Тања и детето не се добри

Пред да дочека да умре, да, сега веднаш… тука на студената земја под липата, Тања ми зборуваше дека животот е (отсекогаш бил!) претежок за неа; дека не може да врзе крај со крај, дека многу работи ѝ тежат, и не гледа како би можела да најде решение за истите.

„Сѐ е толку тешко… дури и умирањето…“, ми вели, и ми ја стегнува раката како да сака да ми го покаже тоа со нанесување на физичка болка еквивалентна на болката што ја чувствува. Не се обидувам да ја извлечам раката од нејзината, дозволувам подраснатите нокти да ми ги зарие длабоко во кожата. Јас сум ѝ како гранка за спас, тука да си ја одмори душата.

Јачејќи погледнува во парченцата сино небо кои ѕиркаат меѓу раскошните гранки со липов цвет над нас, а солзите, само за момент, ѝ се задржуваат во потемнетите подочници, а потоа продолжуваат да се тркалаат по лицето слевајќи се во ушните школки. Ги гледам, и посакувам да ѝ ги избришам; „не е добро вака да замине“, само помислувам без да сторам било што.

„Кога го родив беше многу кревок, дури и плачот му беше скоро нем. Секогаш имав чувство дека нешто лошо ќе му се случи“, скоро неразбирливо мрмореше. „На крај на ум не ми идеше да му  дозволам да оди на лулашки сам, да се качува по дрвената конструкција со разнишани штици на кои недостасуваат шрафови… може да му влезат спици под ноктите кога со раката ќе се обиде да се придржи качувајќи се на погорното ниво, или пак, можеби ќе падне на глава од лизгалката на која што ѝ е извадена заштитната ограда… Никогаш не му дозволив да се јази по дрвјата како другите деца… моето несреќно дете… ете, со мене таква каква што сум, го извлече подебелиот крај.“

Со она малку сила што и остана зборуваше, а јас повторував по неа шепотејќи, како ехо.  „Бог ми е сведок… сведок… тропнав на секоја врата… врата… времето не ги лекува раните… раните… моето несреќно дете… дете…“  Гледав во сините дупченца што се појавуваа низ широките лисја и жолти цветови и тивко го повторував секој нејзин збор. Потоа замолкнав и ја наведнав главата. Ја оставив да го оплаче детето.   

Тоа е горе, меѓу гранките. Во едната рака го држи ќесето со собрани жолти цветови, а со другата се јази погоре да ги дофати најубавите… најмирисливите. Низ отворената балконска врата, Тања го здогледува неговото тело и вреснува од страв.

Детето паѓа.

Таа ги крева рацете нагоре, и успева да го задржи прилепувајќи го на своите гради во цврста прегратка. Неговото тело ја напушти душата што остана во ќесето со липов цвет закачено на гранката на неговата расцутена и раскошна мајка.

Посегнувам по нејзината душа и ѝ велам: „Дојди си кај мене“. Телото на Тања остана положено на мајката земја, од која беше земено: зашто е земја, и во земја ќе се врати.

Снежана Младеновска Анѓелков