Искрено, јасно и гласно!

Минатиот месец се случи една интересна коинциденција. На 14 август, само еден ден по смртта на легендарниот изумител на гитарата „Гибсон“, Лес Пол, се случи светската премиера на филмот „Мора да биде гласно“, во кој тројцата главни протагонисти се музичари-предводници на своите генерации на кои гитарата им е во крвта. Славниот член на Лед цепелин, Џими Пејџ, креаторот на звукот на глобално популарните Ју-ту, Ди Еџ, и лидерот на Вајт страјпс и Рикаунтерс, Џек Вајт, со своите искрени приказни раскажани пред камерата се доволна провокација за сите музички фанови овој едноиполчасовен филм да им стане вистинска Библија.

Тројцата гитарски виртуози несебично ја прифатија поканата на режисерот-Оскаровец Дејвис Гугенхајм („Непријатна вистина“, 2006) да бидат дел од овој возбудлив проект, чија содржина постојано треба да се „препрочитува“. За зближување на трите харизматични ликови, Гугенхајм организирал неколку неформални средби на кои музичарите бргу сфатиле дека го зборуваат истиот јазик. Откако заеднички отсвиреле неколку познати теми, веќе полесно се дишело, а заедничката свирка пред камерите е ретка можност да се видат и чујат како изведуваат нивни се’ уште нереализирани песни.

Меѓу останатите ексклузивни нешта кои можат да се видат во овој документарец се и студиото „Хедли гранџ“, каде е создадена легендарната песна „Стервејс ту хевн“, како и посетата на средното училиште во Даблин, во кое Ју-ту ја имале првата свирка како тинејџери.

Оваа декада ни подари еден куп филмови поврзани со муичките идоли од минатото, документарно-целовечерни излети кои на автентичен начин ни раскажуваат како се одвивала историјата на рокенролот. Се чини дека „Мора да биде гласно“ ќе заземе почесно место во овој се’ послоевит филмско-музички фолдер, бидејќи новите генерации мора да го проучат минатото за да моќат да стекнат критериуми со кои во иднина ќе можат полесно да оценат што е добра музика, а што шунд. Со такво сознание животот станува поквалитетен.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 22 септември 2009 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *