Интервју со Џузепе Скилачи, режисер на документарниот филм „Обер 89“

Силната селекција на креативни документарни филмови на 69-то издание на Фестивалот во Лајпциг во преден план донесе различни авторски гласови и пристапи кон теми кои се исклучително релевантни за времето во кое живееме. За членовите на ФИПРЕСЦИ жирито, особено се издвои еден филм , „постигнувајќи извонреден подвиг — да биде истовремено интелектуално комплексен и широко пристапен. Тој раскажува длабоко човечки приказни, додека воедно се занимава со политички прашања кои се исклучително актуелни денес. Преку архивско истражување, филмот ги реконструира противречностите на капиталистичката модерност: прогресот и пропаѓањето, миграцијата и изолацијата, експлоатацијата и еманципацијата… сето тоа раскажано низ очите на еден елоквентен и емпатичен протагонист“.

Г-дине Giuseppe Schillaci, колку сте возбудени што ја добивте наградата од ФИПРЕСЦИ во Лајпциг за „Auber 89“, особено имајќи предвид дека таа доаѓа од најстарото здружение на филмски критичари во светот?

Тоа е вистинска чест за мене. Наградата од ФИПРЕСЦИ е многу престижно признание, особено за еден независен филм што го направивме со многу страст и со помалку пари отколку што ни беа потребни. Исто така е и забавно, бидејќи непосредно пред тоа ја добивме наградата од „Младото жири“ на „Archivio Aperto“ во Болоња. Значи, различни генерации го вреднуваат нашиот филм, а на некој начин, тоа и беше уметничката и политичката цел на моето дело.

„Обер 89“ ја имаше својата светска премиера на најстариот филмски фестивал во светот, Венецијанската Мостра, во рамките на програмата Giornate degli Autori – Notti Veneziane 2026. Какви искуства и реакции од вашите колеги донесовте оттаму?

Беше огромна емоција да се вратам во Венеција. Таму го прикажав „Bosco Grande“ пред две години, па ова го чувствував како потврда на она што го работам. И бев среќен што го споделив тоа со монтажерката Кристин Бутеје, потоа, со Антонио Карола, кој ја направи постпродукцијата и колор-корекциите, продуцентот Рафаеле Вентура, и уште две клучни личности во филмот, архитектот Патрис Листје и организаторот на заедницата Карлос Семедо. Тие го гледаа филмот за прв пат таму, што ја направи вечерта уште посебна.

По ова следуваше вашето прво фестивалско признание, Наградата од публиката за Најдобар документарец и Специјалното признание на Филмскиот фестивал во Ортиџа 2026. Во Лајпциг се шегувавте на своја сметка дека, досега, ниедна од наградите не носи парична награда 🙂

Тоа беше шега, ама сериозна шега :-). Многу сум среќен што важни институции како вашата, или OFF во Италија, го препознаваат филмот. Но, режирањето е и моја егзистенција, а во креативниот документарен филм режисерите се во несигурна положба и се слабо платени. Така што, секоја награда што носи парични средства е повеќе од добредојдена.

Во ред, ги разгледавме фестивалите и наградите… да се вратиме на она што навистина претставува „Обер 89“. За почеток, многумина веројатно се прашуваат како добивте можност да ги откриете сите тие архивски снимки од предградието на Париз, Обервилие. За еден филмаџија, тоа е вистинско богатство!

Тоа не беше план, туку случајност за време на една уметничка резиденција. Бев во Обервилие за да снимам филм за сегашноста: станбените населби во областа Монфор се уриваа, семејствата се преселуваа, областа стануваше побогата и поелитна… Потоа видов некои фотографии од 1980-тите, па сфатив дека тие се само врвот на една огромна маса видеоматеријал. Тие лица, тоа зрно [на филмот], тие блокови од осум до десет ката… изгледаа како станбените населби од моето детство во Палермо. Помислив: ова изгледа како мојот дом. Од тој момент посакав да се впуштам во материјалот.

Дел од тие видеа беа дигитализирани во 2000-тите од еден истражувач по потекло од Обервилие. Материјалот бил снимен во 1980-тите од општината, нејзиниот персонал и архитектите кои работат на урбаната регенерација. Почнав да ги вртам една по друга, излегоа касети и досиеја заедно со сирови снимки кои никогаш не биле дигитализирани, а кои ние на некој начин и ги спасивме.

Ги пронајдов луѓето што навистина ги создадоа тие слики: архитектот Патрис Листје, кој сам снимил голем дел од нив, и Дени Ралит, кој беше задолжен за звукот. Благодарение на нив, ги најдовме не само тогашните монтажни филмови, туку и оригиналните сирови снимки на Betacam и U-Matic. На крајот, се собраа над сто часа материјал. Се чувствував како археолог, што и сакав да бидам кога бев дете: тргаш еден слој песок, па друг, и приказната веќе е таму, чекајќи да биде раскажана.

Вие сте италијански режисер кој живее во Франција. На почетокот од вашиот филм спомнувате дека сите тие снимки ве потсетиле на вашето детство на Сицилија. Можете ли да ни дадете краток личен профил – кој е вашиот роден град, каде пораснавте и како на крајот завршивте во Франција?

Пораснав во работничка населба во Палермо, помеѓу Сетеканоли и Бранкачо. Во 1980-тите години, градот беше во екот на Втората мафијашка војна, а јас навистина го чувствував тоа насилство и криминален притисок во воздухот. Сакав да се ослободам од таа средина, па штом се запишав на универзитетот во Палермо, знаев дека морам да заминам. Ја избрав Болоња, град познат по своите факултети за хуманистички науки и филм.

По Болоња се преселив во Рим, бидејќи во Италија, ако сакате да снимате филмови, мора да одите во Рим. Но, набрзо сфатив дека на таа сцена нема место за мене. Затоа почнав да соработувам со француски продуценти за да ги финансирам моите филмови, а во 2013 година се преселив во Франција. Многу сум задоволен од тој избор. Ќерка ми се роди овде, а „Обер 89“ е мојот прв филм чие дејство е сместено во Франција.

И, се разбира, не смееме да го заборавиме клучното прашање: кога се заљубивте во уметноста на филмот? Претпоставувам дека со филмско наследство во кое се вбројуваат имиња како Антониони, Фелини, Пазолини… не е толку тешко да се посака да се стане филмски автор во Италија!?

Не верувам дека постоеше еден конкретен момент. Доаѓам од светот на книжевноста и музиката; објавив два романа пред да почнам да снимам филмови. Затоа, филмот за мене не беше толку „повик“, колку што беше природен развој на истото истражување: како да им се даде форма на сеќавањата, на местата, на луѓето што ги населуваат тие места, како и на она „свето“ чувство на мистерија во човечките животи.

Секако, Италија има извонредна традиција, а Фелини, Пазолини и Петри имаат огромно влијание врз мене. Тие нè научија колку е важно да се снимаат лица и места – елементи што се во самото јадро на „Обер 89“. Но, таа традиција е и голем товар. Италијанскиот систем на јавно финансирање е многу ограничен во последниве години, а индустријата е прилично затворена, па затоа не можев да снимам филмови како овој во Италија. Се надевам дека тоа ќе се промени во иднина. Но, можеби тоа беше „среќа во несреќа“. Живеењето и работењето во Франција ми ги отворија очите; во еден толку сложен свет, секогаш треба да гледаме во различни насоки.

Враќајќи се на „Обер 89“, сметам дека на најдобар можен начин покажувате како случајно пронајдени архивски снимки можат да се претворат во општествено и политички ангажиран документарен филм. Во овие несигурни времиња во кои живееме, до кој степен сметате дека филмот – а особено документарниот жанр – треба да биде ангажиран?

Мислам дека филмот треба да биде ангажиран, но не во смисла на пласирање пароли или однапред подготвени пораки. „Обер 89“ е, всушност, многу политички филм, но тој функционира преку луѓето и чувствата, а не преку апстрактни тези. Политиката оживеа дури откако помина низ поединецот – низ интимните сеќавања на Фатса, низ неговите пријатели, неговиот братучед, неговата горчина и носталгија.

