Денес од печат излегува уште една книга за деца од ИЛИ-ИЛИ во едицијата „И ете приказна“. По добивањето на наградата „Роман на годината 2018“ за „Некој бил тука“, овој пат авторката Николина Андова Шопова се претставува со поема за најмладите, во која во главната улога е ликот од насловот, кртот Ѕвездан. За задоволството да биде комплетно се погрижи илустраторката Наталија Лукомска, како и Марија Смилевска, која дизајнерски го заокружи целиот проект.
Ноќта кртот Ѕвездан штом се роди
под земјата почна оро да се води.
Се пиеше, се пееше гласно до сабајле
и никој од полиција немаше гајле!
– Пробај од ракијата, види колку пече,
таткото Науме на кумот му рече.
– И, како кум, кажи сега, ајде:
ќе видиме ли од Ѕвездан некакво фајде?
(…)
– Кај се видело кртче Сонце да сака?
– ја почеша докторот брадата со рака.
– Сум немал ваков случај – ова е битно!
Терапија да се даде мора под итно!
И тргнаа на Ѕвездан да му најдат спас
го фатија сред една нива со праз.
Апчиња му дадоа – го пратија дома
зашеметен заспа цврсто ко во кома.
(…)
Еден ден, копајќи низ еден срт
налета на Ице, најмудриот крт.
Му раскажа сѐ за својата болка
се отвори пред него ко бисерна школка.
– Млад си да размислуваш вака зрело,
– рече мудрецот мрштејќи си чело.
– Светлината е и на други места, треба да се снајдеш:
со упорност и верба ти ќе ја најдеш.
На овие зборови Ѕвездан мислеше често,
ни лево ни десно не го држеше место:
каде ли светлината можеше да биде
моќна и силна, како тогаш што ја виде?