„Малите суштества од станот што се реновира“ на Ненад Тонкин

Кој вели дека нема културни настани во време на Ковид-19? Навистина не ми е јасно зошто не се отворат нашите музеи, каде можноста за почитување на дистанцата меѓу посетителите е супер остварлива. Но, секогаш некој мора да го скрши мразот, нели. Пријатно ме изненади изложбата насловена „Малите суштества од станот што се реновира“ на Ненад Тонкин, која до 15 јуни може да се посети во Домот на градежните работници „Кочо Рацин“. Иако не стигнав на отворањето, сепак, ја посетив денес, и уживав во поставката, која нуди десетина експонати, надополнети со текстуален дел.

Изложбата е ликовен проект кој Тонкин го започнал во април 2015 година во стан кој тогаш се наоѓал во почетна фаза на темелно реновирање, а скулптурите  се изработени од материјали и предмети пронајдени токму во тој стан, и тие, на некој начин, претставуваат илустриран детски страв, вели придружниот текст.

„Малите суштества“ се ликови со посебен карактер и уникатни способности. Секој лик има своја сериозна улога и придонес во живоста на станот. Позади секој од нив стојат специфични приказни најчесто со комична содржина. Комична затоа што само на тој начин стравот ја губи својата моќ, спласнува и е подносливо достапен.

 

„Но, најважно, сето ова не би било возможно доколку на почетокот не постоеја овие прашања: Дали кога дома ни е потполна тишина навистина е потполна? Дали и кога сме сами сме потполно сами? Што е тоа што тишината ја прави толку гласна, а празниот простор толку полн? И што се случува ако малку прочепкаме позади некој ормар, помеѓу процепите на стариот паркет или околу циглите што ѕиркаат во напукнатиот ѕид? Кој ли сè ни живее дома без да забележиме, а и ако забележиме сепак не сме свесни?“

„Можните одговори на сите овие прашања единствено се наоѓаат само на едно место – во станот што се реновира. Малите суштества се таму, секогаш. И чекаат!“, нагласува уметникот.

Иако проектот започнал пред пет години, а неговата реализација се случува токму денес, ми се чини како тоа сосема да му одговара на концептот. Во време кога никој не очекуваше тековната 2020 година да ни понуди ваков начин на интровертно живеење, со полициски час и страв од контакт со Другиот, „малите суштества“ на Тонкин се совршен показател за моментниот свет во кој живееме, и нивното значење, освен во контекстот на „станот што се реновира“, јас ги видов и како коментар на актуелниот контекст, каде сите ние на некој начин ги разбудивме „малите злобни суштества“ во себе, беспотребно глаголејќи за еден свет кој решил да биде непријателски настроен кон нас.

 

Но, со позитивно делување, како оваа изложба на Тонкин во Домот на градежниците, надежта вели дека можеби ќе ги потиснеме тие „суштества“ длабоко во себе и ќе погледнеме напред, кон светлата иднина. Ах, колку тоа утопистички звучи! На сето ова му фали уште авторска музика, а совршено би „легнала“ онаа на Тонкин за „неснимените кратки филмови“ 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *