Последниот филм на контроверзниот Ксавиер Долан, „Само е крајот на светот“ (Juste la fin du monde), минатата година во Кан доби „Гран при“ од жирито, односно втората награда по вредност на престижниот фестивал. Филмот можеби дистрибутерски малку доцни во овие краишта, но филм зад кој стои Долан со сиот багаж зад себе преку филмовите „J’ai tué ma mère“ (2004), „Les amours imaginaires“ (2011), „Tom à la ferm“ (2013)… секако мора да се погледне. На крајот испаѓа дека наградата што му ја доделило жирито на чело со претседателот Џорџ Милер (Лудиот Макс) е повеќе од компромис, ако знаеме дека победи извонредниот „Јас, Даниел Блејк“ на Кен Лоуч, веројатно за да има некаков баланс со Британците во тој вечен антагонизам помеѓу La France и Островот.Како и да е, „Само е крајот на светот“ е филм што сакаш да го гледаш, и во кој младиот писател, игран од Гаспар Улие, по 12-годишно отсуство решава да се врати дома меѓу своите со една важна информација – објава на својата тешка болест и можната скора смрт. Ваквата предлошка е многу силна и емоционална и токму на таа карта, емоцијата, игра филмаџијата. Но, проблемот е што тој игра само на таа карта и на ниту една друга. Единствено решение при таквата поставеност на нештата е можноста за постојаното евоцирање и реминисценции на одредени спомени од минатото, преку кои, за жал, не ја добиваме комплетната слика за тоа зошто ова семејство и по толку години е дисфункционално и не може да се разбере меѓу себе.
И за жал, кога имате актер како Венсан Касел со сиот негов емотивен набој, да не успеете да го искористите докрај, освен да му дадете ролја во кој тој постојано е исфрустриран и не го канализира својот гнев до крајот, тогаш малку и сте ја згрешиле работата. А шансата била идеална – Касел кога го снимал филмот бил тазе разведен од заносната Моника Белучи, но можеби и тоа била причината улогата да ја изигра на тој начин, без завршна
поента. Којзнае?! 🙂
Затоа, и понатаму врвен мајстор за ваквите мали француски семејни драми останува Клод Шаброл, од кого новата генерација француски филмаџии уште долго ќе треба да учи занает.