Кон „Индијана Џонс и артефактот на судбината“

Оваа постпандемиска 2023 година започна со премиерата на првиот од неколкуте продолженија на „Аватар“ на Џејмс Камерон, со што влезе во фолдерот „филмски серијали“ какви што филмската индустрија милува да негува со децении наназад. Трендот продолжува и летово со премирата на новото, петто продолжение на авантурите на омилениот археолог и авантурист на големото платно, Индијана Џонс, чија светска премиера се случи на  годинашното издание на престижниот филмски фестивал во Кан. Организаторите ја искористија шансата и на 80-годишниот ветеран му ја доделија „Почесната Златна Палма“ за животно дело.

Во 2008 година големо изненадување претставуваше премиерата на четвртиот дел на серијалот насловен „Индијана Џонс и кралството на кристалниот череп“. Никој не веруваше дека по деветнаесет години мајсторот Стивен Спилберг ќе му се врати на својот омилен филмски херој со оглед на годините на господинот Форд, но на крајот испадна дека „вечниот младич“ е секогаш подготвен за акција, па и на почетокот од деветтата деценија од својот актерски живот. Алал вера!

Со повампирувањето на негативните тенденции на општествен и политички план насекаде низ светот, некако очекувано беше во новиот, петти дел на сцена повторно да ги видиме неизбежните Нацисти, познатите љубители на историски артефакти уште од времето на Втората светска војна. Како и во првите четири дела, и во новиот воведната сцена е вистински ролеркоустер, каде во пљачкосувачкиот воз кој јури низ шините некаде низ централна Европа, Индијана стекнува нов непријател со кого се борат кој да го задржи драгоцениот пронајдок, Антикитерата на Архимед. Нејзината моќ да ги предвиди плимата и осеката, но и да кокетира со напукнувањата во времето, од неа  направи култна направа уште во третиот век пред нашата ера.

Импресионира интелигентноста со која новиот режисер Џејмс Манголд регрутира нова публика на познатиот филмски авантурист, но не заборавајќи и на старите фанови. Па така, Инди го гледаме како со коњ јава низ метрото, со што ја потврдува неговата умешност како и во претходните делови. Да не ја заборавиме и неговата единствена фобија од змиите, овде заменета со опасните јагули. Директните реминисценции, пак, не’ потсетуваат на крвните ритуали со божицата Кали од вториот дел, како и со препознатливата сцена со нападот на бубачките, која ми е една од највпечатливите во детството, кога се „навлеков“ на авантурите на Индијана Џонс. Бркотницата низ Тангир со тук-тук возилата е бонус плус, како и повторното појавување на старата љубов Марион (Карен Ален) и веселиот Салах (Џонатан Рис-Дејвис). Ефектно прекрасно!

Како и во филмскиот серијал за Џемс Бонд, и овде една од главните умешности е да се избере кој ќе го игра главниот негативец, а со изборот на потентниот Мадс Микелсен е направен вистински погодок. Неговиот строг изглед, особено кога е во наци-униформа, е прилично убедлив и сугестивен, особено кога ќе изусти реплики од типот: „Вие не ја добивте војната, туку Хитлер ја загуби“, или пак „Историјата е долг список на порази, ги увидов сите грешки, сакам да ги поправам“, потенцирајќи ја намерата да се врати во времето со помош на Антикитерата и да го смени текот на иднината, сето тоа низ чадот од цигарата. Во Холивуд повторно е дозволено да се пуши на големиот екран!?

Покрај неодоливиот Микелсен, вредно е да се потенцира и епизодната улога на вечниот шармер Антонио Бандерас како капетан на бродот, со кој Инди ќе влезе и во подводниот свет кој неретко крие драгоцености од минатото. Таму е во потрага по вториот дел од направата, Графикосот, со чија помош може да се патува низ времето. Сепак, ова не е „Враќање во иднината“, а кога веќе цело време во филмот и во текстов сме на релација минато-сегашност кои ја детерминнираат можната иднина, дејствието во „Артефактот на судбината“ континуирано скока од една кон друга одредница.

Во текот на приказната, од разорната Втора светска војна се префрламе кон крајот на 60-те години од 20 век, кога во ек е освојувањето на вселената, кое Инди воопшто не го интересира и е прилично саркастичен кон тие иницијативи за време на студената војна меѓу Истокот и Западот. Сегашноста, пак, е доволно индикативно објаснета со последните предавања на доктор Индијана Џонс пред пензионирањето, каде модерните студенти немаат основни познавања за случувањата со човечката цивилизација. Сепак, вистински спектакл е враќањето во времето на Архимед (Насер Мемарзиа), со кого се сретнува во 214 годиниа п.н.е, за време на легендарната битка за Сиракуза. Токму на тоа место Инди ќе сака и да остане, како круна на својата истражувачка кариера, бидејќи по одењето во пензија, извесно е кон каде ќе се движат нештата во неговиот живот. Но, така не мислат и неговите пријатели, враќајќи го во реалноста.

А таму, последниот кадар од филмот не дава многу надеж и за евентуално шесто продолжение. Препознатливиот шешир тажно виси на жицата за алишта на балконот, закачен со штипка, потврдувајќи ја онаа фудбалска фраза: „Ги закачи копачките на клин“. Но, како се вели: Никогаш не вели никогаш! Ова е сепак филмска уметност, а таму – се’ е можно. Затоа, Go Indie Go!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *