Современата епопеја насловена „До балчак“ започнавме да ја третираме во магазинот уште во „Филмополис“ број 394, кога со еден пристоен текст направивме посвета на снимањето на филмот што се одвиваше во Западна Македонија, поради што и не бевме присутни на самото снимање. Текстот одеше вака:
„Новиот македонски филмски проект – долгометражниот игран филм „До балчак – Приказна од дивиот исток“ во режија на Столе Попов и по сценарио на Горан Стефановски, започна со снимање во продукција на „Триангл филм“, во копродукција со „Сектор филм“, „FX3X“ и Македонската радио-телевизија. Проектот е поддржан и финансиран од Владата и од Филмскиот фонд на РМ во програмата за проекти од национален интерес, откако со години не успеа да најде странски копродуцент. Снимањето на филмот го помагаат и министерствата при Владата на Република Македонија, МПЦ – Преспанско-пелагониската и Дебарско-кичевската епархија, „Македонски железници“ и локалните градски самоуправи.
Според синопсисот испратен од продуцентската куќа, дејствието во приказната на Стефановски се случува во првата декада на 20 век. Филмот е сурова но романтична љубовна приказна, во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од каква било идеологизација. Слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата се доживеани низ катарзични емоции што допираат „до балчак“, вели Столе Попов за својот нов режисерски проект. „И додека Холивуд ја дигитализира виртуелната ‘стварност’ спуштајќи се длабоко во океаните или качувајќи се високо во вселената, ние Балканците сè уште се качуваме до висините на утопискиот идеал – Слободата или се спуштаме до крајната длабочина на човечката душа – Смртта. Антиподите на моето синеастичко трагање се движат ‘до коска’ на релацијата ‘Слобода или смрт’. Сонувајќи за недопирливиот идеал на слободата, историски потврден како вечна слатка илузија на човековиот род, постојано чекориме рака под рака со смртта, со која, зошто да не, можеби и започнува вистинската слобода како посакувана, сè уште непотврдена вест“, поентира Попов по повод новиот филм.
Продуцентската екипа на филмот нагласува дека „До балчак“ е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во кој се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот, низ македонската историја исполнет со супер историски апсурди. Антивестерн, пандан на традиционалниот „Амerican Western“ или нешто што слободно би можеле да го наречеме „Маcedonian Eastern“, филм што излегува од просторот на кој од памтивек се среќаваат и судираат западната и источната цивилизација. Во филмот играат Инти Шрај, Сашко Коцев, Мартин Јорданоски, Тони Михајловски, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Никола Ристановски, Гораст Цветковски, Ана Костовска, Владо Јовановски, Камка Тоциновски…“
Освен вревата што се крена по медиумите и социјалните мрежи околу наводно или навистина убиениот коњ за време на снимањето на филмот, другото да речеме дека помина релативно коректно. Една година подоцна, прес во Сити хол во МКЦ, најава за новото издание на „Браќа Манаки“, кое нема да го отвори филмот на Попов, туку премиерно ќе биде прикажан на вториот фестивалски ден. Во присуство на министерката за култура и директорот на Агенцијата за филм, Попов во еден долг монолог ја најави долгоочекуваната премиера на својот нов филм, откако во претходниот период се слушна дека филмот е финансиски заглавен и голем дел од екипата нема добиено хонорари. За работата да биде уште позаплеткана, се јавија и битолските дуќанџии, на кои исто така не им биле исплатени ветените пари, кога за време на снимањето на филмот во битолската чаршија, тие не работеле, но потпишале валиден договор со продуцентот дека ќе добијат одредени средства за своето неработење. Дојде и денот на отворањето, на кое се случи скандал на црвениот килим, по што работата максимално зовре. Проекцијата на филмот помина коректно, но сите го очекуваа утрешниот прес на режисерот и останатиот дел од екипата. А таму, уште еден скандал, во кој директно се соочија, со остри зборови, самиот Столе Попов и директорката на фестивалот Лабина Митевска. И така, на крајот, и покрај мојот план вечерта во „Филмополис“ да емитувам ексклузивно интервју со Столе Попов по повод неговиот нов филм после толку време, сепак поради новонастанатите околности не ни помислив да побарам интервју од него, бидејќи по пресот тоа не го дозволуваше создадената нервоза кај сите присутни. Токму затоа направив еден кавер на филмот од мој аспект, онака како што јас го видов и доживеав, во комбинација со изјавите на Попов од конференцијата за новинарите. Скандалот и отворената караница со директорката Лабина Митевска, секако ги оставив да ги сработи колешката дописничка од Битола, бидејќи „Филмополис“ никогаш не се занимавал со такви моменти во филмот, туку секогаш се обидувал да остане на страната на филмската уметност како таква.
