Еден ден по најдолго исчекуваната премиера во мојот живот седнувам пред компјутерот, го пуштам на Јутјуб саундтракот од филмот за да ме понесе атмосферата на реминисценција од прекрасните филмски слики видени претходната вечер, и започнувам да го пишувам овој осврт кон филмот „Истребувач 2049“, попознат како „Блејдранер двојка“, со тоа што дистрибутерите решиле да го задржат насловот од 80-те години, како евоцирање на едно време кога добрите ес-еф филмови имаа суштина и не беа обременети со премногу специјални ефекти.
Оукленд
Желката која истражувачот, капетанот Кук му ја подари на кралот на Тонга во 1777 година, почина вчера. Имаше речиси 200 години. Тоа животно, наречено Ту’ималила, почина на земјиштето на кралската палата во тонгоанската престолнина Нуку на Алофа. Народот на Тонга животното го сметаше за поглавица и одредија посебни помошници да се грижат за неа. Ослепе во пожар пред неколку години. Тонгоанското радио јави дека трупот на Ту’ималила ќе биде пратено во Оуклендскиот музеј во Нов Зеланд. (Ројтерс, 1966)
Вака започнува „Сонуваат ли андроидите електрични овци?“, една од клучните книги во творештвото на американскиот писател на научна фантастика Филип К. Дик, чие дејствие се случува тука, на планетата Земја, впрочем како и сите негови останати романи, со тоа што секогаш постои таа врата кон другите светови, тој излез за Земјаните кои можат да си го дозволат, ако посакаат, за што постојано се бомбардирани со реклами насекаде околу нив: „Емигрирајте или дегенерирајте! Изборот е Ваш!“ Познато од некаде, нели!?
Но, ова не го интересира ЛАПД полицаецот, ситниот „ловец на уцени“ Рик Декард. Тој сака да заработи доволно за да си купи оригинално милениче, овца по можност, а не онаа електричната која ја чува на кровот од зградата. Затоа го прифаќа предизвикот да тргне во потрага по неколкумината побегнати репликанти од последната генерација Нексус 6, кои можат да направат хаос на Земјата доколку ја остварат својата цел.
Во 1982 година режисерот Ридли Скот, по фантастичниот успех со „Осмиот патник“ (Alien) во 1979 година, реши да го екранизира романот на Филип К. Дик. За жал, овој почина шест месеци пред неговата официјална премиера. Дик не успеа да види како неговата супер фантазија се преточува на големиот екран во еден од класиците на жанрот, кој долги години останува на тронот, и кому единствено му конкурира Кјубриковата „2001: Одисеја во вселената“, но на сосема друго рамниште. По успехот на филмот, почна да се копа по богатството кое зад себе го остави американскиот ес-еф писател, и до ден-денес сме сведоци на повеќе или помалку успешни екранизации на неговите романи и кратки приказни.
Триесет и пет години по премиерата на култниот филм сведоци сме на неговото продолжение, едноставно насловено „Истребувач 2049“. И ако во првиот филм снимен во 1982 година дејствието беше поместено 37 години во иднината, во сега блиската ни нам 2019 година, овој пат се оди 32 години нанапред, во 2049 година, во која како сликите да претставуваат многу поголема закана од оние претходно. Светот ја живее својата пост-апокалиптична фаза по т.н. „затемнување“, при кое многу податоци биле избришани, како да изумрела цела една историја на човештвото во претходните којзнае колку векови на егзистенција и архивирање на истата. И токму во таквата поставеност на нештата, иако овој пат зад приказната не стои Филип Дик, туку Хемптон Фаншер и помошникот сценарист Мајкл Грин, совршено функционира токму Диковата филозофија на гледање на работите: каква е човечката перцепција на стварноста и природата на самата човечност, начинот на кој човечкото функционира во современите услови на отуѓеност, и следствено на тоа, одделувањето од природниот начин на живот? Со тоа на најдобар можен начин му се оддава почит на авторот кој отсекогаш сакал да знае што е човечноста и што го дефинира самиот човек како таков.
Токму на оваа линија не „вози“ два часа и 43 минути и режисерот Денис Вилнев, како достојна замена на Ридли Скот, кој во поодминати години ја задржа улогата на (извршен) продуцент и еден вид тутор/контролор на проектот, околу кој веќе цела година се кршеа копјата дали може да биде подобар од првенецот или не, што е сосема погрешно поставена теза уште во самиот старт. Но, авторите на овој филм веројатно и не биле обременети со кокодакањето на филмофилите, знаејќи дека она што треба да го направат е одење неколку чекори понатаму, и никако поинаку.
„Истребувач 2049“ во вистинска смисла на зборот е комплетно надоградување на оригиналот, со суптилно потсетување на многу секвенци од првенецот во функција на туркање на приказната нанапред, но и маркетиншки регрутирање на нови фанови на кои можеби филмот од 1982 година ништо не им значи, или едноставно, не го гледале. И во продолжението светот на иднината е валкан и преполн со ѓубре (Сан диего е главната депонија на ЛА), видео гејшите се уште поголеми и посовршени додека те мамат да влезеш во нивната стапица од соништата, џанк-храната се’ уште е долу на улиците, меѓу обичните лузери, а очигледно одредени фирми и во 2049 се’ уште се (ќе бидат) водечки на пазарот (Сони, Атари, Кока кола, Пан ам…). И ако основната поставка во првенецот веќе ја споменавме во претходниот пасус, Вилнев во продолжението ја вметнува човековата душа во игра, иако без неа репликантот совршено функцинора во новосоздаденото опкружување. Но, суптилниот заплет лежи токму во новата искра надеж, дека можеби во новороденото дете од утробата на мајката-репликант лежи новото сонце на слободата!? Играњето со дуалноста во текот на целиот филм остава простор за различни интерпретации, и токму во тоа лежи привлечноста на ова филмско патување во иднината. Како и во првиот филм, и овде е оставен простор за скриени пораки кои можеби подоцна ќе ни бидат разјаснети во „дајректорс-кат“ верзијата, но така само се продолжува актуелноста на филмот и неговиот живот низ годините. А можеби набргу, а не по 35 години, како во случајов, ќе добиеме и трето продолжение, во кое уште подлабоко ќе се разгледаат односите на човекот и вештачката интелигенција. Којзнае.
Што да се каже за изборот на актерите во овој филм, освен „совршенство“! Рајан Гослинг со неговата блага „Мона-Лиза-насмевка“ во текот на целото дејствие без предрасуди ве освојува. Стариот лисец Харисон Форд во последната четвртина од филмот само докажува колку е достоинствен овој професионалец. Робин Рајт (екс Пен) е фантастична футуристичка „мис Манипени“ шефица, а Џаред Лето е фасцинантен како дежурниот негативец кој, по пропаѓањето на „Тајрел“ компанијата, продолжува да создава се’ посовршени репликанти. Неговата репликант асистентка исто така одлично ја игра Силвија Хекс, а Ана де Армас, иако толкува холограм лик (љубовницата на „К“), таа како да испорачува највеќе хуманост на сребрениот екран.
Пред самиот крај, да го нагласиме и придонесот на композиторите на музиката за филмот, на директорот на фотографија, и секако, на уметничките директори на проектот. Кога зборуваме за филмска музика, секогаш и во било која прилика првата асоцијација за одличен саундтрак е музиката на маестро Вангелис за првиот „Истребувач“. Овој пат екипата решава да ги покани веќе докажаниот холивудски композитор Ханс Цимер и неговиот помлад колега Бенџамин Волфиш да се надоврзат на трагите на Вангелис, и тоа го прават сериозно успешно, со таа разлика што нивната музика на моменти е пожестока од елегичниот романтик Вангелис поради повеќето динамични сцени кои ги содржи продолжението. Од друга страна, пак, петмината арт директори Брајан Флора, Дејвид Доран, Штефан Шпет, Тибор Лазар и Бенс Ердељи (последниве двајца Унгарци како назнака дека најголемиот дел од филмот се снимаше во студија во Будимпешта) имаа потешка задача да го рекреираат светот од иднината, истовремено надоврзувајќи се на визијата на Жан Жиро „Мебиус“, кој ја визуелизираше мрачната иднина во првиот филм, и за чија реализација тогашниот арт директори беа номинирани за Оскар. Но, работата на крајот е и повеќе од задоволителна, особено што се работи за минимализам во пристапот, па така многу од сцените изобилуваат со минимални интервенции во просторот, кој е огромен и на некој начин „ги јаде“ протагонистите со неговата бескрајност. Секоја од сцените е еден вид уметничко дело во големиот Музеј на современа уметност на пост-апокалиптичниот свет, во кој минатото и’ пркоси на непредвидливата иднина. За сето ова да се долови, најзаслужен е директорот на фотографија Роџер Дикинс и неговите помошници, за што во март американската академија, по веќе 13 номинации, треба да го награди со чичко Оскар.
Со сето досега нагласено, конечно може да им се затвори устата на фановите на „Војна на ѕвездите“, серијал кој во однос на „Блејдранер“, како што нагласува еден твитерџија, е како „акционен лего филм“, без никаква тежина, би нагласил. Едноставно, уживајте во слоевитоста на „Истребувач 2049“ како вистински филмски раритет во 21 век во областа на научната фантастика. За неговото значење можеби ќе дискутираме по 32 години, во 2049.
Да сме живи и здрави дотогаш 😉
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kritika.mk)