Кога за прв пат посетувам некој европски град, сакам да ѕирнам во неговите скриени тајни. Варшава е прекрасна, микс од социјалистичкото минато и наездата на новото, неизбежното. А кога веќе го споменувам терминот „неизбежно“, кај и да си, од кој агол да погледнеш врз градот, те демнее Палатата на културата и науката, која Советскиот сојуз и’ ја „подарил“ на Полска во 1955 година. Грандиозното здание во кое во текот на Студената војна се одигрувал комплетниот културен живот на метрополата, и денес ја врши сличната функција – во него се сместени Кинотеката и нејзините девет кино сали, два театри, еден куп музеи, и што уште не. А да, таму е и темата на денешниот текст – Музејот на неонските реклами, единствен во Европа, и само еден од неколкуте во светот.

По стапувањето на сцена на плуразлизмот, на почетокот од 90-те години многумина сакале да расчистат со комунистичкото минато, залагајќи се дури и за рушење на Палатата во центарот на Варшава. За среќа, се нашле мудри глави и ја спречиле таа катастрофална иницијатива. По вложувањето во и реновирањето на објектот, денес тој функционира тип-топ и не можете никако да го игнорирате. Крај него е новоизградениот Музеј на современа уметност, но и покрај модерната архитектура, содржините што тој ги нудеше во моментот сепак не го привлекоа моето внимание.

Но затоа едвај чекав да го посетам „Музејот на неонски реклами“, кој се наоѓа на деветтиот кат од зданието. По влезот во огромниот хол, го пронаоѓам лифтот, во кој беше истакната програмата што може да се види во тој период во целиот комплекс, и авантурата почна. . .



„Muzeum Neonów“ е институција која ги документира и заштитува полските светлосни реклами и оние од Источниот блок, создадени по Втората светска војна. Историјата на музејот започнала во 2005 година, кога Илона Карвињска ја спасила неонската реклама „Berlin“ од улицата „Маршалковска“ во Варшава. Колекцијата на музејот опфаќа околу 100 неонски реклами од цела Полска, а повеќето од нив дарираат од 1960-тите и 1970-тите години. Исто така, во него се изложени и неонски знаци и реклами од градовите во соседните земји. Во 2025 година, музејот се пресели во Палатата на културата и науката од својата првична локација, во квартот „Прага-Полудње“ во комплексот „Сохо Фактори“.

Фотографката Илона Карвињска и графичкиот дизајнер Дејвид Хил успеале да спасат повеќе од 200 неонски натписи и околу 500 букви од неизбежното уништување. Музејот исто така има огромна архива на документација, цртежи, фотографии и оригинални планови поврзани со историјата на овие натписи. Самите тие, како легенди со краток хајлајт на приказната, се истакнати покрај секој изложен знак во музејот.

Поставката започнува со историјатот на неонот и неговата масовна употреба. Големите информациски текстови и фотографии се фин вовед во она што ве очекува понатаму.




Разделена по декади, сторијата за неонизацијата на Европа, заедно со Полска, дава фин преглед на моментот на осветлување на Стариот континент, и влегувањето во новото доба во кое се’ било можно. За жал, вклучувајќи ги и Првата и Втората светска војна. Секој напредок изискува залудно и заумно трошење на човечки материјал. Но, во меѓувреме, Варшава блеснува!



Приказната го опфаќа и периодот од Студената војна, кога и настанува Палатата во која е сместен музејот, но и активностите на движењето „Солидарност“ на Лех Валенса во бродогрдилиштето во Гдањск, како зачеток на падот на советско-руското влијание врз полската држава.








Боите на неонското виножито праќаат сигнал дека е време за уживање во старите знаци изложени во музејот. Меѓу нив има се’, од популарни неонски реклами за продавници за чевли, стоковни куќи, ресторани… сето она што го чинело секојдневието на полскиот човек. Како што телевизиските реклами, особено ако се направени со некоја заразна песна, долго потоа остануваат во главата, така и неонските реклами се врежуваат во сеќавањата на жителите, особено ако во тие продавници тие ги остварувале своите соништа.
Во продолжение ќе се обидам да ви претставам повеќето од нив, кај некои и со соодветни легенди, и се надевам дека и кај вас ќе предизвикаат пријатни сеќавања на едни времиња кои никогаш веќе нема да се вратат. Ах, таа жал за младоста 🙂




Најпрво спасениот знак „Берлин“ со кој во 2005 година започнала целата музејска приказна. Градот кој во 60-те ќе биде поделен на два дела со ѕид („Ѕидови за вас, прекрасни луѓе“, велеше еден графит), отсекогаш бил немезисот на Варшава, и затоа неговото присуство, макар симболично, преку неонски натпис за продавница која одамна ја нема, а видливо фигурирла во градот во минатото, е од битно значење за граѓаните на полската метропола.

Ќе одам до стоковна, донеле нови плочи. Да, да, порано во стоковните куќи во Скопје имаше и оддел за плочи. Земаш јорган, чорапи, пижами, и патем си ја честиш душата со една плоча. Не знам дали така било и во Варшава, но продавницата и издавачката куќа за популарна фолк музика „Цепелија“ изгледала нвистина грандиозно.



Тука е и „Мода Полска“, стоковната куќа која веројатно ја диктирала модата за сите современи мажи и жени во тогашното полско општество.


Народната библиотека отворена во 1970 година имала интересно неонско знакче, сирена врз отворената книга, која гордо светела секоја вечер, потсетувајќи ги граѓаните дека треба да читаат. Затоа што знаењето е штит, но и остар меч против несовесните и некадарните. А ако не читаме, едноставно е, ќе не’ изеде мракот 😉


Оваа прошетка низ неонскиот музеј е особено интересна за графичките дизајнери чија страст е типографијата. Погледнете какви букви имал неонскиот натпис за продавницата за накит во Варшава. Колку е прекрасно ретро!

А каде има накит, таму има и парфимерија 🙂


Следат изложбени ѕидови со заеднички неонски знаци за разни типови на продавници, кафе барови, бистроа, очни ординации… сето тоа зачинето со еден прозорец кој одржи автентични предмети во домаќинството од 60-те, 70-те и 80-те години на 20 век, како фино надополнување на доживувањето.


















Убав момент се оставените букви во неколкуте странични делови од музејот, едноставно потпрени на ѕидот, невклучени, веројатно пред реставрација, на кои можете слободно да им пристапите и да ги допрете, чувствувајќи ја магијата од пред неколку децении. Таков беше случајот со натписот за продавниците за мебел „Емилија“, очигледно популарни во тоа време низ цела Полска.



Тука се и остатоците, односно, спасените артефакти од популарниот хотел „Ласки“.




Сепак, пред сите предничел надалеку прочуениот ресторан „Шангај“, во кој можеле да се видат угледните претставници на општеството, но и светските патници кои поминувале низ неонската Варшава во тој период.





Да, ние сакаме неонски град, и ќе работиме на тоа да го добиеме, пишувале новините во тоа време. Во централниот дел од музејот следи визуелната мапа на која се гледа на кои улици биле истакнати неонските знаци и реклами во втората половина на 20 век, поголемиот дел од нив спасени и изложени тука, во музејот, и за чудо, се’ уште функционални и блескави 🙂


Пред да стигнеме до кино-делот од музејот, за мене најочекуваниот, еве попатно уште неколку интересни експонати, со свои автентични приказни. Логото на чешкиот железнички сообраќај во соседството е истакнат и спасен од станицата Брно – Кралово поле, изградена во 1960 година.


Од истата година датира и полската авотмобилска оргнизација која управувала со фабриката за производство на ФИАТ во Бјалсток. Ех, колку „пеглици“ се провозеа и низ нашите улици, едно време беа и штос да се имаат 🙂


Следствено на претходното, тука е и неонскиот знак/лого за популарната варшавска фабрика за моторцикли.


За мама и тато автомобил (или мотор), а за дада и бато играчки во популарниот дуќан „Мими“.


А по купувањето играчки, одиме на еден милк шејк во „Грaнд хотел“. Тоа е добар план 😉


Впечатливи и запамтливи неонски реклами се и оние на финската банка и на фабриката за памук.



Конечно, влезот во последниот дел, во кој доминираат неонските кино-натписи, како означувачи на најпопуларната уметност во 20 век. Пред да ми падне стариот лустер врз главата и да направи непосакувана филмска сцена, се шмугнувам и влегувам во светот на седмата уметност.




Се најдов во царството на филмската уметност и крајната дестинација, киното, онаму каде што во темнината на салата се доживуваат силните емоции од виденото на големото платно. Тогаш се сетив дека којзнае во кое од овие кина дремеле полските мајстори на подвижните слики – Кишловски, Вајда, Полански, Зануси, па и актуелната Агњешка Холанд. Тоа се тие храмови во кои тие најпрво го впивале филмот, а потоа создадоа дело за кои и ден-денес зборувме и сакаме да им се навратиме. Еве една лепеза од неонски натписи над кино хрмовите ширум Варшава и Полска.


















Колекцијата на полски неонски натписи и реклами од социјалистичката ера е многу популарна меѓу посетителите. Пред завршување на посетата дознав и дека дел од понудата е возење со двокатен автобус низ улиците на Варшава, за време на која водич ви покажува каде и на кое место неонските знаци фигурирале на зградите и во градскиот простор. Немав време за таков луксуз, бидејќи самата двочасовна посета на музејот ми беше сосема доволна за да уживам во изложеното, и да се присетам на моето Скопје, во кое местата што ни значеа полека исчезнуваат. Но за да не звучам старечки и патетично, се штипнувам за образот и си велам дека тоа е нормален дел од процесот. Сепак, криво ми е што ваков музеј немаме и во нашиот град. Ај, можеби еден ден, новите генерации ќе направат чекор напред. Сите чекаме тој ден конечно да се случи.




Да, баш така, по завршувањето на посетата, време е за мал рилакс, се шуткам низ сувенирницата на излезот од музејот, кој истовремено е и влез, ја гледам понудата, и се прашувам дали да спакувам една голема буква во куферот и да ја носам дома. Мислам декa на граница ќе ме направат луд 🙂





Скапо ми е, не купив ништо. Сепак ги имам сеќавањата што ќе ги претворам во текст, кој моментно го читате. А многу ми се пие кафе. Морам да најдам кафе. Се упатувам кон лифтот, и потоа кон излезот.

И да, еве го мојот вистински рилакс, мислам дека го заслужив. Седнувам во еден од рестораните пред излезот, сркам вкусно полско кафе и правам ретроспектива на доживеаното. Чувството е прекрасно, се надевам дека успеав и Вам да ви го пренесам во оваа репортажа.


Сосема на крајот, се разбира, повторно терминот „незибежно“, бидејќи кога ќе споменете „неон“, првата асоцијација дефинитивно е славната тема на Крафтверк, со која го овековечија неговото значење во втората половина на 20 век, како одраз на модернизацијата на човештвото. Затоа оваа приказна ќе ја завршиме токму со таа тема, како што прилега. Па каже: „Нион лааајтс…“. Стисни плеј 😉