Две години по снимањето на филмот на локации во Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и во Прилеп, „До балчак“ синоќа ја доживеа својата официјална македонска и светска премиера. По 17-годишна пауза, ценетиот македонски филмаџија Столе Попов конечно седна во режисерското столче и ја реализираше приказната што со сценаристот Горан Стефановски ја зачнале уште во средината на 80-тите, по што од разноразни причини овој проект со години не наишол на поддршка од државните фондови, сè до 2012 година. Покрај авторскиот тим Попов/Стефановски, останатиот дел од екипата го сочинуваат директорот на фотографија Апостол Трпевски, музиката е на Дуке Бојаџиев, сценограф Миленко Јеремиќ, костимограф Емилија Ивановска, а главните улоги ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски.
Столе Попов: Имаше многу обиди да го снимиме овој филм во различни политичко-општествени услови и системи. Во поранешниот комунистички систем правевме сè, но се немаше доволно слух, дали продуцентите имаа страв да се нафатат на вакво нешто, а знаеме дека тие работат во склоп на некаква културна политика. Цело време се вртеше работата како, што би рекле Србите, „киша око Крагујевца“, но на крајот пропаѓаше, иако еднаш имаше и обид каде стасавме најдалеку, речиси пред реализација. (…) Еден ден, добро се сеќавам, на 2 август, Илинден беше, ѕвони телефонот и се јавува министерката Бети Канческа-Милевска. Вели: Столе, ние решивме да го правиме филмот. За мене тоа беше пријатно изненадување и така тргна целата работа. Така го снимивме филмот не само со средствата на Фондот, туку и со додатните средства со одлука на Владата.
Синопсисот на филмот вели дека станува збор за историски спектакл, приказна за комплексен четириаголник помеѓу бескомпромисен и идеалистичен востаник, безмилосен турски офицер, богат „татин“ син опортунист, кој се враќа дома по завршени студии во Европа, и една луцидна и слободоумна Eвропејка во потрага по авантура, која ги залудува тројцата мажи и предизвикува серија настани со далекусежни и несогледиви последици. Ликовите минуваат низ бурни судири, доживуваат катарзични искуства и стекнуваат длабоки нови самосознанија, иако сето тоа на моменти изгледа долго и растегнато, со сцени што можеби и не требало да влезат во завршната верзија, бидејќи се сосема непотребни и не се во функција на надградба на карактерите.
С.П. Отсекогаш сум имал желба да направам филм на оваа тема, за македонските комити, но не онака како што досега имавме претстава, не од глорификациски аспект, туку едно мое видување на појавата на луѓе што се од крв и месо, луѓе со емоции, луѓе со тежок живот каде што се соочуваат со сите парадокси, добри и лоши страни. Значи, филм за луѓе што го носеле тој товар на обид за револуција, но од аголот на обичниот мал човек, ослободено од какви било идеологии и без митологизирање. Во суштината на таа борба да се прикаже исконското чувство за слободата и нејзиното поимање.
Според авторите на филмот, „До балчак“ е суровa и романтична сторија, која ја испитува вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност низ призмата на релативноста на поимите на слобода, правда, љубов, жртвување и предавство. Приказната ги драматизира и пародира митот и антимитот на Истокот и Западот, на Европа и Балканот, усвитувајќи ги парадоксите и апсурдите на македонската историја. И ако во своите легендарни филмови „Среќна нова ’49“ и „Тетовирање“, Попов беше неприкосновен во однос на толкувањето на актуелниот општествено-политички контекст во кој се одвиваа приказните, овој пат тој нè навраќа на почетокот од 20 век во Македонија пет века под турско, време што на големото платно можете да го прикажете како сакате, како еден вид илузија што некои ќе ја протолкуваат како непобитна вистина удирајќи се во градите, а некои само како автoрско поигрување со филмските жанрови. Она што и во овој филм го докажува Столе Попов како негов авторски печат е неговата умешност да се справи со масовните сцени прикажувајќи многу детали преку кои ја гради тензијата до зона на експлозија.
