Минатата недела во кафулето „Котур“ се случија пар проекции на документарниот филм „Туста“, а јас ја избрав онаа помирната, без свирка на „Тотално опуштање“ по прикажувањето на филмот како придружна содржина. Филмот кој својата светска премиера ја доживеа на минатогодишниот фестивал во Мотовун, и кој, откако го пропуштив на „Синедејс“, а потоа и во Кинотеката, каде македонските ко-продуценти Владимир Стојчевски и Горан Стојиљковиќ во декември организираа промотивна вечер исто така со свирка потоа, отидов со задоволство да го изгледам во срцето на градот заедно со уште седуммина почитувачи на ликот и делото на КУД Идиоти во таа пријатна скопска четврточна вечер, уживајќи во 100-минутната приказна преку која авторот Андреј Коровљев ни ја раскажа сторијата за легендарниот панк бенд од Пула, секако,со фокус врз Туста, „балканскиот Џо Страмер и Че Гевара“, вокалистот и фронтменот на култниот истарски бенд.
Андреј Коровљев е активно вклучен во музичката сцена и основна егзистенција за живот му е снимањето на музички спотови и реклами, и само одвреме-навреме знае да „ни подари“ некој квалитетен документарен филм, како актуелниот рокументарец за бендот од Пула. Всушност, неговата филмографија и започна со интересен документарец насловен „Година на ‘рѓата“ (2000), кој ја раскажува приказната за работниците од бродоградилиштето во Уљаник во канџите на бескрупулозната хрватска приватизација, а токму Уљаник е местото од кое изнедри и еден од најинтересните и најпопуларните панк бендови на поранешните Ју простори, бендот со феноменално име, како синоним за спротивности кои неизмерно се привелкуваат – ек култура, ем идиотизам.
Долгометражниот документарец на Коровљев е се’ она што можете да посакате да видите во еден ваков жанровски филм – во него има и хумор, и патос, и тага, и секако, многу музика. Низ архивски материјали и интервјуа со гитаристот Сашо Миловановиќ (Сале Веруда), басистот Ненад Марјановиќ (Фриц), тапанарот Диего Босуска (Птица), како и со колегите и современиците, издавачот на нивниот прв албум Борис Фурлан, музичките критичари Петар Јањатовиќ и Драган Кремер, но и музичарите Зоран Предин, Дамир Урбан и Сејо Сексон, првиот дел од филмот, очекувано, е посветен на подемот на бендот од малото истарско место, кое каде и да свиреше низ поранешната држава, секогаш имаше најмалку 100 жестоки фанови подготвени за шутка. Во тој момент Коровљев го поставува клучното прашање: „Како еден столар, електричар, работник и чувар на лудница во Уљаник, успеваат да се кренат над пепелта создавајќи едноставни, а длабоки песни, кои генерациски ќе бидат препознаени од многу млади луѓе во сите шест Републики“? Одговорите на учесниците во филмот се различни, но веројатно не е далеку од вистината она дека „ секој си го прави панкот на свој начин, а КУД Идиоти тоа го направија на свој-свој-свој начин, со освојување на тоталната слобода на изразување“. Токму затоа и медиумите ги нарекуваа „уметници на директната комуникација“, затоа што нивните песни се паролашки, неколку зборови веднаш погодуваат директно во срцето, и потоа сте фатени во нивната стапица од која нема излегување, а крајната адреса е себе-ослободувањето од стегите на секојдневието. Иако во една од нивните најпопуларни песни велат „Ние сме овде само поради парите, и ништо друго не не интересира…“ (Суперхикс направија добар кавер сместен на нивниот последен албум „Undergorund evergreens“), сепак, тоа е само нивна квалитетна зафрканција која погледната поинаку, всушност, звучо длабоко и филозофски и, на крајот од краиштата, отрезнувачки.
Веќе во вториот дел, авторот Коровљев ги опфаќа воените години и забраните кои бендот ги доживува додека државата Хрватска се ниша на ветрот на националистичкиот бран, кој носи се’ пред себе. Башка, КУД Идиоти доаѓаа од секогаш слободарската Истра (искинатата ѕвезда-петокрака секогаш бодела очи!), која била надвор од дискографските текови, во кои недопирливиот Загреб го имал главниот збор. Но, и покрај тешкотиите и финансиската, па и креативната криза, со полна верба во себе и со високо крената тупаница во воздухот, првиот артикулиран анархо-панк бенд КУД Идиоти беше и првиот хрватски бенд кој во 2000 година направи легендарен концерт во „Хала спортова“ во Белград, полнејќи ја до последното место. Тоа беше важен културолошки момент не само за Србија, туку и за регионот, со порака по разурнувачката братоубиствена војна работите што побргу да се вратат во нормала, иако борбата на опозицијата против Милошевиќ се’ уште не беше завршила. Со секогаш ексклузивното право на крајот од настапот да ја згрмат „Bandiera rossa“, „идиотеите“ успеаја во намерата да ги размрдаат мозочните ќелии и на најзатуцаните и да предизвикаат лавина од позитивни реакции по кои на следното утро, секако, гледате од поведрата страна на нештата.
Токму со оваа славна италијанска партизанска песна е поврзана и најинтересната анегдота поврзана со гостувањето на бендот во Реџо Калабрија. Имено, по враќањето на бис од страна на расположената толпа народ, групата, секако, го започнува својот финален концертен танц со „Бандиера роса“, но публиката како со нож, како што велат членовите на бендот, се дели на оние кои се доближуваат сос ема до бината, па имало 10 метри празен простор, и оние кои не си заминуваат, но се повлекуваат во задниот дел од салата. Полицијата се обидува да ги спречи да ја изведат песната до крај, но „идиотите“ успеваат да ја завршат, и веќе следниот ден се на насловните на сите весници во Италија, а ден потоа и во Југославија. Антологиски!
„Македонскиот дел“ во историјатот поврзан со КУД Идиоти, пак, е претставен преку неколку изјави-сеќавања на Горан Таневски од „Мизар“ поврзани со нивниот заеднички настап на култниот фестивал во Суботица, како и преку првиот концерт на бендот во Скопје во 1994 година, кога Тошо Филиповски ги интервјуира членовите на бендот прашувајќи ги зошто дотогаш не дошле да свират кај нас, а Туста се зеза дека чекале добро да се навежбаат, додека Сале Веруда се надоврзува дека не им е до висината на хонорарот, туку до желбата да видат како живеат луѓето во Македонија во тој момент. Во нивен стил, до коска! !! А како непобитен доказ дека и јас како голобрад момак присуствував на тој жесток концерт во МКЦ на средината од 90-те, подолу ја приложувам зачуваната карта од таа незаборавна енергична концертна вечер.
И конечно, во последниот сегмент од филмот, Коровљев се фокусира врз прераната смрт на Туста, низ искази и впечатоци за неговиот живот, и за жал, неговата болест, од страна на неговите најблиски, оние луѓе кои ги поминале последните месеци со секогаш насмеаниот човек. И иако, според ќерка му, никој од новата генерација не ги слуша „Идиоти“, а малкумина и знаат за нив, бендот кој долго време имаше само еден албум, а илјадници концерти зад себе, говореше во името на малите луѓе, нешто што денес воопшто не е својствено за претставниците од музичката провиниенција. Токму затоа и почесниот ѕид со големата графити фигура на Туста во родната Пула, на кој многу фанови можат да го остават својот последен поздрав до легендарниот музичар, е нешто што најмалку што може да се направи за сеќавањето на овој одличен музичар. И, завршувајќи во нивен стил, според Сале Веруда, „турнеите не ни беа за градење на кариера, туку чисто туристички, барем ги видовме поголемиот дел од европските држави и се дружевме со вистински луѓе со кои комплетно се разбиравме“. Алал вера!