Констатацијата дека американската независна филмска продукција отсекогаш била посилна и поквалитетна од европската, за многумина филмофили навистина држи вода, а еден од најавтентичните ликови на таа сцена е вечно привлечното момче со авантуристички вкус за модата, Винсент Гало. Неговиот втор авторски проект „Кафено зајче“ предизвика многу контроверзии во Кан и во него тој фигурира како (речиси) комплетен автор (снимател, монтажер, композитор, сценарист, актер, режисер). Сепак, поради смелиот пристап, како да предизвика контраефект, затворајќи му ги вратите кај финансиерите. Но тоа Гало не го загрижува, бидејќи човек кој толку многу зборува за себе без да каже нешто навистина важно секогаш ќе биде интересен за јавноста, особено за легијата од фанови која го следи секој негов следен потег.
Роден на 11 април 1962 година во Бафало, Винсент Гало е средно дете на едно сицилијанско емигрантско семејство, од чии прегратки бега уште во младоста директно во уметничките кругови на Големото јаболко. Дружејќи се со генијалниот афро-американски графити-мајстор и сликар Жан-Мишел Баскија, Гало успева да изгради свој препознатлив стил на однесување и живеење, кој подоцна ќе успее да го инкорпорира и во филмовите во кои ќе настапува.
За нас, на овие простори, првиот контакт со него ќе се случи во единствениот американски филмски излет „Аризона дрим“ на Емир Кустурица, во кој неговата ролја се состоеше од манијакално кажување на реплики од филмови, со посебен акцент на „Север-Северозапад“ од Хичкок. Од другите негови филмски улоги вреди да се споменат оние во „Палукавил“, „Погреб“, „Ненет и Бони“ и „Оздрави бргу“, секако, не заборавајќи го авторскиот првенец „Бафало 66“, во кој засекогаш расчистува со детството и тинејџ-годините во своето мало Бафало.
Инаку, главниот повод за ова кратко претставување на Гало е неодамнешната провокација на неговата интернет-страница www.vincentgallo.com, на која на заинтересираните девојки им ја продаваше сопствената сперма за еден милион долари, гарантирајќи им дека децата добиени од тој непристоен предлог, во најмала рака, ќе бидат генијалци. Ова е уште едно шоу на ексцентрикот, кој во меѓувреме го подготвува третиот авторски проект, кој со нетрпение го очекуваме.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 4 септември 2007 година.