„Недостоинство“ од Леа Ипи

Деновиве од печат излезе нова книга од Леа Ипи. По „Слобода“ во 2024 година, овој пат на македонски јазик ја читаме “Недостоинство“, со поднаслов „одново измислен живот“, во превод на Кристина Димкова, а во издание на „Или-Или“.

„Недостоинство“ претставува потрага по семејната меморија, достоинството и вистината. Инспирирана од една случајно откриена фотографија на социјалните мрежи од медениот месец на нејзината баба Леман во Италија во 1941-та, авторката почнува да ги истражува архивите на тајната полиција за да го открие вистинскиот идентитет на своето семејство. Ипи користи хибриден стил – мешавина од мемоари, архиви и фикција, на крајот заклучувајќи дека имагинацијата е единствената алатка со која може да им се оддаде вистинска почит на мртвите.

Книгата го истражува комплексниот идентитет на Леман, која зборувала француски, а во Грција била третирана како „Албанка“, додека во Албанија ја сметале за „Гркинка“, правејќи ја вечен странец во очите на националистичките струи. Централното прашање што го поставува книгата е како поединецот го зачувува своето човечко достоинство кога е соочен со суровоста на историските пресврти и контексти во кои мора да (пре)живее. Животот на бабата Леман (родена во аристократско семејство во Солун) е прикажан како постојано навигирање низ падот на Отоманската империја, фашизмот, нацистичката окупација и суровиот комунистички режим на Енвер Хоџа во Албанија. Ипи го поставува и прашањето со каков морален авторитет модерните генерации им судат на постапките на нивните предци.

Леа Ипи (1979, Драч, Албанија) е универзитетска професорка по политичка теорија на Лондонската школа за економија. Полето на нејзиниот научен интерес ги опфаќа нормативната политичка теорија, политичката мисла на Просветителството, марксизмот, критичката теорија, национализмот и интелектуалната историја на Балканот, особено на Албанија. Објавила бројни научни трудови во областа на политичката теорија. Британското списание Prospect во 2022 година ја вброи Ипи меѓу десетте најзначајни мислители во светот.

Покрај академската работа, Ипи е авторка и на две книги што го поврзуваат личното и семејното искуство со пошироките историски и политички превирања. Во „Слобода“ (2021), преку личните сеќавања од детството во Албанија, го истражува преминот од комунизмот кон посткомунистичкото општество. Во „Недостоинство“ (2025), тргнувајќи од животната приказна на својата баба, ги преиспитува достоинството, историската неправда и границите меѓу личното сеќавање и историската вистина.

Книжевните критичари се согласуваат дека книгата е чин на „љубовно сведочење“ кое успешно му го враќа дигнитетот на еден поединец збришан од турбулентната балканска историја.

„Авторката, иако по професија е професорка по филозофија, се докажува како извонредно талентиран романописец. Нејзиното темпо, развојот на ликовите и емотивната атмосфера се толку убедливи што читателот целосно се соживува со приказната“. The Arts Fuse

„Kнигата е важна поради нејзиното одбивање да носи „конечни судови“ и да ги генерализира луѓето. Наместо да подлегне на интернет-троловите кои сакаат да ја етикетираат нејзината баба, Ипи успева да ја прикаже хуманоста, комплексноста и моралните сиви зони на сите ликови“. The New York Times

Се чини, доволна провокација да се прочита ова дело 😉