Почудно од рајот
Иако се работи за мала, одбрана публика која едноставно ги обожава филмовите на Џим Џармуш, сепак, неговото влијание врз новата генерација на американски независни режисери е несомнено големо. Со тоа се создава еден голем круг на филмофили кои својот светоглед го формираат и милуваат да го негуваат според сопствени правила на игра, токму оние истите според кои самиот Џармуш се раководи целиот свој живот. Рокер во душа, а режисер по вокација, овој автор на прекрасни, условно „малечки“ филмови, сите овие 25 години наназад остави силен печат во независниот филм, успевајќи да им одолее на разните компромиси со продуцентите, кои сакаат да го имаат, и вообичаено го имаат последниот збор.
Освен супер поводот, неговиот најнов филм „Скршени цвеќиња“, следниов текст му го посветуваме на маестро Џармуш и неговата нетипична, а сепак толку блиска и препознатлива приказна, обележје на цела една генерација независни филмаџии, кои ненаметливо, а сепак триумфално, успеаја да се издвојат како „едни од неколкуте“ што не’ натераа да ги засакаме (и повторно во наводници) „малку поинаквите филмови“ за маргиналците во сега веќе, со новите технологии, и реалното „глобалното село“ во кое егзистираме.
Нов бран
Џим Џармуш е роден на 22 јануари 1953 година во Акрон, Охајо. Неговиот татко бил филмски критичар во локалниот весник „Акрон Бикон Журнал“. Како дете поминувал многу часови гледајќи во подвижните слики, магија која кај него трае до денешен ден. По средното училиште заминува една година во Париз, во рамките на студентска размена. Таму ја впива француската култура, пред се’ литературата и филмот. Негово светилиште станува славната француска Кинотека, каде се прикажуваат ревии на филмови од претставниците на францускиот „Нов бран“ како Франсоа Трифо, Жна-Лик Годар, Клод Шаброл… По неговото враќање во САД, овој пат во Њујорк, се запишува на Универзитетот Колумбија каде студира англиска книжевност, но филмот и понатаму останува негова опсесија и инспирација. Без филмско искуство, тој се запишува на една њујоршка филмска школа под раководство на славниот Николас Реј, и набргу станува негов асистент. Со помош на Реј го снима и својот прв филмски обид, „Постојан одмор“ (1982), а сето останато е историја, која Џармуш миц-по-миц се’ уште ја испишува.
Стариот добар панк-рокер
Покрај книжевноста и филмот, двете главни преокупации на Џармуш во младоста, и музиката е неизоставен дел од неговата духовна егзистенција во разулавениот Њујорк. Имиџот што овој фраер со години го одржува, сега веќе белата рокабили фризура и ултракул изгледот со цигара меѓу прстите, е имиџ на стар, добар панк-рокер. Енергијата на сцената Џармуш и пријателите долги години ја чувствуваа како интегрален дел од музичката даунтаун приказна на Њујорк во втората половина на 70-те, кога царуваа бендови како Goo Goo Dolls, Patti Smith, The Stooges… Неговиот бенд „The DelByzanteens“, иако одигра споредна улога на панк-рок сцената во тоа време со само еден албум зад себе (Lies to Live by), сепак му дава додатен шарм на филмаџијата, кој во својата филмска кариера токму музиката ја „експлоатира“ на автентичен начин, како интегрален дел од своите филмови.
Фасцинацијата од музиката се провлекува низ сите филмови на Џармуш на најдиректен можен начин, со соработка и учество на значајни уметници како Џон Лури, Том Вејтс, Скримин Џеј Хоукинс, Џо Страмер, РиЗа… За големо заокружување на таа приказна може да ја прогласиме посветата на неговиот идол Нил Јанг во филмот од 1997-та, „Година на коњот“.
И, победникот е…
… секогаш, и во секоја ситуација, Џим Џармуш, иако нему никогаш не му значеле овие зборови. Сепак, за нагорната линија на неговата кариера, и на крајот од краиштата, за полесното наоѓање на пари за новите филмови, првите награди што ги доби режисерот на почетокот од неговата кариера се прилично значајни. Затоа, во текстов ќе ги споменеме само нив.
Со помош на преостанатата филмска лента од снимањето на филмот „Грмотевици над водата“ на Вим Вендерс, Џармуш го сними 30-минутниот „Нов свет“ (1980), кој потоа стана целовечерен филм насловен „Почудно од рајот“ (1984). Токму овој, според прецизните хроничари, негов прв официјален филм, претставува влезница за него во филмскиот рај. Истата година го добива „Златниот Леопард“ на филмскиот фестивал во Локарно, филмот е прогласен за најдобар филм таа година од страна на Здружението на филмски критичари, и како круна на се’, „Почудно од рајот“ во Кан ја доби наградата за Најдобар дебитантски филм, каде критичарите го кренаа на пиедестал, споредувајќи го со автори како Јасуџиро Озу, Роберт Бресон и Џејмс Бенинг. Поубаво – здравје!
ВО КРАТКИ ЦРТИ: Преглед на досегашните остварувања на Џим Џармуш
Постојан одмор (Permanent vacation), 1982
Почеток на неговата филмска филозофија, животот на еден њујоршки маргиналец во рокабили фазон, кој е опседнат од музиката на Чарли Паркер и постојаното безделничење по сокаците на Велеградот. Школски пример за прв обид, сместен во шеесет минути позитивни вибрации и див танц.
Почудно од рајот (Stranger than Paradise), 1984
Продлабочување на темата „отпадници од општеството“, кои се во постојана потрага по подобар и поинаков живот. Деби на филмското платно за големиот Џон Лури, добар пријател на Џармуш од младоста. Американскиот сон не е толку розов каков што го замислуваме, или каков што ни го сервираат.
Под законот (Down by Law), 1986
Приказна за тројца неуспешни „сонувачи“, едниот пропаднат ди-џеј во локалната радио-станица, а останатите двајца на крстопат меѓу желбите и реалните можности. Том Вејтс и Џон Лури брилјираат во овој црно-бел мастерпис, придружувани од откритието на Џармуш, Роберто Бењини, и неговите јазични каламбури во големиот „лонец за топење“.
Мистериозен воз (Mystery train), 1989
Oмнибус со три паралелни приказни, кои на некој начин се мистериозно поврзани меѓу себе. Финта што подоцна ја џапна Тарантино и се прослави. Првиот дел, со јапонската двојка, е компромис на режисерот поради јапонските продуценти, но Џармуш тоа го прави умешно, сместувајќи ја приказната во Мемфис, градот на кралот Елвис. Скримин Џеј Хоукинс и Џо Страмер се приказна за себе.
Ноќ на земјата (Night on Earth), 1991
Пет прекрасни приказни кои се случуваат во пет различни градови од светот, истовремено, во такси. Л.А, Њујорк, Париз, Рим и Хелсинки видени низ призмата на ноќните птици на кои очајно им треба превоз, но и пријател за разговор. Фантастичен кастинг: Винона Рајдер, Армин Милер Стал, повторно Роберто Бењини и приказната за сексот со дињите и овците. Маестрално.
Мртов човек (Dead man), 1995
По малку подолга пауза, конечно, нов филм на Џармуш, ни помалку ни повеќе, ВЕСТЕРН! Џони Деп како случаен отпадник, по кого трагаат најголемите убијци на Дивиот апад. Роберт Мичам, Иги Поп и плејада останати легенди од Б-филмовите, сето тоа во црно-бела варијанта. И уште музиката на Нил Јанг врз сето тоа… Генијално!
Година на коњот (Year of the Horse), 1997
Рокументарец во најдобро светло. Голема посвета на големиот рокер-полуИндијанец, следен од будното око на 8mm камера на Џармуш, од неговата турнеја со Крејзи хорс во 1996 година. Изјави, снимки од раниот период на Јанг и пајташите, малку поезија, многу музика… Класика.
Кучето Дух: Патот на самурајот (Ghost Dog: The way of the Samurai), 2000
Ммммм… Џармуш по Дивиот запад се враќа во урбаниот Њујорк, каде овој пат го истражува хип-хопот како начин на израз, преточен во филмска музика. РиЗа е задолжен за прекрасниот саундтрак за филмот во кој кодексот на јапонските самуараи успешно функционира на улиците на Големото јаболко, во кое застарената мафија си игра со некои нови клинци, според некои нови правила. Гангстерскиот жанр не е силна страна на Џармуш, но комплексноста и на ова дело за режисерот не претставува никаква мистерија.
Кафе и цигари (Cofee and cigarettes), 2003
Истерување до крај на еден стар проект започнат уште во средината на 80-те, во кој се глорификува ритуалот на пиење кафе, пушење цигари и правење „празни“ муабети. Том Вејтс наспроти Иги Поп, Џек и Мег од „Вајт Страјпс“ наспроти Никола Тесла, Кејт против Кејт Бланшет, Бил Мареј со генгста раперите… Слатко, како кафе и цигари!
И секако, актуелниот филм „Скршени цвеќиња“ со поголем осврт кон него 😉
@Текстот е објавен во ноемврискиот број на магазинот „Филтер“ 2005 година.