Архивските материјали покажуваат дека ништо не се појавува од никаде. Враќањето во 1980-тите ни помага да разбереме од каде потекнуваат денешните поделби. И самите сме обликувани од клишеата за филмовите што се занимаваат со предградијата (banlieue), како на пример „La Haine“ („Омраза“), филм што како момче го обожавав. И јас самиот ги имав тие предрасуди, но архивите ми открија една поинаква Франција – Франција на работнички градови кои дури подоцна се претворија во гета.

Денес, јавните средства наменети за работа во заедницата се намалуваат, а политиката има тенденција да создава етикети и ѕидови, поставувајќи нè во позиција „ние против нив“. Според мене, документарниот филм може да понуди поинаков поглед: може да нè потсети дека луѓето можат да живеат заедно и покрај своите разлики, и дека токму од тоа треба повторно да тргнеме. Сметам дека токму тука лежи ангажираноста: во внимателното набљудување, во укажувањето доверба на луѓето што ги снимаме и во давањето простор на оние на кои тој простор никогаш не им се дава.

Материјалот, за кој велите дека ве потсетил на вашето детство, за мене претставуваше вистинско нурнување во колективната матрица на минатото. И во Македонија, како дел од поранешна Југославија, се одвиваа приказни слични на оние што ги прикажувате во вашиот филм. Враќајќи нè во време кога луѓето сè уште комуницираа меѓусебно за доброто на заедницата, вашиот филм всушност зборува многу повеќе за сегашноста – сегашност во која често се прашуваме: „Каде погрешивме во минатото и што требаше да направиме поинаку за денес да живееме подобро?“

Ви благодарам, таа паралела ме трогнува и мислам дека потврдува нешто што го чувствував додека работев на филмот: ние сме многу послични отколку што мислиме. Ги открив тие снимки далеку од дома, а сепак ми се чинеа како мои, бидејќи лицата, текстурата на сликата и станбените блокови припаѓаа на едно заедничко искуство од 1980-тите. Наместо постојано да бараме разлики, треба да се фокусираме на сличностите. Истото важи и низ цела Европа – од париските предградија, преку Палермо, па сè до Македонија – можеме да го препознаеме тој дух.

1980-тите сè уште го носеа ехото на идеалите од 1960-тите и 1970-тите. Луѓето работеа на заедништвото, на заедницата, на тоа што значи да се дели еден простор. Потоа дојде 1989 година, со падот на Ѕидот и напредувањето на Историјата, и таа величествена илузија се распрсна. Она што следеше, од 1990-тите па натаму, беше долг период на кампањи на омраза и политика изградена врз етикети и ѕидови.

Не мислам дека филмот нуди дефинитивен одговор на прашањето „каде погрешивме?“ Тој не претендира да понуди конечна вистина. Но, архивските материјали укажуваат на неколку работи. Учеството во заедницата искрено се промовираше, но луѓето на кои им беше наменето – особено младите, жените и децата на имигрантите – често беа повикувани, а всушност не им се даваше вистинска можност да го кажат своето. Фрустрацијата прерасна во гнев, а гневот во омраза. Фатса тоа го кажа едноставно: „Бевме сами, нашите татковци ги немаше“. Можеби она што требаше да го направиме поинаку е да слушаме, навистина да им дадеме глас на луѓето и да продолжиме да вложуваме во простори каде што различни луѓе можат да живеат заедно. Можеби токму од таму треба одново да почнеме.

За да се разбие опасноста од монотонијата на архивските снимки, изборот на француско-алжирскиот актер Фатса Бујамед се покажува како одличен потег; тој, имено, се обидува да си го врати сеќавањето по една несреќа, користејќи архивски снимки од 1980-тите години, направени во неговиот дом од детството во Обервилие. Се чини дека не било лесно да се стапи во контакт со него, а камоли да се убеди да учествува во филмот – особено што тој нагласува дека, еднаш штом ќе ги напуштите предградијата, речиси никогаш не сакате да се вратите таму.

