Искра „Светлост“ во мрачните лавиринти на македонското секојдневие

Скопје, четврток вечер, тивко и мирно е, Корона вирусот се’ уште е таму некаде, далеку, и не размислува за нас. Неодамна Нино намина во книжарница во една од неговите редовни мисии при кои се снабдува со „духовна храна“ која содржи пакет од неколку ИЛИ-ИЛИ книги, со кои во слободното време ја надополнува онаа неговата музичка „духовна храна“ која секојдневно ја практикува со пријателите од матичниот бенд „Светлост“.

– Дојди во четврток во „Шортбас“, ќе го свириме новиот материјал, ме покани.

– Не практикувам да излегувам до доцна во работен ден, но ќе направам исклучок – му ветувам.

Есента 2018-та токму Нино(слав) Спировски, Филип Букршлиев и Дени Омерагиќ ме „треснаа од земја“ со нивниот албум „Одрон“ издаден за штотуку отворениот џез саблејбл на ПМГ рекордингс. По концертот во џебното кино во МКЦ, следеше и рецензијата токму на овие страни: https://herojnaedenden.mk/kon-odron-na-bukrsliev-omeragic-sp/. За жал, таа формација не потраја долго, и веќе следната година Спировски и Омерагиќ заедно со тапанарот Кристијан Новковски на јавноста и’ го обелоденуваат проектот „Светлост“, кој својата прва објава за истата етикета ја имаше веќе во септември. Албумот насловен како „Одрон ритуал оркестра“ е прекрасен премин токму од проектот „Одрон“ кон новата инкарнација, овој пат без гитарските делници на Букршлиев (кои на моменти многу ми недостасуваат!), но збогатен со еден спектар од различни дувачки „излети“ на другите музичари кои се дел од овој проект, меѓу кои се и момците од Сетстат. Баш убаво кога поискусните го пренесуваат знаењето на младите сили.

Материјалот уредно беше промовиран на концерт во МКЦ, кој, за жал, од приватни причини не успеав да го проследам, но ми остана утехата дека го имам албумот кој постојано го слушам, што се вели, „му ја вадам маста“, зашто ова е едно од оние остварувања кои можете вечно да ги слушате, постојано откривајќи нови територии за комуникација со соптвеното, внатрешното „јас“. Двете долгосвиречки теми со сигнификативен наслов „Towers“ и „Alone togehter“ го разнесуваат умот на сосема позитивен начин, посакувајќи ваков звучен материјал овие вредни момци и девојки во иднина да снимат со тони и тони.

И, не требаше многу да се чека. На 21 јануари оваа година излезе албумот едноставно насловен „Jazz“, но со еден провокативен поднаслов „to the working class“, како одредница во чии звучни рамки можеме да го чуеме сето богатство од тоналитети на изведувачите, но и како еден вид на свесен чин за доближување на нивната музика до евентуален поширок круг на луѓе гладни за квалитетни ноти. Од друга страна, книжевноста како дело од овој проект наоѓа сосема издржана почва за понатамошен развој само доколку ги погледнеме и прочитаме насловите на нивните четири нови песни, кои редоследно како да сочинуваат мал расказ:

We have the mandate! Bow down! You do not have free agency! You do not have free will! You can not refuse! Do not try to resist! Bow down!/ Unite! Unite! The medium is the message. The life not lived./To recognize yourself in the eyes of others./ Awake! Awake! Arrival is imminent.

Пораките кои ги носат насловите на темите, од оние препознатливите (Маршал МекЛуан: „Медиумот е порака!“) до паролата: „Разбудете се! Разбудете се! Пристигнувањето е неминовно“ се вовед за удар директно во умот, кој е резервиран за музичкиот дел од приказната. Токму затоа и еден момак на Bandcamp, каде може да се преслуша и купи албумот, во една од пораките напишал дека Светлост толку го изненадиле, што се мисли да ја посети Македонија и да ги слушне во живо како еден од неговите ултимативни приоритети во следниот период.

И така повторно доаѓаме до настапот во живо на Светлост од почетокот на текстот. Денот е четврток, местото е „Шортбас“ во Порта Буњаковец (екс-Љубов за неупатените, меѓу кои бев и јас), часот е нешто ситно после десет, и по пар цигари пред врата, време беше да се фати место во пријатниот мини простор за да се проследи свирката, особено откако ја пропуштив слушачката промоција во „Котур“ пред десетина дена. Им го должев ова на Светлост, но и тие ми должеа добра клупска свирка. И не само на мене, туку и на тие три-четириесет луѓе подготвени за квалитетен џез. Слободното столче на работ од шанкот ме израдува, пијачката е веќе пред мене, а Нино, Дени и Драган (го менува Кристијан, кој има настинка) го започнаа својот предполноќен музички вуду ритуал.

Едночасовното „возење“ низ нивниот материјал преполн со „мирни води“ и „врвови“ е совршен саундтрак за случувањата во локалот: додека едни излегуваат, други влегуваат, безброј пријателски и љубовни гушкања, некои пак сконцентрирано се посветени на музичарите, обидувајќи се да го фатат искршениот ритам на тапанарот, или пак нежно да се занишаат на соло делниците на тенор и сопран саксофонот (овој пат Нино го одмора кларинетот, кој доминира на новиот албум), но изгледа највеќе се ѕенѕа на жестокиот ритам на басот, кој не ве остава мирни ниту за момент. Ех, да можеше да се пуши внатре, атосферата би била уште попријатна, си велам, потсетувајќи се на сјајните моменти од downtown сцената во New York за која сме читале. Но вечерва Скопје за мене и за останатите сограѓани, токму овде и токму во овој момент, во срцето на градот, е нашиот Њујорк, зачинет со музиката на Светлост!

Заминувајќи кон дома, во мислите ми одѕвонува славниот џингл на Стотројка: „искра светлина во мрачните лавиринти на МРТ“. Иако се само на почетокот од своето музичко патешествие, Светлост се светлосни години напред во времето, и нема да биде чудно набргу во нив да уживаат и љубителите на џезот на европските и светските сцени. Нивниот албум „Одрон ритуал оркестра“ веќе беше прогласен за еден од највозбудливите во 2019 година на неколку релевантни светски листи, така што тоа навистина воопшто и нема да биде изненадување. Дечки, на добар сте, светол пат, the sky is the limit 😉

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *