Кон „Кокошка“ на театар Вортекс/Комедија

Вечерва, во рамките на 51-то издание на „Младиот отворен театар“, во театар „Комедија“ ќе биде одиграна претставата „Кокошка“ на Николај Кољада, во режија на Теодора Силјаноска. Имав можност оваа претстава да ја гледам летово веднаш по враќањето на ансамблот од Русија, каде беше дел од програмата на фестивалот„Kolyada Plays“, се разбира, во матичниот театар на славниот драматург. На 19-тото издание во Екатеринбург тие ја освоија Специјалната награда од жирито, враќајќи се со многу позитивни впечатоци, и така орни и полни со енергија, ја одиграа претставата во интимниот простор на „Лабораториум“ пред педесетина присутни, во рамките на „Скопско лето“. И триумфираа. Сигурен сум дека и вечерва на МОТ ќе бидат врвни.

„Кокошка“ (руски: Курица) е позната комедија во два чина напишана од рускиот драматург Николај Кољада во 1989 година. Пиесата претставува трагикомична слика на задкулисниот живот во еден провинциски театар и е едно од најчесто изведуваните дела на авторот ширум светот. Приказната се случува во малиот провинциски град Дошчатов, во скромна соба од работнички хотел натрупана со стари театарски реквизити. Централниот заплет се врти околу младата 20-годишна актерка Нона Дубовицка (со прекар „Кокошка“), постарите актерки Ала и Дијана, главниот режисер Фјодор и театарскиот администратор Василиј.

„Кокошка“ се занимава со копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сѐ постуден и апатичен. Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите создаваат жив театарски чин како начин да се справат со сопствениот внатрешен хаос и извитоперените вредности што ги опкружуваат. Налик на џезери, импровизатори, аматери и големи професионалци тие играат против непредвидливото и тешко изговорливото. Во срцето на претставата е младоста, која како бесна глиста вража и ги буди заспаните копнежи за нешто поубаво. „Кокошката“ е немирна, искрена и гладна за промена, судрена со стравот, рамнодушноста и затворениот систем“, вели текстот во фестивалскиот каталог.

Критичарите сметаат дека Кољада со оваа драма се надоврзува на поетиката на Чехов, но го става феноменот на баналноста во самиот центар на драмата. Неговите ликови не можат да остварат ниту голема љубов, ниту вистинска трагедија, па дури и обидите за самоубиство или заминување во „нов живот“ завршуваат комично и неславно. Прекарот „Кокошка“ ја симболизира несмасната, но упорна желба за слобода, љубов и летање во свет кој е студен, апатичен и полн со суета и извитоперени вредности. Преку задкулисните сплетки и лажниот сјај на провинциската сцена, драмата зборува за универзалната човечка потреба да се побегне од празнината и да се пронајде смисла во сегашноста.

Сите овие нешта на најдобар можен начин на сцената ги „разголува“ петчлениот актерски ансамбл составен од Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Нивната изведба е енергична и интензивна, и во ниту еден момент не ве остава да здивнете. Ритамот на претставата содржи енергетски амплитуди, и час сте горе во воздухот, час долу, цврсто приземјени на тлото. Имав среќа за време на изведбата во „Лабораториум“ малтене да бидам дел од сцената, седејќи отстрана близу до актерите, и тоа направи на моменти и јас да се почувствувам дека сум втурнат внатре, во дејствието полно со интриги, страст, љубов и тага, сето она што всушност го сочинува животот на театарските дејци зад сцената.

„Кокошка“ е напишан во 1989 година, а според него е снимен и истоимениот руски филм во режија на Валентин Ховенко во 1991 година. Во матичниот „Кољада-театар“ во Екатеринбург, претставата имала премиера на 29 август 2007 година и со години е на редовниот репертоар. Текстот е преведен на повеќе од 20 јазици и се игра на стотици сцени низ Европа и светот повеќе од три децении. На македонската сцена најпозната е поставката на Народниот театар од Битола во режија на Марјан Георгиевски, која својата премиера ја доживеа на 9 февруари 2015 година, а минатиот месец се одигра 100-тата, јубилејна изведба. Поновата адаптација во копродукција на Театар „Вортекс“ и Театар „Комедија“ во Скопје, во режија на Теодора Силјаноска, премиерата ја доживеа на 11 ноември 2025 година. И’ посакуваме многу изведби.