Тоа беше ризик, бидејќи воопшто не го познавав. Додека им ги покажував снимките на жителите за да откријам кои се младите луѓе на нив, некој го препозна Фатса и ми кажа дека тој сега е познат актер. Воопшто не знаев дека станува збор за француско-алжирски актер. Го добив неговиот број и му се јавив. Тој одби. Со кревок глас ми кажа дека штотуку доживеал несреќа, дека го изгубил сеќавањето, а и дека, откако еднаш ќе си заминеш од предградијата, не сакаш да се вратиш назад. Не сакаше дури ни да види што сум пронашол од неговото детство. Му реков: „Овде го имам твоето сеќавање“, но тоа не помогна. Почетокот беше тежок.

Ја почитував неговата одлука и продолжив со монтажата, дури и замислувајќи си фиктивен лик инспириран од него – како што направив во „Il Modernissimo di Bologna“. Но, по некое време, се почувствував како измамник. Тој беше вистински човек, жив, и не чувствував дека имам право да ја присвојам неговата приказна. Затоа, повторно му се јавив и се обидов да бидам што е можно поубедлив. Прво предложи разговор преку „Зум“ (Zoom), потоа можеби за Божиќ, а на крајот ми рече: „Подготви ја камерата и направи го она што треба да го направиш“. Еден месец подоцна, тој дојде во Париз.

Методот беше едноставен, му реков: „Гледај ги снимките, застани кога и да посакаш и кажи ни што мислиш“. Исто така, споделив и сопствени сеќавања за Палермо, како и сличностите што постоеја. Тоа создаде вистинска хемија меѓу нас. Почна да се смее, да плаче, да раскажува приказни, да препознава луѓе и да ја оживува атмосферата на населбата. Во тие пет часа, во едно-единствено интервју, беше содржан целиот филм: утопијата на промената и светот што се распаѓаше. А на крајот од филмот, тој вели: „Јас сум Обервилие“.

Јас, сепак, верувам во спротивното: дека животот во предградијата на една метропола, особено за време на детството и годините на созревање, е од суштинско значење за човекот – особено ако тој подоцна одлучи да се занимава со некаква форма на уметност. Искуствата и сеќавањата од предградијата се токму онаа „храна“ што може да го поткрепи целото ваше уметничко творештво во текот на целиот ваш живот на овој свет, што е навистина прекрасна работа. Колку се важни сеќавањата на поединецот за вашето творештво?

Се согласувам, и би додал уште нешто. Сакав да се ослободам од населбата во која пораснав, па си заминав. Но, всушност, никогаш навистина не ја напуштив. Тоа е длабока, внатрешна врска. Живеев во Палермо до својата дваесетта година; се враќав таму многу пати, снимив три филма, а и двата романи што ги напишав – како и оној што го пишувам сега – се занимаваат со моето потекло. Тие години од детството и адолесценцијата се изворот од кој црпам сè што правам.

Во моите филмови и книги, појдовната точка речиси секогаш е иста: некое место или лик што успева да ја долови неговата душа. Фасциниран сум од сеќавањата поврзани со одредени места. Некои простори стануваат вистински ризници на искуства, еден вид слоевит „дух на местото“ (*genius loci*). За да го изнесете на виделина она што го кријат, мора да копате, а филмот, исто како и литературата, може да ни помогне во тоа.

Токму тоа се случи со „Обер 89“. Бев во населба што не беше моја, но по само неколку кадри си помислив: „Ова навистина личи на мојот дом“. Зградите од осум до десет ката, фудбалот на улица, лицата, текстурата на видео-снимката – сè тоа беше дел од сеќавањата на мојата генерација. Беше како детство што не беше мое, а сепак чувствував како да е. Тоа дури ми овозможи да замислам едно паралелно, француско детство.

Сепак, внимателен сум кога станува збор за сеќавањето како „чиста вистина“. Сеќавањето се обидува да им даде смисла на сликите, дури и кога таа смисла првично не постоела. Она што го гледаме го дополнуваме со она што го паметиме, со она што сме го заборавиле, па дури и со она што би сакале да сме го доживеале. Секогаш има простор за измислување. Затоа сметам дека идентитетите се како руски кукли – слоеви што се преклопуваат и не можат да се заборават. Палермо останува, но и Франција ме обликуваше. Чистотата е мит што создава чудовишта. Сеќавањето, како личното така и колективното, е нишката што го поврзува целото мое творештво.

Во последно време, Европа повторно врие. Сведоци сме на жестоки протести во Франција, Италија, Германија, Португалија, Албанија… додека, истовремено, студентите во Србија покажаа како може да се собори еден авторитарен режим – со нови, свежи лица и идеи. Како гледате на моментната ситуација на Стариот континент? Има ли надеж за нас? И, каде погрешивме во минатото, па денес ни се случува ова?

Јас сум филмски автор, а не политички аналитичар, па затоа ќе одговорам врз основа на она што го научив преку мојот филм. Мило ми е што ги спомнувате младите, бидејќи тие се сржта на оваа приказна. Во архивите на Обервилие, младите луѓе и децата на имигрантите беа поканети да учествуваат, но ретко добиваа вистински простор да го кажат своето мислење. Кога една генерација конечно ќе добие збор – како што тоа го направија студентите во Србија – тоа е знак дека работите се придвижуваат. Тоа е инспиративно за нас, како и за целата европска младина.

Што се однесува до тоа „каде погрешивме“, можам да укажам само на она што го видов во снимките. Во 1980-тите години сè уште се чувствуваше ехото од идеалите на 1960-тите и 1970-тите – стремежот кон заедништво и заедница. Околу 1989 година нешто се скрши, а од 1990-тите наваму настапи долг период на кампањи на омраза и политика заснована на етикети и ѕидови, на принципот „ние против нив“. Јавните средства наменети за зближување на луѓето постојано се намалуваат, а она што опстанува е сè повеќе на доброволна основа и на маргините. Погрешивме кога престанавме да вложуваме во местата и односите каде што различни луѓе живеат заедно.

Дали има надеж? Би рекол – да, но патот нема да биде лесен. Враќањето кон 1980-тите не значи носталгија. Таа деценија во себе ја носеше и желбата за заедништво, но и семето на конфликтите. Сепак, таа нè потсетува дека овие поделби имаат своја историја, а она што има историја – може и да се промени. Можеби токму сега е моментот повторно да почнеме оттаму: да живееме заедно, секој со своите разлики.

Како уметноста на филмот треба да одговори на актуелните настани? Може ли документарниот филм да ги промени перспективите и да влијае врз процесите со цел да се подобрат животите на луѓето?

Филмот не треба да ги брка вестите. Неговата сила лежи во времето: во набљудувањето на сеќавањата, местата и луѓето, за да разбереме како сме стигнале до овде. За мене, тоа значи внимателно набљудување, со доверба, и давање простор на оние на кои тоа ретко им се дава. Може ли документарниот филм да промени животи? Би бил претпазлив со такви ветувања; еден филм сам по себе не може да промени закон. Но, тој може да го промени начинот на гледање, да нè потсети дека луѓе со различни историски позадини можат да живеат заедно, и дека ѕидовите и етикетите не се неизбежни. Тука започнува промената, особено ако се вклучени младите генерации.

Кои се идните планови за „Обер 89“?

По светската премиера во Венеција и прикажувањето во италијанските кина преку дистрибутерите „Revolver“ и „Valtellina“, филмот сега патува по фестивали, благодарение на меѓународниот дистрибутер „Lightdox“. Првата проекција во Франција ќе биде на 8 ноември во Сен-Дени – легендарно предградие веднаш до Обервилие – во рамките на фестивалот „Cinébanlieue“. На некој начин, филмот се враќа дома. Се надевам дека ќе го видат младите луѓе во Франција и низ остатокот од Европа.

Дали веќе работите на нов проект?

Да, на неколку истовремено. Најдалеку се одминати подготовките за еден документарен филм за „Petrolio“ – последниот, недовршен роман на Пјер Паоло Пазолини – како и за филмот за италијанската колонизација на Либија. Се надевам дека и тие ќе ви се допаднат.

@FIPRESCI, 2026

Линк до интервјуто:

https://fipresci.org/report/interview-with-giuseppe-schillaci-director-of-the-documentary-film-auber-89