Џенифер Чејмберс Линч, ќерка на најавтентичниот американски режисер Дејвид Линч, по 15-годишна пауза и’ се врати на својата стара љубов – професијата режисер, снимајќи го филмот „Надзор“ како нејзино второ долгометражно остварување. Откако доживеа голем успех како автор на бестселерот „Тајниот дневник на Лора Палмер“, четиво кое излезе за време на „Твин Пикс“ еуфоријата, таа се обиде и како режисер, снимајќи го контроверзниот првенец „Заробената Хелена“ (1993), во кој како опсесивни љубовници брилјира актерскиот пар Џулијан Сендс и Шерилин Фен. Но автомобилската несреќа и операцијата на ‘рбетот си го направија своето, па Џ.Ч. Линч остана во филмските води пред се’ како извршен продуцент на незабележливи остварувања, по што, конечно, седна на режисерското столче кое дефинитивно носи многу поголем креативен адреналин.
Иако Дејвид Линч се развел од сликарката Пети Рејви Линч кога Џенифер имала само шест години, сепак, искуството од споделувањето на животот со двајцата големи уметници во целост го оформува нејзиниот светоглед. Несебичната поддршка која младата Линч отсекогаш ја добивала од својот татко од неа направи несекојдневна личност која, како и нејзиниот родител, постојано е инспирирана од мистеријата наречена смрт. Тоа воопшто и не треба да изненадува, бидејќи Џенифер на деветгодишна возраст игра една психоделична улога во „Eraserhead“ (1977) на Дејвид Линч, кое можеби е најбизарното дело воопшто во филмската историја.
Промоцијата на „Надзор“ се случи на филмскиот фестивал во Кан. Главните ролји ги толкуваат Бил Пулман и Џулија Ормонд како агенти на ФБИ во потрага по сериски убиец, потпомогнати од трите потенцијални жртви. Но истрагата ќе биде многу тешка, бидејќи сите три личности имаат сопствена, различна верзија на приказната. „Имав голема (не)среќа луѓето да умираат пред мене, а тоа е прилично вознемирувачки. Но сеќавањата на тие моменти со текот на времето стануваат се’ пофилмски. Затоа сакав да застанам на средина. Како детето се сеќава на смртта? Како зависникот од дрога се сеќава на смртта на сопатникот по шприц? И како полицаецот ја памети смртта, особено ако репутацијата му зависи од тоа?“, објаснува режисерката во едно интервју, прваејќи релација со филмовите на својот татко, со кого дели и една друга сличност, бирањето на истите актери за толкување на улогите во своите филмови, како Шерилин Фен, која играше забележителна улога во „Твин Пикс“, и Бил Пулман, кој е носител на главната ролја во „Изгубениот автопат“ на таткото-режисер.
Се’ на се’, „Надзор“ е уште едно вистинско „темно“ колаче за љубителите на филмовите од Линч-работилницата, кое, во најмала рака, ќе ви го разнесе умот. Нема бегање, проверено 😉
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 1 јули 2008 година.