С.П. Отсекогаш сум бил љубител на американскиот вестерн, ги обожавав тие филмови, од класичниот вестерн преку неговата трансформација низ филмовите на Сем Пекинпо и Волтер Хил, сè до поновите изданија, како оној на Тарантино. Овие филмови обично се занимаваат со тие морално-етички човекови прашања на еден чист начин, и мислев дека и ние имаме дел од историјата што има еден таков свој правец, но филмот да си има свој печат, затоа реков дека ова е пандан на тој западен вестерн, односно, ова е македонски вестерн, или истерн.
Во време во кое царува лесната и плитка филозофија поддржана од современите медиуми, констатацијата како: „Ебати животот, ако не си подготвен да умреш за него!“, која, пак, е претставена како радикална филозофија на главниот лик, комитата Крсто, совршено кореспондира со паролашките вредности насекаде околу нас, и токму затоа предвидувањето е дека „До балчак“ би требало да биде гледан од младата генерација филмофили. Во прилог на ова предвидување оди и авторската настроеност на авторот кон филмските цитати, како од светската, така и од домашната кинематографија, па така, во „До балчак“ на моменти ќе ги помирисате „Мис Стон“, „Збогум на 20 век“, „Прашина“, „Трето полувреме“…
С.П. Презадоволен сум од вчерашниот прием на публиката, зашто откако почнав да се занимавам со филм, имам едно проверено правило, имам нелагодност само до првата проекција. На таа прва проекција, како синоќешната, обично има 500 и повеќе луѓе, и веднаш можете да почувствувате дали публиката диши заедно со филмот или не, дали луѓето се идентификуваат со ликовите, дали ѝ веруваат на приказната… Кога ќе почувствувате дека флуидот постои, тогаш товарот паѓа, затоа сега сум релаксиран. Свесен сум дека, како и со секое уметничко дело, ќе има луѓе на кои ќе им се допадне повеќе, а на некои помалку овој филм, меѓутоа јас го остварив својот сон.
„До балчак“ е во копродукција помеѓу „Триангл филм“, „Сектор филм“, „ФХ3Х“ и Македонска радио-телевизија, финансиран со средства од Владата на Република Македонија, Министерството за култура и Агенцијата за филм на Република Македонија. „До балчак“ е оценет како проект од национален интерес, тенденција со која Министерството за култура преку Агенцијата за филм се обидува да создаде критериум на вредни и помалку вредни филмови за снимање. Последниот суд, сепак, неприкосновено ѝ припаѓа публиката.
Веќе во следното издание на магазинот ја објавивме следната информација, поврзана токму со филмот на Попов, со што ја заокружуваме и оваа филмска сторија.
По премиерното прикажување во вториот фестивалски ден на „Браќа Манаки“, Друштвото на филмски работници на Македонија соопшти дека Комисијата во состав Роберт Насков (продуцент), Димо Попов (снимател), Вардан Тозија (режисер), Иван Бартлинг (сценограф) и Горан Игњатовски (шминка), со мнозинство гласови одлучија новиот филм на Столе Попов, „До балчак“, да биде македонски претставник во претстојната трка за Оскарите, во категоријата Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Филмот на Попов беше и единствениот пријавен филм на овој конкурс, со што на авторот повторно му се укажува можност да влезе меѓу најдобрите пет, откако во 1979 година со краткиот документарен филм „Дае“ беше југословенски кандидат за Оскар, односно тоа беше првпат македонската кинематографија да влезе во најтесниот круг во која било категорија за оваа престижна филмска награда. За жал, „До балчак“ не успеа во тоа.
(Прилозите се емитувани во магазинот „ФИЛМОПОЛИС“, а текстот е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)