Со осовременување на филмската технологија, стана популарно (читај: исплатливо) еден успешен проект да се истурка барем до трилогија, тој толку посакуван збор од продуцентите. Питер Џексон дури и паралелно ги снимаше трите дела на „Господар на прстените“, за потоа, година по година, на светот да му ја подари легендарната бајка на Џ.Р.Р. Толкин на големиот екран. Можеби не со тој интензитет, но сличен е случајот и со „Пиратите од карибите“, кој стана ултрапопуларно четиво особено за помладата генерација љубители на филмот. Веројатно најзаслужен за овој статус е г-нот Џони Деп, кој на маестрален начин го игра главниот лик Џек Врапчето, интересна комбинација од имиџот на Кит Ричардс од Ролинг стоунс и неколкуте негови поранешни улоги во филмовите на Тим Бартон, кадешто исто така брилјираше.
Но не е се’ во одличната улога само на еден актер, нели. Третиот дел, како и многу негови претходници („Матрикс“, да речеме), иако првите 20-тина минути почнува наративно, во смисла – ај да ве потсетиме што гледавте во претходните длови, во преостанатата прилично долга минутажа (дури 168 минути) е преполн со акција, која на моменти изгледа возбудливо, но на крајот и же ви здодее. Штета! Сепак, главен адут и во овој дел од серијалот е хуморот, кој иако звучи како да е преземен од некоја стара романтична новела, сепак суптилно, во текот на целото дејствие, мудро се провлекува покрај вас, барем за момент релаксирајќи ги тврдите ставови во однос на се’ она што се случува во филмот.
Главното прашање по снимањето на овој дел се наметнува само по себе: дали е тука крајот на оваа пиратска сага? Искрено, не ми се верува, бидејќи режисерот Гор Вербински во текот на филмот остави многу отворени фиоки, кои како да наведуваат дека ќе има и „четворка“. Но сеедно, бидејќи и онака авантурите на пиратите како интересна тема за големото платно е надмината веќе неколку децении, зашто одамна заврши Студената војна меѓу двата блока, кога филмовите за овие херои од минатото, барем додека бевме мали, изгледаа свежо и егзотично. Денес на светската сцена владеат правилата на некои други, поинакви, побескомпромисни „пирати“.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 26 јуни 2007 година.