Онаа народната вели: „До сто и една, и назад!“
Пред неколку дена, токму на 101-годишна возраст, почина Лоренс Ферлингети, предводник на бит-генерацијата заедно со Џек Керуак, Ален Гинзберг, Гери Снајдер, Боб Кофман, Грегори Корсо… Тој е прекрасен доказ дека може да се дотурка до 101 година, иако во животот бил и скитник, поет, новинар, морнар, преведувач, сценарист, сликар, доктор на науки на Сорбона, активист и ко-основач на култната книжарница и издавачка куќа City Lights Booksellers & Publishers. Кога Ферлингети наполни стотка во 2019 година, градот Сан Франциско го прогласи 24 март за „Lawrence Ferlinghetti Day”.
Во негова чест, од книгата „Бит ангели“ од домашната библиотека, песната:
„Двајца улични чистачи на камион, двајца припадници на Beautiful people во Мерцедес“
Пред семафорот чекаат на зелено светло
во девет наутро во центарот на Сан Франциско
светло-жолт ѓубретарски камион
со двајца ѓубретари во црвени пластични пелерини
кои стојат на задната платформа
секој навален на својата страна
ѕверејќи се во отворениот Мерцедес
со елегантен пар во него.
Мажот носи модерно троделно елегантно одело
со средена фризура и со очила за сонце
младата „плавуша“ е со малку несредена фризура
во кратка сукња и со хулахопки во боја
тие се на пат кон неговото архитектонско биро.
А двајцата ѓубретари од четири утрото се на нозе
и веќе надркани се враќаат дома од својата маршрута
постариот со сиво-железната боја на косата и малку подгрбавен
гледа во нив како во гротескен Квазимодо,
а и помладиот исто така со очила за сонце и долгокос
отприлика во исти години како и возачот на Мерцедесот
и тој се ѕвери во кул парот како од некоја голема далечина
небаре гледаат некоја безмирисна ТВ реклама
во која секогаш се’ е можно.
И баш црвеното светло на семафорот
за момент ги задржува заедно овие четири луѓе
како да е возможно меѓу нив да се случат многу нешта
преку тој голем залив на немирното море на нашата демократија.