Кон црногорскиот филм „ИГЛА ПОД ПРАГОТ“ на Иван Мариновиќ

Дебитантскиот филм „Игла под прагот“ на црногорскиот режисер Иван Мариновиќ е уште еден доказ дека кога еден филмаџија ќе добие шанса за својот првенец, таа треба да ја искористи со снимање на фокусирана драма врз неколку ликови, кои ќе ги изгради до најмалиот детаљ. Токму тоа и го прави овој млад црногорски режисер, чиешто сценарио беше препознаено како голем потенцијал, за што беше поддржан на филмската работилница во Ерусалим во 2014 година, а потоа и на „Синелинк“ на филмскиот фестивал во Сараево. Кога сте дебитант, едноставно, не се расфрлате со големи теми, туку со разголување на животите на малите луѓе со сите нивни доблести и мани, како во случајот со мештаните на полуостровот Луштица и велелепната Бока Которска. Е, токму ваков филм сакам да видам и во македонската кинематографија, бидејќи темата е универзална, а таа навистина добро може да функционира сместена и во наш контекст, бидејќи караниците околу недвижностите се секојдневие речиси и на секое македонско семејство.

Но, најмногу радува што во оваа црногорско-српска копродукција, значи без учество и на Агенцијата за филм на РМ, која знае одвреме-навреме да го одврзе ќесето во мал процент за одредени балкански копродукции, сепак за учество во филмот се повикани неколку наши уметници: музичарот Тони Китановски, кој прави фантастична минималистичка филмска музика со својата певлива гитара што одлично го отсликува црногорскиот карпестоморски пејзаж, потоа маестрално одиграната споредна улога на Митко Апостолоски како локален владика, ментор на главниот лик, попот Петар, кој, пак, антологиски го одигрува Никола Ристановски, чијашто раскошност доаѓа до израз токму во ваквиот тип на улоги, во кои скриениот гнев излегува на површина во моментите на
катарза, кога ситуацијата доаѓа до точка на вриење, и буквално се работи за борба на живот или смрт. Ристановски одлично се снаоѓа и во феноменалниот хумор со кој изобилува сценариото, потсетувајќи нè на славните денови на „Ѓекна није умрла, а кад ќе, не зна се“, серија на која се сеќаваме со задоволство секогаш кога ќе се спомене црногорската играна продукција. Но, драго ми е што од оваа мала балканска кинематографија, како и нашата, се појавуваат нови филмски сили како Мариновиќ, кој, патем, својот занает го печел во славната „Прашка филмска школа“ на Форман и другите филмски магови.

https://www.youtube.com/watch?v=AES9XLAk0HU

Иако „Игла под прагот“ беше црногорски кандидат за „Оскар“ и не влезе меѓу петте финалисти, сметам дека во иднина балканската кинематографија како целина ќе дава многу интересни остварувања што нема да останат незабележани на светската филмска карта, а зашто да не и за престижниот „Оскар“. А кога сме кај него, ако сакаме да го заокружиме овој краток осврт со хумор, да споменеме дека доколку Ристановски беше дел од некоја позабележлива светска кинематографија, досега публиката, особено по олку маестрално одиграна ролја како во овој филм, можеше во неколку наврати слободно да му скандира: „’Оскар‘ не ти бега Никола, Николаааа, Николаааа…“ 🙂

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *