ве тераат да ги затворите очите. Кирка е волшебничка и заводничка која, доколку не играш според нејзини правила, ќе те претвори во животно. Во случајов Нолан играл на картата на потребата од ждерење кај машкиот род, која потоа доведува до свински лик. Нверојатно бизрно и забавно во исто време. Покрај Саманта Мортон, перформансот на останатите актер(к)и е очекуван и веќе виден во нивните претходни остварувања, затоа да не ја заборавиме ролјата на верниот пес кој две декади го чека својот газда да се врати дома. Кучето Аргус, неправедно ставено на отпадот да гние и умира, е една од најсрцепартелните сцени во филмот, бидејќи заминува од овој свет токму во моментот кога ќе го препознае Одисеј крај себе.

Женските ликови во филмот се на ниво на плакат, но нивната убавина не е идеализирана, иако режисерот можел да го стори тоа, затоа што раскажува за времето во кое царувале неодоливите Божици. „Ова е свет во кој мажите прават што сакат, а жените колку можат“, вели Пенелопа, која не сака да се премажи, чекајќи ја својата љубов. Можеби важи онаа забелешка дека кога маж пишува женски ликови, тогаш постои некаква алка што недостасува 🙂 Затоа, пак, односот татко-син е изведен мајсторски. Телемах не го запознал својот татко, но има нешто во него што го тера да го пронајде, верувајќи дека не е мртов. Зминувајќи во потрага по него, тие сепак ќе се сретнат на „домашен терен“, каде Одисеј е маскиран Бог, и од просјак повторно влегува во улогата на татко. Ми се допаѓа што во третата нивна соработка, Мет Дејмон е одличен, зрел за ваков предизвик. Ме радува што интелигентното момче од „Добриот Вил Хантинг“ го доживува својот актерски врв. Тој маестрално го толкува Одисеј како човек свесен за својата старост, а не е некаков суперхерој со посебни моќи. Тој е од крв и месо, и единствениот адут што му останува за да им пркоси на Боговите е љубовта. За неа навистина вреди да се бориш до самиот крај.

За филмот и неговите леери, потслоеви и чепнати теми може уште многу да се раскажува, но да се вратиме на она што е суштинско и за Хомер и за Нолан – темата „враќањето дома“. Таа вечна потрага по домот на која филмаџијата и’ дава додатна димензија – за момент непосакувањето на главниот (анти)херој да се врати во родната Итака. Нолан неколку пати во текот на дејствието го повторува лајт-мотивот кој се одигрува на веќе споменатите скалила во Троја, на кои Одисеј сфаќа дека човекот направил чекор напред кој всушност е чекор назад за човештвото. Додека го лгеда дивјаштвото на својата војска која уништува еден град со неговите жители, тој вели дека е свесен оти прекршиле се’ што е свето меѓу луѓето. А кога кревките врски меѓу нив ќе се прекршат, следи мрачно доба. Оттаму и мислата дека можеби не сака да се врати во Итака, која без крал е полна со интриги, ни на небо ни на земја. Нолан несомнено алудира на современието во кое живееме, во кое погрешните кралеви што создаваат светски жаришта отворено укажуваат дека границата е надмината и нема враќање назад.

„Современото кино ја зема формата на проповед. Не мораш да мислиш, туку само да ја примиш информацијата“, вели Гас ван Сент, колегата на Нолан, чии дела воопшто не се дел од оваа размисла. Затоа уживав во новото читање на Хомеровата „Одисеја“, во кое сценаристот и режисер сече-лепи-и-монтира, додавајќи и одземајќи од оригиналот како што му одговара. Неговиот филм истовремено е поглед кон минатото и предупредување за иднината, а една од улогите на филмската уметност е токму тоа, интелигентно да не’ предупреди на можните последици од нашето (не)делување. Затоа на крајот од приказната Одисеј не се сретнува со татко му Лаертиј, како што опишува Хомер, туку заминува со Пенелопа кон сонцето за да ги измие своите гревови за мртвите војници, на тој начин оставајќи барем еден отворен прозорец со пријатен ветер на кој можеме да се „возиме“… се’ до следниот предизвик, како човештво на работ од разумот, кое очигледно и понатаму ништо не учи од историјата.
