Кон „Скршени цвеќиња“ на Џим Џармуш

Вообичаената практика на Џим Џармуш во неговата филмска кариера е да снима филмови со пауза од три до четири години. Откако во претходните две децении докажа дека е автентичен автор пар-екселанс, тој најавува дека следните години ќе снима многу повеќе наслови и многу побргу од вообичаеното. Сите ние искрено се надеваме на тоа, а „Скршени цвеќиња“ е само едно мало навестување на таквата намера и концепција.

Зошто? Затоа што прв пат Џармуш во свој филм има крупни ѕверки во актерската екипа, на чело со рехабилитираниот Бил Мареј, кој по „Изгубени во преводот“ на Софија Копола како да доживува втора актерска младост. Иако мали, незанемарливи се улогите на Шерон Стоун, Џесика Ланг, Тилда Свинтон… и останатите актер(к)и во филмот, кои иако имаа епизодна улога (впрочем, филмовите на Џармуш претежно се составени од неколку паралелни приказни во кои сите на некој начин се епизодисти), докажуваат дека имаат почит кон независниот автор, кој е еден од ретките што успеа својот стил да го изгради до перфекција, стоејќи цврсто на нозе, без срам дека направил компромис во однос на нешто со некого.

Уште од првите кадри на „Скршени цвеќиња“ знаев дека присуствувам на гледање на еден од трите најдобри филмови на Џим во неговата кариера. Шпицата со писмата и поштенските марки кои прелетуваат насекаде по екранот многу наликува на монтажите во старите филмови, каде сликата-во-слика изгледа наивно, но убедливо. Следи движењето на поштарот низ фино уреденото предградие, со фар кој Џармуш толку многу пати го практикувал во неговите филмови што претставува вистинска лектира за сите филмаџии и филмофили. А кога воведот е идеален, во кој пред очи ви се фрлени неколку препознатливи референци за омилениот автор, тогаш ви преостанува да се препуштите и да верувате во она што отсекогаш сте го сакале – интелигентен филм, кој изобилува со многу емоции и еден куп специфичен хумор.

Токму хуморот никогаш не недостасувал во Џармушовите филмови. Навидум „лесната“ приказна за вечниот ерген Дон Џонстон (Мареј), кој тргнува во потрага по својот син за кој не знаел дека го има, во текот на филмот се претвора во редица животни ситуации кои можат многу лесно да ни се случат на сите нас. Вториот континуиран квалитет кој авторот го надградува во секој следен проект е играта со зборовите, во конкретниов случај, имињата на ликовите. Ако на Роберто Бењини како Италијанец тоа му беше лесно да го изигра во неколку претходни филмови, тогаш овој пат Џармуш, во негово отсуство, само ја доразвива приказната на Тарантино започната во една од сцените на „Евтини приказни“, во која таксистката Есмералда Виљалобос на боксерот Буч му вели дека сите мексикански имиња имаат некакво значење, на што овој и’ возвраќа дека американските имиња „means SHIT!“. Дон Џонстон, Лолита, Сан Грин и останатите се одлична предлошка за добра зафрканција на темата.

Секако, да не заборавиме дека токму за вакво сценарио, за ваков главен лик, совршено одговара актерската игра на Бил Мареј. Неговите минимизирани гестови, малите, тикови, суптилната експресија на лицето, со болка фино затскриена зад маската на индиферентноста, се само јагода на шлагот од тортата во целиот овој проект. Џармуш отсекогаш милувал да раскажува приказни за маргиналците од предградието, отуѓени од потрошувачкото општество, па така и оваа приказна со целиот свој шарм влегува во тој негов фолдер, следена од будното око на постојаниот соработник, монтажерот Џеј Рабиновиц, и снимателот Фредерик Елмс.

Музиката во филмот, пак, е приказна за себе. На Џим музиката отсекогаш му значела колку и филмот како уметност, и дури во неколку негови остварувања таа е супериорна во однос на приказната, но во случајов тој се решил таа само да лизга во текот на патувањето, што не значи дека „лизгањето“ не е пријатно за уши. За него е задолжена Мулату Астатке.

Џармуш никогаш не се обидувал да ве натера уште од првите кадри да ви се допадне главниот лик. „Скршени цвеќиња“ ја нуди истата формула, и токму во тоа лежи убавината и на овој негов филм. На прв поглед се вљубувате во она што го гледате на екранот, на крајот заклучувајќи дека г-нот Џармуш е како старо вино: што повеќе му белее косата на главата, изгледа се’ подобро и попривлечно, и секако, снима се’ подобри филмови. Браво дечко!

@Текстот е објавен во ноемврискиот број на магазинот „Филтер“ 2005 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *