Нови депоа во Кинотеката на Македонија

Во петокот во Кинотеката на Македонија беа отворени новите депоа за чување на националниот фонд на аудиовизуелни добра. Истите се наоѓаат во сутеренот на институцијата и во нив ќе биде сместена националната филмска продукција, која конечно доби адекватен простор за чување и заштита. Во употреба бea пуштени пет разладни комори наменети за чување на националната филмска продукција, негативи и архивски копии, на површина од 100 метри квадратни и капацитет од 12.000 филмски кутии. Со оваа големина ќе биде обезбеден простор за чување материјали во следните 30 години.

Кинотеката на Македонија доби и три депоа наменети за чување на музејски експонати, видео-материјали и пишувана фотографска документација. Сите овие депоа се поврзани со систем за компјутерски надзор и регулација. Со тоа завршува првата фаза од капиталниот проект на Владата на РМ и Министерството за култура, обнова и ревитализација на Хавзи-пашините конаци, кој опфаќа изградба на депоа за чување на целото кинотечно наследство, но кој поради комплексноста е поделен на неколку фази.


Покрај депоата за чување на филмски артефакти, во следниот период Кинотеката ќе добие и работни простории кои се многу значајни за обработка и заштита, и тоа лаборатории за чистење филмови, за филмска и електронска монтажа, како и простории за чување на филмскиот каталог, односно на сите податоци за националната филмска продукција. Со тоа ќе се исполнат предусловите за заштита на аудиовизуелното богатство на нашата земја, односно истото ќе добие адекватен третман како културно наследство со особено значење.

Свеченоста во Кинотеката беше збогатена со изложба на фотографии на Роберт Јанкуловски и со проекција на ексклузивни архивски материјали од филмскиот архив на Кинотеката. На отворените проекции беа прикажани реставрираните снимки на браќата Манаки, „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков, како и неколку прегледи од крајот на 40-те и почетокот на 50-те години на 20 век.

(Прилогот е емитуван во филмскиот магазин „ФИЛМОПОЛИС“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *