Оддалечен само три километри од прекрасниот центар на градот, краковскиот Музеј на современа уметност на посетителите им овозможува увид во случувањата на полето на полската, европската и светската уметност во последниве неколку декади. На првиот кат е постојаната изложба со дела на современи полски уметници, а галериите на вториот кат нудат периодични тематски изложби. Дизајниран од Клаудио Нарди во неомодернистички стил, музејот содржи и кафетерија, библиотека и современ конзерваторски центар, и интересно, освен огромниот простор во кој се изложени делата, има уште неколку надворешни галерии во кои исто така се случува „уметност“. Реализацијата на овој проект, отворен на 19 мај 2011 година, чинеше 16 милиони евра, ко-финансирани од фондот на ЕУ.
Локацијата на МОСАК е во дворот на фабриката за емаjл на Оскар Шиндлер, и претставува одличен баланс откако ќе ја видите поставката во која се раскажува за случувањата во градот за време на Втората светска војна. По приказната за нацистичката лудост, прекрасно е да се видат идеите на уметниците кои размислуваат за минатото, сегашноста и иднината во контекст на напредокот на човечката цивилизација. Сепак, и приказната во овој музеј започнува со политика, но само за кратко. Имено, на влезот ве пречекува дел од ѕидот од Лениновото пристаниште во Гдањск, каде на 31 август 1980 година започнал бунтот на работниците во движењето „Солидарношч“ на чело со Лех Валнеса. Зад оваа инсталација е потпишана уметницата Дорота Незналска, која му го подарила овој артефакт на музејот по повод неговото отворање пред 12 години. Дури откако ќе минете покрај него, доаѓате до официјалниот музејски влез.
Првата изложба која ја посетив е онаа на која беа претставени локалните, краковски уметници, кои припаѓале на „Втората краковска група“ оформена во 1957 година. Приредена од кураторката Марија Ана Потоцка, отворена на 30 март, на изложбата можат да се видат светогледите на краковските уметници од средината до крајот на 20 век. Истата е отворена до 24 септември, па ако патот ве води во Краков, топла препорака да ја посетите.
Низ архивски материјали, фотографии, слики, инсталации и видеа, на оваа изложба е направен пресек на сето она што е значајно за уметноста на краковските претставници во втората половина на 20 век. На следните фотографии ја претставувам работата на неколку уметници кои го привлекоа моето субјективно внимание од различни аспекти. Разгледајте и пронајдете го и Вие својот фаворит 😉
Галерија „Кристофори“, водечка во 60-те години од 20 век:
Јонас Штерн:
Тадеуш Кантор:
Адам Марчински:
Тадеуш Брозовски:
Кажимјерж Микулски:
Марјан Варжеха:
Богуслав Шафер:
Јержи Береш:
Марек Пјасецки:
Јержи Новоселски:
Карол Пустелник:
Потоа патот низ МОСАК ве води во галерискиот дел каде е поставена самостојната изложба насловена „Ти си мој“ на уметникот Јакуб Јулијан Циолковски. Оваа психоделија изразена низ различни медиуми, од скулптури до слики, беше навистина интересно да се погледне и доживее. Еден од главните моменти во уметноста на Циолковски е користењето на каменот како подлога за психоделичните цртежи, кои варираат меѓу сонот и јавето. Лудило!
При крајот на ова „оноземно“ патување во светот на Циолковски ве очекува влез во мултимедијалната соба во која опуштено, навалени врз пердувестите фотелји, можете да го набљудувате делото „Сон за животот“ кое содржи една огромна слика надополнета со психоделична музика во позадината. Не знам, можеби уметникот требало да размисли за легална поделба на психоделични супстанци на посетителите за поинтензивно доживување на неговото откачено дело!? Но и така и вака, ефектот е величествен!
По психоделијата на Циолковски следи враќање во реалноста. На изложбата насловена „Современи модели на Реализмот“, исто така низ различни медиуми, сведочиме на поставките на неколку современи автори импресионирани од моќта на реалноста. Интересно, на влезот во галеријата со светликави букви беше испишан натписот од влезот на Аушвиц, со тоа што зборот „работа“ беше заменет со зборот „уметност“: „Kunst macht frei“.
По сите измешани емоции од виденото претходно, конечно, влез во нова хала и разгледување на постојаната музејска поставка која содржи неколку импресивни дела.
Едвард Двурник:
Вали Експорт:
Роберт Кушмировски:
Лаура Павела:
По зафрканцијата на Лаура Павела со јазикот на Мајкрософт кој ни ги „oбележува“ животите, не одолеав да не се сликнам во величествената коцкеста соба исполнета со букви на Стансилав Дрожд. Буквите уште повеќе го сведочат нашиот живот на оваа планета.
И на крајот од ова патување во Музејот на современа уметност во Краков, велелепната copy-paste инсталација на Ворхоловото студио „The Factory“ на полскиот уметник Кристијан Лупа. Приказната за еден од најинспиративните уметници во 20 век е пренесена до детаљ во оваа инсталација-соба која стопроцентно наликува на култното место „Фабрика“ на Енди Ворхол, во која тој творел и го креирал Поп-арт движењето, чиј дел станаа и „Велвет андерграунд“, кои оставија длабока трага во музичката историја.
Инсталацијата „Live Factory 2“ ги содржи славната Ворхолова црна софа, црвената фотелјка, столот за смртна казна кој тој ја овековечи во серијалот на сликарските платна, сето тоа надополнето со видео на ѕидот во кое уметникот Кристијан Лупа е претворен во Ворхол и на полски ја раскажува својата приказна, додека на телевизорот оди интерпретацијата на песната „Venus in Furs“ од Велвет андерграунд. Одлично потсетување на психоделичните њујоршки 60-ти години од минатиот век.
По толку многу уметност во мал временски интервал, време беше за освежување во музејската кафетерија, притоа минувајќи крај убаво уредената библиотека и музејската продавница. МОСАК овозможува интензивно доживување на современата уметност, и затоа, доколку го посетите Краков, не го одминувајте 😉