Кон „Снег“ на Аида Бегиќ
Со длабоко понирање во психата на главните протагонисти, Аида Бегиќ успева да долови една потресна приказна од поствоена Босна во 90-те години
Откако филмот „Ничија земја“ на Данис Тановиќ доби Оскар за Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, босанската кинематографија влезе во сосема нови води, во кои и’ се отворија многу врати. За развојот и пристојната годишна продукција значајна улога одигра и растежот на Сараевскиот филмски фестивал, кој прерасна во најзначаен и највлијателен настан во регионов. Кога на сето тоа ќе се додаде и поддршката од „Еуроимаж“ на проектите на новиот бран квалитетни сценаристи и режисери, тогаш мозаикот изгледа (речиси) совршено.
Авторката Аида Бегиќ е дел од новата генерација босански филмаџи(к)и. Зад себе има два интересни документарни проекти и две краткометражни остварувања, а минатата година го сними и својот прв целовечерен филм со едноставен наслов „Снег“, кој својата официјална премиера ја имаше на престижниот филмски фестивал во Кан, кадешто беше прикажан во рамките на програмата „Недела на критичарите“. Иако не доби признание, филмот подоцна се закити со награди на фестивалите во Хемптон и Солун, а годината ја круниса со номинацијата за европските филмски награди.
Босна, 1997 година. Славно е мало планинско село во кое мажите никогаш не се вратиле, изминала една година од суровата војна, а жените се на работ на егзистенцијата. Тие низ игра, сеќавања и соништа се обидуваат да создадат поубав свет, во кој отсуството ја гризе сегашноста од која ликовите се обидуваат да избегаат, правејќи огромни количества зимница која немаат каде да ја пласираат. Можноста за промена се насетува кога еден камионџија ќе им вети дека ќе ја откупи комплетната залиха, но и кога еден американски бизнисмен во соработка со еден Србин ќе им понуди откуп за земјиштето. Изборот е немилосрден: спас од изолираноста или губење на сопствената душа?
Во минималистички стил, со камера од рака во турбилентните моменти, ненаметлива но сугестивна музика и естетска поетизираност на (не)скриената женственост, авторката Бегиќ со длабоко понирање во психата на главните протагонисти успеала да ни долови една потресна приказна, во која секој лик ја покажува својата болка на супериорен начин. На крајот сите го очекуваат снегот кој можеби ќе ги покрие сите недостатоци и скриени вистини кои цело време висат во воздухот. И тој доаѓа во вистински момент. Прекрасно!
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 27 јануари 2009 година.