Песни 3 – Чарлс Буковски

Во овие несигурни Ковид-времиња, претпоставката е дека луѓе како Чарлс Буковски, со нивниот начин на живот кој го практикувале, на релација бар-дома-пиво-цигари-луѓе-жени-бар-виски-хиподром-жени-цигари… едноставно не би го издржале предизвикот. Вирусот е подмолен и сигурно би поставил стапица зад следниот агол токму за вакви човечишта како Буковски. Но, од друга страна, пак, зад нив останува делото, во случајов поезијата, која ако не на авторот, тогаш може да им помогне на други, непознати луѓе.

„Отсекогаш сум мислел дека пишувам за да се спречам себеси да не потонам, но се чини дека им помогнав на некои други луѓе“, изјави во една прилика стариот пес Буковски, и беше сосема во право. Следи избор од третата книга со песни, откако во изминатите неколку месеци уживавме во десетина од нив сместени во првите две изданија.

 Јас и Капоти

кога телефонот ќе заѕвони, тоа главно е машки глас
сличен на повеќето други гласови бидејќи обично ја кажува истата работа:
„дали сте вие Хенри Кинаски, писателот?“
„понекогаш сум писател“.
„ме изненадува тоа што сте во именикот. ете, би сакал да навратам
и да поразговарам со вас, да испијам неколку пива со вас“.
„зошто?“ прашувам.
„само сакам да си поприкажеме“.
„не разбирате“, велам. „нема за што да се зборува. тоа ме уморува“.
„но јас го сакам она што го пишувате“.
„па доста ви е“.
„би сакал само да навратам и малку да си поприкажеме“.
„не сакам да зборувам“.
„зошто сте тогаш во именикот?“
„сакам да ебам жени“.
„значи затоа пишувате?“
„јас сум како Труман Капоти, пишувам за кирија“.
Ја прекинувам врската.

повторно ѕвони.
прекинувам.

не гледам што има врска пишувањето со разговарањето.
а не гледам ниту што има врска пишувањето со тоа што
секоја недела по пошта ми стигнуваат по три лоши книги поезија.
јас не сум свештеник. јас не сум гуру.
веројатно имам повеќе лоши моменти и сомнежи во себе
од оние што ми се јавуваат.

но кога ќе слушнам тропкање на вратата, и ќе влезе убаво суштество
(женско, по телефонскиот повик)
врткајќи се, смешкајќи се,
со прекрасни облини и магични движења
јас сфаќам дека е поопасна од сите војски на сите времиња
и знам дека не сум пишувал песни баш за тоа
и тогаш не сум сигурен, и повторно не знам
потоа заборавам што воопшто знам, и’ подавам пијалак
па одам во спалната и ја кревам слушалката од телефонот.

тоа е најдобар начин да не бидам во именикот.


Сакам сирена

зборувајќи за лудилото
во последно време мислев на сирените.
но не можам човечки да ги сместам во мојот ум.
има тука разни проблеми кои ме мачат.
каде се нивните сексуални органи?
дали користат тоалет-хартија?
и можат ли да стојат на своите пераи
додека пржат шунка и јајца?

мислам дека би сакал да сакам сирена.
понекогаш во продавница гледам краби и мали октоподи
и си мислам: добро, би можел со ова да ја хранам.
но како да ја водам на хиподром?

земам што ми треба и ја туркам количката до касата.
како сте денеска? ме прашува таа.
добро, велам.

на себе има униформа
рамни чевли
обетки
шеширче
хулахопки.

потоа ги чука моите артикли
а јас знам каде се нејзините сексуални органи
додека гледам надвор низ стаклото од излогот
и чекам.

Млади луѓе

повторно и повторно
млади луѓе ми праќаат исто писмо:
„не знам да пишувам, но сакам да пишувам.
ги читам вашите книги и сакам да пишувам исто како вас.
ќе може ли, ве молам, да ми кажете нешто што би ми помогнало?“

насекаде околу мене
планините се во пламен
реките течат одовде
преполни со стаорци.
улицата урла и зинува да ме проголта.
се гушам и не можам да дишам.

а тие сакаат да пишуваат?
како мене?
како тоа си замислувате?
што е пишувањето?

јас само сакам да одам во кревет
да ги затворам очите
и засекогаш да заспијам.


Тоа го правиш додека тепаш муви

Бах, спомнав, имал дваесетина деца.
дење се обложувал на коњи.
ноќе ебел, а наутро пиел.
помеѓу тоа компонирал музика.

тоа е отприлика она што и’ го кажав
кога ме праша:
кога ти воопшто пишуваш?

Насекаде, насекаде

ме изненадува како не попуштаме
додека уживаме во својата беда,
секогаш во одбрана, загрозени од силите.
вчудоневидува енергијата која ја согоруваме
хранејќи го нашиот гнев.
вчудоневидува како во еден момент ‘ржиме како ѕвер,
а по неколку моменти, забораваме што и зошто.

не часови, денови, месеци или години,
туку вака е со децении,
цели животи тотално потрошени,
препуштени на најмизерната огорченост и омраза.

на крајот,
овде нема да остане ништо
што смрта би можела да го собере.


Ѕвер

мојот ѕвер доаѓа попладне
Јј гриза мојата утроба
ја гребе мојата глава
‘ржи
плука дел од мене.

мојот ѕвер доаѓа попладне
додека другите луѓе се сликаат
додека другите луѓе се на излет
мојот ѕвер доаѓа попладне
преку валканиот кујнски под
и ми се клешти.

додека другите луѓе си бркаат работа
која ги запира нивните мисли
мојот ѕвер ми дозволува да мислам за него
за гробиштата и деменцијата и стравот
за бајатото цвеќе и распаѓањето
и смрдеата на јаловиот гром.

мојот ѕвер не ме остава на мира
тој доаѓа попладне
и гризе и гребе
а јас му велам
додека се препелкам, држејќи се за утробата:
исусе, како некогаш да те објаснам на нив?
тие мислат дека сум кукавица
но тие се кукавици, бидејќи одбиваат да почувствуваат,
нивната храброст е храброст на полжави.

мојот ѕвер не го интересира мојата несреќна теорија –
тој кине, џвака, плука уште еден дел од мене.

излегувам надвор,
а тој ме следи по улицата.
поминуваме покрај прекрасни насмеани ученички
покрај пекарски автомобил
и сонцето се отвора и затвора како школка
голтајќи го за момент мојот ѕвер
додека поминувам на зелено светло
глумејќи дека сум побегнал,
претворајќи се дека ми треба леб или весници,
претворајќи се дека ѕверот засекогаш исчезнал
и дека искинатите делови од мене се’ уште се тука
под сината кошула и зелените панталони
додека сите лица стануваат ѕидови
и сите ѕидови стануваат невозможни.

Белиот пес

излегов на прошетка на Холивуд булевар.
погледнав надолу и таму беше само еден голем бел пес,
кој почна да оди покрај мене.
чекорот му беше идентичен на мојот.
заедно застанавме кај семафорот.
заедно ја преминавме улицата.
една жена ни се насмевна.
одеше најмалку осум блокови со мене.
тогаш влегов во еден дуќан
и кога излегов, него го немаше.
прекрасниот бел пес со малку жолто на своето крзно.
големите сини очи исчезнаа.
устата што се кези исчезна.
испружениот јазик исчезна.

толку е лесно да се изгуби нешто.
ништо не трае вечно.

тажен сум.
тажен.
тој пес ме сакаше
и ми веруваше
а јас го пуштив да си замине.


Мојот татко и соседот

мојот татко веруваше во работата.
беше горд кога беше вработен.
понекогаш беше невработен
и тогаш многу се срамеше.
толку се срамеше што наутро излегуваше од дома
и се враќаше дури вечерта, за да не дознаат соседите.

на мене ми се допаѓаше човекот во соседната куќа:
само седеше на столот во дворот и фрлаше стрелки
во некои кругови кои ги обоил на гаражата.
во Лос Анѓелес во 1930.
имаше мудрост која
Гете, Хегел, Кјеркегор, Ниче,
Фројд, Јасперс, Хајдегер и Тојнби
тешко дека би ја оспориле.

Мојата градина

на сонце и на дожд
и дење и ноќе

болката е цвет
болката е цвеќе

кое постојано цвета.


Уметнички егоизам

што е генијот?
не знам.
но знам дека лудакот и професионалецот
се разликуваат по тоа што
професионалецот работи најдобро што може
во рамките на она што го зацртал
а лудакот го прави исклучително добро
она што не може да не го работи.

сега гледам во оваа гола сијалица
во 11.37 во понеделник навечер
мислејќи на имиња како
Ван Гог
Четертон
Плат
Крејн
Арто

Кинаски.

 

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *